Нови мобилни скенери од кинескиот производител Nuctech неодамна беа поставени на граничниот премин меѓу Србија и Бугарија на истокот од земјата. Тоа е кинеска донација и не е прв ваков аранжман на Србија со оваа компанија.
Сепак, од првиот договор меѓу Србија и Nuctech, во 2009 година, до денес, овој технолошки магнат, специјализиран во областа на безбедноста, го следат бројни контроверзии.
Од 2020 година, компанијата е на „црната листа“ на Соединетите Држави.
Nuctech е присутен и во земјите од Европската Унија, каде повеќе од 50 членови на Европскиот парламент побараа од Европската Комисија да ја исклучи компанијата од тендерот поради безбедносни причини.
Повикот за претпазливост се должи на стравувањата дека кинеските власти имаат пристап до патни и комерцијални информации за други земји преку Nuctech.
Nuctech има блиски врски со највисокото раководство на Кина, а нејзината матична компанија е контролирана од државната кинеска Национална нуклеарна корпорација.
Зошто и каде се инсталирани мобилни скенери во Србија?
Полицијата на 29 октомври соопшти дека на граничниот премин Градина, на границата со Бугарија, биле поставени кинески мобилни скенери.
Во соопштението Министерството за внатрешни работи (МВР) не го спомена името на кинеската компанија, но на приложените фотографии од полицијата се гледа дека се работи за возила на Nuctech.
Во соопштението на МВР исто така, не е прецизирана вредноста на донацијата.
„Со користење на овие скенери ќе се овозможи поефикасно откривање на нелегална стока, како и на лица кои нелегално се превезуваат во товарни моторни возила“, се вели во соопштението.
Оваа донација доаѓа во време на зголемена полициска контрола на граничните премини, откако тројца мигранти беа убиени, а еден беше ранет во пукање на северната граница на Србија и Унгарија на крајот на октомври.
Србија се наоѓа на таканаречената „балканска рута“ низ која минуваат мигрантите кои бегаат од војна и сиромаштија на пат кон ЕУ.
МВР не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за деталите за донацијата, како и дали производителот ги исполнува безбедносните стандарди.
Кој сѐ го оспорува Nuctech во Европа?
Најмалку 50 од 750 членови на Европскиот парламент испратија писмо до Европската комисија во 2022 година во кое предупредуваат дека поставувањето опрема на Nuctech на европските граници ќе ја загрози националната безбедност.
Имено, според магазинот „Политико“, причина за ова било прашањето како земјите-членки трошат фонд од една милијарда евра за опремување на царинските контроли на Европската Унија.
„Употребата на фондовите на ЕУ за понатамошно зајакнување на присуството на Nuctech во критичната инфраструктура на Европа претставува единствена можност за компанијата и кинеската влада да собираат чувствителни царински податоци кои можат да бидат штетни за комерцијалните и безбедносните интереси на земјите-членки на ЕУ“, писмото од 2022 години, соопшти „Политико“.
Главните иницијатори и потписници на писмото се, меѓу другите, либералот „Обнови ја Европа“ Барт Гротес. Овој европратеник е поранешен шеф за сајбер безбедност во холандското Министерство за одбрана.
Потписник е и Французинката Натали Лоазо, која е и претседателка на Поткомитетот за безбедност и одбрана во Европскиот парламент.
Непосредна причина за предупредувањата беше договорот на аеродромот во Стразбур со компанијата Nuctech.
Во изјава за Ројтерс на 17 октомври 2022 година, либералот Барт Гротес објасни дека неговата главна грижа е што „оваа компанија во државна сопственост е обврзана со Законот за разузнавање од 2017 година“.
Гореспоменатиот закон и дозволува на кинеската влада да бара деловни информации од технолошките компании под изговор дека е важно да се државни разузнавачки информации.
РСЕ ја праша Европската Комисија кои се безбедносните закани кога станува збор за употребата на Nuctech опремата на границите и аеродромите, како и дали ЕУ воведе нови критериуми како одговор на загриженоста за употребата на Nuctech технологијата.
Од Европската Комисија изјавија дека не можат да коментираат за поединечни компании, но оти презеле „низа мерки“ кои треба да ја гарантираат безбедноста на опремата за царинска контрола што се користи во ЕУ.
„Безбедносните барања треба да бидат соодветно претставени во критериумите за избор и доделување (на работа) и треба да имаат предност пред другите критериуми, како што е цената“, се вели во одговорот за РСЕ.
Исто така, Европската Комисија наведува дека самите земји-членки се одговорни за набавка на опрема.
Погледот на јавно објавените тендери на ЕУ покажува дека Nuctech доби два тендери во текот на 2023 година. Опрема за скенирање багаж беше продадена на аеродромот во Џенова, Италија, а мобилен скенер за рендген и беше продаден на Полска.
Кочница за Nuctech во Литванија и Белгија
Литванската влада ја блокираше испораката на опремата за скенирање на багаж на аеродромот Nuctech во 2021 година, објави тогаш Ројтерс.
Во одговорот за Радио Слободна Европа, Министерството за одбрана на Литванија наведува дека во февруари 2021 година Владата објавила дека планираниот договор на литванските аеродроми со Nuctech претставува „закана за националната безбедност поради поврзаноста на компанијата со владините институции на Народна Република Кина“.
„Оваа одлука се заснова на заклучоците на Координативната комисија за заштита на објекти од значење за националната безбедност, која е национално тело одговорно за проверка на инвестициите и преземањата во сектори од стратешко значење. Судовите подоцна го отфрлија барањето на Nuctech да ја поништи владиниот одлука“, се вели во одговорот на РСЕ.
