Доколку деновиве возите на главните сообраќајници низ Скопје, ќе забележите неколку вида на камери насочени кон вас. Првите се веќе поставените на кои граѓаните се навикнати и беа дел од проектот „Безбеден град“ кој беше промовиран во 2012 година. Нив ги има над булеварите, но и до нив монтирани на столбови кои се поставени на тротоарите и тие снимаат од страна.
Вториот и третиот тип се камери кои деновиве јавноста можеше да забележи како се поставуваат, едни се слични на оние од „Сејф сити“ и се поставени на истите столбови, додека за други државата постави сосема нови држачи и се со истакната сина боја.
Но, за сега од МВР нема никаков одговор за камерите кои предизвикаа големо внимание во јавноста и освен дека тие се уште не регистрираат прекршоци. Од таму само кусо одговорија дека новите камери се во рамките на проектот „Безбеден град” и ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци.
„Камерите се уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект соодветно ќе ја известиме јавноста.“, велат од министерството.
Видете и ова: Кинеската опрема инсталирана во Србија, забранета во САД, се преиспитува во ЕУНо, системот на кој се повикува МВР никогаш не профункционира како систем за прекршоци. Тогаш власта на ВМРО ДПМНЕ преку Министерството за внатрешни работи (МВР) постави околу 600 камери на системот „Сејф сити“ (Safe city) низ Скопје и во неколку други градови. Првично беше речено дека треба да служат за регистрирање на сообраќајни прекршоци, но никогаш не беше набавен софтвер за оваа намена па снимките од нив останаа да служат на тајните служби и во разрешување на кривични дела.
Неофицијалните информации беа дека е набавен со одлука на влада од израелска фирма. Софтвер за нив не беше набавен па останаа само во служба на тајните служби.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И во последното интервју кое Радио Слободна Европа го имаше со Министерот Оливер Спасовски тој не откри ниту колку чини нивното одржување и покрај тоа што медиумите објавуваа суми од повеќе милиони евра годишно.
Во неколку наврати пак сегашниот министер Оливер Спасовски говореше за повеќе опции за казнување во сообраќајот со помош на камери, но никогаш не кажа точно на кој начин ќе го спроведува.
Тендер за камерите во тајност, јавен само за возилата „пресретнувачи“
Ако се прелиста сајтот на Бирото за јавни набавки може да се забележи дека Министерството за внатрешни неодамна склучило договор за набавка на камери и фотоапарати. Склучен е на 27 ноември годинава со скопската фирма „Рефот“ и тежи речиси 100 илјади евра. Но, доколку се анализира договорот се работи само за фотоапарати и тоа рачни. Единствено на сајтот за набавки, а поврзано со целта за следење на сообраќајни прекршоци, може да се најде набавката на ново промовираните возила кои во движење ќе снимаат и ќе казнуваат.
Тоа се возила со „PolCam“ систем, кои всушност се опремени со внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење. Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот деновиве ги предаде на МВР и всушност токму тоа и ја завршило набавката. Склучило два договори еден за набавка на возила и еден за системот за контрола.
Со првата набавка советот уште во мај годинава набавил две возила шкода октавија за потребите на МВР во кои ќе бидат вградени пресретнувачи. Тие вкупно чинеле 82 илјади евра или по околу 41 илјада евра по возило. Набавени се од кумановската фирма Делукс Ауто, истата која во јавноста стана позната откако беше објавено дека МВР без тендер набавило 45 возила, подоцна со неа соработуваа и Министерството за одбрана и Општина Куманово, а ВМРО ДПМНЕ обвини дека се работи за партиски донатор, додека од фирмата демантираа. Овој договор не е јавно објавен на страницата на бирото освен набавката.
Видете и ова: „Големиот брат и малите сестри“-Србија надгледувана од кинески камериДоговорот за набавка на пресретнувачите пак е јавен и според него од скопската фирма „Хипомед“ се купени два системи – мерила за брзина на возила во движење за вкупен износ од 86 300 евра. Со него продавачот е обврзан при примопредавањето тие веќе да бидат впишани во регистарот на мерила, да имаат прва калибрација и да функционираат на македонски јазик. Обврзан е и да им изврши обука на 8 полицајци и тоа најголем дел од обуката е теренска. Системите се од полско производство, а според спецификацијата имаат 10 инчен монитор, дисплеј и дигитална камера во боја. Инаку мерат брзина во распон од 10 до 300 км/час. Точноста на мерењето до 100 км/час е со грешка до 3%. Софтверот мери во двата правца, документира и во услови на намалена видливост, а архивира фотографии од возилото кое го следи.
Каде е софтверот кој беше набавен со потпис на Рашковски?
Судскиот процес против екс Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски за злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари и фалсификување исправа заврши со првостепена пресуда од осум годишна затворска казна за него како првообвинет. Меѓу другото предмет на обвинението беше и незаконска набавка на софтверот за определување просечна брзина на возилата кој чинеше 80 илјади евра.
Од Обвинителството не кажуваат каде се наоѓа сега овој софтвер и каква ќе биде неговата иднина, кој всушност е еден лап топ со потребните податоци. Тој беше запленет од обвинителството како доказен материјал во судската постапка, но до сега никој не се заинтересирал каква ќе биде неговата иднина. Безбедносни експерти за Радио Слободна Европа коментираат дека токму таков може да се користи за потребите и на МВР, изработен е на факултетот ФИНКИ и чини многу помалку од досегашните решенија.
Видете и ова: Зеќири сведочеше против Рашковски за случајот „Софтвери“
Според вештакот на обвинителството во постапката овој софтвер бил нефункционален и така пишува и во пресудата бидејќи како релевантно е земено ваквото вештачење. Но, според изработувачите тој не успеал да го поврзе со хардверскиот дел и поради тоа му појавувало грешка. Изработиле вештачење со кое бил тестиран на Булевар Партизанска со кое докажале дека се покажала функционалноста.
За пробното тестирање биле набавени и 4 камери преку кои се регистрираат прекршоците. Тестирањето е извршено со измислени податоци за регистарски таблици, бидејќи МВР никогаш не се вклучило во процесот. Во последното интервју на Спасовски за РСЕ, тој одби воопшто да коментира дали системот „Сејф сити“ би можел всушност да се надогради со овој софтвер, тврдејќи дека тој нема никаква врска со министерството. И тогаш рече дека веќе имаат нов проект за надградба на постоечкиот систем за кој не откри колку ќе чини.
„Ќе зависи од тоа што сакаме да надградиме и од што имаме потреба. На крајот ако направите пресметка ќе видите дека спречувањето на кражби, убиства и на повреди, односно еден човечки живот е многу повеќе отколку било која финансиска сума“, рече Спасовски.