По неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата Телеграм, Радио Слободна Европа (РСЕ) идентификуваше 69 луѓе кои создадоа лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Новинарите пронајдоа и 88 веб-страници кои беа активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на, како што е посочено, „американските патриоти“.
Од 69 креатори на слични производи за продажба, врз основа на податоците од социјалните мрежи, може да се утврди дека најмалку 45 од нив како локација го поставиле македонскиот град Велес. Некои од „децата на Трамп“, кои го „прославија“ Велес со лажните вести за време на претседателските избори во САД, повторно се активираа, овој пат со продажба на сувенири, но и со совети „како да ги измамите Американците“.
Цените европски, а платите балкански, освен за функционерите
Власта најави дека од следниот месец нема да ја продолжи мерката за замрзнување на цените, додека граѓаните се жалат на континуиран раст на трошоците за живот и притисок од инфлацијата. Истовремено функционерите со новото усогласување може да добијат ново покачување на платите во износ повеќе од една минимална плата, доколку тоа не биде спречено во Собранието, а платите на работниците во јавниот сектор од март ќе пораснат за околу 2.000 денари.
Синдикалната потрошувачка кошничка овој месец е зголемена за 313 денари, според Сојузот на синдикатите на Македонија. Тоа е продолжување на трендот на раст на цените, со што само за два месеци трошоците за живот се зголемија за околу илјада денари, откако во јануари синдикалната потрошувачка кошничка порасна за 641 денар.
Се разгорува ли во скопското подземје?
Само во изминативе три години во полициските билтени се заведени најмалку шест убиства на лидери на криминалните скопски банди во четири одделни инциденти.
Доминација во трговијата со дрога, во скопското криминално подземје, покажување политичка надмоќ, преземање на пазарот со „рекет“ (таканаречената „заштита на казина“) и крвна одмазда се главните мотиви за разгорувањето на крвавата војна во скопското криминално подземје, вели за РСЕ полициски инспектор, кој побара да биде анонимен, за да може, како што вели, пензионерските денови да ги помине во мир.
Според него во подземното „портфолио“ на двата најголеми нарко- кланови во земјава влегуваат филмски режирани убиства во земјава и соседството, изнуда и крвна одмазда, трговија со кокаин од Јужна Америка на европско тло. Станува збор, наводно, за стотици милиони евра „тежок“ нелегален бизнис со дрога која минува низ Северна Македонија како транзитна земја од балканската шверцерска рута.
Зошто некогаш само поглед е доволен за тепачкa?
Месецот што измина го одбележаа неколку тепачки меѓу ученици, а за дел од нив, преку видеа на социјалните мрежи дозна и јавноста. Обвинителството покрена предмети откако две тинејџерки натепаа трета во центарот на Скопје и за деветтоодделенци од Кавадарци кои злоупотребувале фотографии на малолетни девојчиња и ги споделувале во четови.
Ученик ќе се скара со ученик или ќе крене рака на него и од љубомора, насобран гнев или едноставно ако некој сака да се прави важен. И порано имало случаи на булинг, но за тоа знаеле малкумина, велат за РСЕ наставници кои организираат работилници во училишта против врсничко насилство. Разликата е што сега преку видеата што ги снимаат самите ученици, а кои сведочат за булинг, за тоа дознаваат многу луѓе.
Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција
Повеќе функционери треба да се најдат на гласачкото ливче за изборите за шеф на државата. Законски забрани да бидат кандидати и да извршуваат друга функција нема, но дали некој од нив планира да се повлече ако влезе во изборната битка? Досега различна пракса – некои се откажуваа од старата функција за да влезат во битка за нова, други го чекаа изборниот резултат.
Еден министер, една пратеничка и тројца градоначалници се меѓу 13-те имиња кои во моментов се обидуваат да влезат во претседателската трка за изборите што треба да се одржат претстојната пролет во Северна Македонија. Покрај тоа што овие избори може да бидат едни со најдолгото гласачко ливче, извесно е дека ќе бидат забележани и како избори на кои има најмногу актуелни функционери кои се впуштиле во битката за шеф на државата.
Две години војна во Украина, Путин, Русија по Навални...
Од светските настани, во фокусот и понатаму е војната во Украина и случувањата во Русија по смртта на најголемиот критичар на кремљ - Алексеј Навални.
На двегодишнината од неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина, украинскиот претседател Володомир Зеленски вети победа, а Европа се обедини околу новото ветување дека ќе останат со Киев се до победа. Во исто време светските медиуми јавуваа дека Москва се снабдува со милиони гранати од Северна Кореја, паралелно со настојувањата за што помалку „врева“ околу погребот на најголемиот опозиционер, Алексеј Навални.
На крајот на овој избор, но не и помалку важен, доаѓа еден прилог „од поведрата страна“. Прилогот за Марија од Радовиш и нејзината одгледувачница на македонски шарпланинци.
Марија Ристова одгледува шарпланинци веќе пет години. Најголем дел од нив заминуваат во странство, каде вели, многу повеќе се цени оваа автохтона македонска раса која таа сака да му ја претстави на светот. За неа ова е извор на среќа која ја споделува со другите, а не извор на приход. Тоа што е во количка поради сообраќајка, не ја спречува да го прави тоа што го сака. Па со својата ангажираност на повеќе полиња, би сакала да биде пример дека сѐ е остварливо.
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл zlatkove@rferl.org