Бура од реакции во јавноста предизвика одлуката на Апелација од 18 да му се намали на 8 години затворската казна на Ангелче Николов од Велес, кој во пијана состојба ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова и побегна од местото на настанот, а притоа возел и со брзина повисока од пропишаната.
Апелација на 12 страници ја образложи пресудата, а клучните елементи зошто има драстично намалување на казната за Николов се базираат најмногу на тоа дека се работи за млад, неженет човек кој се покајал за делото, нема други постапки кои се водат против него, како и тоа дека неговиот брат починал во сообраќајна незгода, па судот цени дека тој ги разбира траумите низ кои поминува семејството.
Сепак, пресудата повторно отвори јавна дебата за довербата во судството и начинот на носење на пресудите. Конкретно за овој случај, прв на социјалните мрежи реагираше адвокатот Јанаки Митровски, кој го застапуваше семејството на малата Магдалена од Велес. Тој напиша дека пресудата на Апелација е шок и сол на рана за семејството.
Набргу по неговата објава, буквално се отвори дебата на социјалните мрежи и во медиумите за тоа како е возможно да има толку голема разлика помеѓу првостепената пресуда и онаа на Апелација. Тоа повторно го разбуди гневот кај граѓаните и за слични случаи во минатото кога се носеа контроверзни пресуди за сторителите во саообраќајки со трагичен крај.
Случаи кои ја брануваа јавноста
Преиначувањето на казната за случајот со 11-годишната Магдалена не е единствениот во земјава кога имало бројни реакции за одлуките на судовите.
- Протести, негодувања и гнев кај семејството Николови од Радовиш предизвика тригодишната затворска казна за Јордан Горгиев кој на 20 јануари минатата година на пешачки премин кај Сити Мол ја прегази и усмрти 24-годишната радовишанка Викторија Николова. Според пресудата, обвинетиот се движел со брзина над дозволената. Судот при изрекување на пресудата посочи дека се ценети и олеснителните околности - тоа дека возачот има само 23 години, дека се кае за делото и дека досега не бил осудуван. Неколку месеци подоцна, откако семејството ја обжали пресудата, Апелација реши да ја зголеми казната, па така наместо три, Јордан Горгиев беше осуден на четири години затвор. Семејството организираше и протести пред Кривичниот суд во Скопје.
- Големо внимание во јавноста предизвика и трагичната сообраќајка кај Млечен ресторан во Скопје, кога во октомври 2018 година 61-годишниот Васил Чорбаџиев со неговиот автомобил поминал преку две полни ленти и вртејќи во забранет правец го усмрти 32-годишниот Гоце Димитриевски, кој во тој момент управувал со мотор. Во септември 2020 година, основниот суд го осуди Чорбаџиев на условна казна затвор што предизвика револт кај роднините на жртвите, но и кај целата јавност воопшто. Пет месеци подоцна, Апелација ја преиначи пресудата и одлучи Чорбаџиев да добие затворска казна од две години и два месеца.
- Уште еден случај во кој роднините со години ја бараа правдата во судските лавиринти беше и сообраќајката во близина на Католичка црква во Скопје, кога на 15 ноември 2014 година, 20-годишниот Џенис Мекиќ управувајќи со џип со голема брзина го прегази 16-годишниот Иван Билински. Мекиќ доби првостепена пресуда од 2 години и шест месеци затвор. Семејството се жалеше, но Апелација само ја потврди 2 ипол годишната затворска казна изречена во 2017 година. Сепак, Врховниот суд ја укина оваа пресуда и го врати случајот на повторено судење, но и по 9 години, се уште нема пресуда. Во 2021 година Врховен и МВР се произнесоа дека обвинетиот е надвор од државата, најверојатно во Австрија.
- Се уште се памети случајот на Фросина Цековска, студентка од Крива Паланка, која загина на пешачки премин во сообраќајка на булеварот Партизански одреди кај Универзална сала на 3 април 2015 година. Возачот Љубиша Видојковиќ не застанал по кобниот судир, а при прегледот му беа најдени 1,2 промили алкохол во крвта. Кривичен еднаш го осуди на 6 и пол години затвор, но Апелација го врати процесот на повторно судење и ја поништи пресудата. На второто судење, Видојковиќ беше осуден на 4 години затвор, но Апелација по разгледување на жалбата му ја намали затворската казна дополнително на 3 години. Сепак, и на оваа одлука на Апелација имаше интервенција од страна на Врховен, каде по поднесените жалби од семејството, се донесе одлука Љубиша Видојковиќ наместо три да добие четири годишна затворска казна. Тој побегна од местото на несреќата и сам се пријави во полициската станица „Ѓорче Петров“.
Аврамовски: Судовите не успеваат дадат детално образложение за пресудите
Правникот Дарко Аврамовски од „Коалиција сите за правично судење“, вели дека главниот проблем поради кој во јавноста, како што вели со право се реагира за големи разлики во пресудите на првостепениот суд и Апелација, како што е случајот со малата Магдалена, всушност лежи во тоа што ниту едниот ниту другиот суд не даваат темелни образложенија зошто е донесена таква пресуда.
„Ако ги погледнете првостепената и второстепената пресуда ќе забележите дека и во двете пресуди се користат стереотипни апстрактни образложенија повикувајќи се на имотната состојба, тежината на кривичното дело и така натаму. Реакциите кои се оправдани доаѓаат бидејќи судовите не успеваат да ги образложат пресудите и да ја стекнат довербата кај граѓаните што е особено важно“, вели Аврамовски, кој додава дека и Европскиот суд за човекови права нотира дека е неопходно детално образложување на пресудите.
„Исто така и според Европскиот суд за човекови права во Стразбур е наведено дека кога имате отстапување на практиката на казнивост во земјата, тогаш тоа тоа мора да биде многу темелно образложено зошто е направено таквото отстапување, нешто што во овој случај го немаат направено ниту првостепениот ниту второстепениот суд“, објаснува Аврамовски Тој потенцира и дека токму недостатокот на образложение на пресудите од судовите некогаш може да биде и поголем проблем од висината на самата пресуда.