Исто така во одговорот се вели дека Литванија изменила неколку акти за јавни набавки за да може да ги одбие понудите доколку добавувачот или лицето што ги контролира е од земја која „не се смета за доверлива“.
И Белгија оваа година одлучи да ја исклучи Nuctech од тендерот за набавка на рендген скенери за контрола на возила и контејнери на царина.
Белгискиот министер за финансии одлучи да покани само избрани компании да конкурираат, а Nuctech поднесе жалба до Врховниот управен суд (Државниот совет) во Белгија, објави „The Brussels Times“.
Државниот совет на Белгија, по барање на РСЕ, испрати пресуда во која се наведува дека таа институција ја одбила жалбата на Nuctech, а се однесува на заштитата на „националната безбедност“.
Компанијата Nuctech не одговори на прашањата на РСЕ за сите обвинувања кои ги следат во ЕУ и САД, како и за деталите за аранжманите и донациите за Србија.
На црната листа во САД, предупредувања од Канада
Компанијата Nuctech, како што е наведено во јавниот регистар на Владата на Соединетите Држави, беше ставена на „црната листа“ во 2020 година поради „учество во активности спротивни на националните безбедносни интереси на САД“.
„Помалку ефикасната опрема на Nuctech ги поткопува напорите на САД за борба против нелегалната меѓународна трговија со нуклеарни и други радиоактивни материјали“, се вели во соопштението на веб-страницата на американскиот регистар.
Се додава дека „опремата со пониски перформанси значи помалку строга проверка на товарот“.
Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео подоцна во посебна изјава рече дека земјата ќе ги искористи „сите достапни контрамерки“ за да ги спречи кинеските компании и институции да користат американски стоки и технологија за „злонамерни цели“.
Канадската влада, исто така, во својот извештај за 2020 година забележа дека кога станува збор за набавка на опрема на Nuctech, безбедносните скенери потенцијално би можеле да се користат за тајно собирање и пренесување информации, објави Гласот на Америка.
Според извештаите на медиумите, таа година Nuctech добил договор за продажба на опрема во вредност од 6,8 милиони долари на 170 канадски амбасади и конзулати ширум светот, кој подоцна бил откажан.
Прашањето за безбедност и транспарентност во Србија
Ана Крстиновска, истражувач на невладината China Observers in Central and Eastern Europe, за РСЕ вели дека треба да се биде внимателен кога станува збор за донирање скенери на српската царина.
Крстиновска посочува дека владите во регионот треба да имаат предвид какви „подароци“ им се нудат и дали треба да ги прифатат и искористат.
„(Прашањето е) дали (скенерите) се опремени со контроверзна технологија која може да собира и следи податоци поврзани со движењето на стоки и патници. Заострување на регулативите во Кина кои бараат компаниите да ги споделат таквите податоци со владата доколку тоа се побара, е причината поради која опремата на Nuctech е забранета во некои земји“, вели Крстиновска.
Таа потсетува дека Србија ја направила првата набавка на скенери од оваа компанија во 2009 година, што може да се види и од податоците на веб-страницата на Nuctech.
„Во тоа време, ниту Nuctech, ниту тој вид кинеска донација на опрема или заеми, не се сметаа за контроверзни. Мотивацијата на кинеската страна беше повеќе да ги промовира своите домашни компании, да им помогне да навлезат на европскиот пазар и да обезбедат дополнителни договори“, вели таа.
Исто така, според податоците од нејзината веб-страница, Nuctech донираше опрема на Србија во 2020 година за борба против пандемијата.
Покрај донации од кинеската компанија, Србија купи и опрема од Nuctech.
Како што може да се види од јавно достапните информации, таа од 2014 година се задолжила од Кинеската експорт-импорт банка за да купи „Проект за систем за проверка на контејнери/возила“ од таа компанија.
Тие кредити ги плаќа и сега. Во буџетот на Србија за оваа година е наведено дека заемот ќе се плаќа до 2025 година, а во моментов за опремата на Nuctech и должи уште 8 631 474 евра.
Според Ана Крстиновска од China Observers, соработката со Nuctech во оваа смисла го отвора и прашањето за транспарентност на аранжманот.
„Она што е сосема уникатно за Кина, а исто така загрижувачко, е користењето заеми кои се врзани за кинеските компании и добавувачи. Заемите на крајот се враќаат. Тоа не се подароци или инвестиции, туку пари на даночните обврзници, така што треба да има правилна постапка за набавка за да се избере најдобрата понуда со вредност за парите“, вели таа.
Србија постојано купувала кинеска опрема и услуги без тендер, повикувајќи се на меѓудржавниот договор што го има со Кина.
Соработка меѓу Србија и Кина
Иако Србија е кандидат за членство во Европската Унија, има развиена соработка со Кина.
Официјалните претставници на двете земји со години нагласуваат дека ги врзува „чесно пријателство“.
Кина и дава политичка поддршка на Србија. Најзначајно за Србија е тоа што Кина не го призна Косово како независна држава.
Поради зајакнувањето на соработката со Кина, Србија постојано трпи критики од западните земји. Набавката на кинеска технологија и прашањето за безбедноста на нејзиното користење досега неколкупати беше во фокусот на јавноста во Србија.
Од 2017 година, Министерството за внатрешни работи склучи договор со компанијата Huawei за воведување системи за камери за проектот „Безбеден град“.
Во рамките на тој договор набавени се и камери за препознавање на лица и идентификација на граѓаните на јавни места. Технологијата на Huawei се смета за контроверзна на Запад од гледна точка на кршење на човековите права и приватноста на граѓаните.
Истражувањето на РСЕ покажа дека во повеќе од 40 градови и општини низ Србија се воведени „паметни“ камери од кинеско производство. Непропорционално голем број од нив се поставени и во помалите градови каде што бројот на жители се мери во стотици.