Достапни линкови

Многу галама за корупцијата, а во пракса без резултати


Поранешни и актуелни функционери, иако обвинети или осудени се уште се на слобода, бидејќи процесите против нив траат долго. Меѓународната заедница повикува на позасилена борба против корупцијата. Владата ветува мерки. Но практиката засега не ги следи ветувањата и очекувањата на граѓаните.

По шест години откако тогашното Специјално јавно обвинителство - СЈО ја отвори истрагата за случајот наречен „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување, Апелациониот суд ги поништи пресудите за обвинетите лица. Случајот кој траеше со години сега се враќа на повторно судење, а клучниот обвинет, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков иако е осуден на над 20 години затвор за неколку предмети кои се водеа против него, се уште е на слобода.

Како што е познато СЈО произлезе откако тогашната опозициска партија СДСМ на чело со Зоран Заев ја обелодени аферата со прислушување, што резултираше со протести на таканаречената „Шарена револуција“ која ја урна власта предводена од премиерот Никола Груевски.

Со прислушуваните разговори се отворија наводи за корупција во високите кругови на власта, а нејзиното недемократско постапување ја однесе во опозиција. Очекувањата по формирањето на СЈО беа големи, дека правдата ќе надвладе во Северна Македонија, а одговорните ќе завршат зад решетки.

Се редеја низа истраги на СЈО под имињата Титаник, Трезор, Таргет и Тврдина, Империја и други. Но, СЈО одамна е минато, а предметите иако ги презема државното обвинителство, некои од нив никако да добијат завршница и покрај инсистирањето на меѓународната заедница. На слобода се бројни поранешни функционери кои беа опфатени во случаите на СЈО.

Само да потестиме, ниту Груевски не отиде во затвор, туку избега во Будимпешта каде доби политички азил. Другите главни протагонисти во аферата со прислушкување и корупциски скандали, како екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој е рекордер во обвиненијата против него, често е во судница, но не е зад решетки. Од тогашните министри, единствено министерката за внатрешни работи Гордна Јанкуловска отслужува затвор за случајот Тенк.

Корупциски скандали и во актуелната власт

Владата предводена од СДСМ иако го презема раководењето со државата благодарение на своите заложби дека ќе испорача правда дозволи Груевски да и избега, а Мијалков слободно да шета. Но, се соочи и со обвиненија за корупција во своите редови.

Двајца нејзини поранешни генерални секретари, Драги Рашковски и Мухамед Зекири се обвинети и во тек е судењето против нив. Рашковски заедно со уште шест лица се товари за нелегалната набавка на софтвер за потребите на Министерството за внатрешни работи. Зекири е обвинет дека без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги за потребите на Владата.

Повици за засилена борба против корупцијата

И додека правдата е „спора“ се погласни во последниот период се критиките од меѓународната заедница за борбата против корупцијата во земјава.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер најави дека Вашингтон испраќа тим во Македонија за поагресивен поглед на корумпирани учесници и сегашни и минати.

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша на Твитер, амбасадорката Агелер.

Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата.

РСЕ отвори наводи за корупција

РСЕ изминатиот период пишуваше за низа случаи поврзани со корупција. За тоа дека сопруги, ќерки и синови на сегашни и поранешни функционери како и поранешна пратеничка се дел од 150-те вработените во Агенцијата за електронски комуникации.

Потоа дека Државниот електропреносен систем МЕПСО троши по повеќе од 600 илјади евра годишно за плати за околу 50 непотребно вработени.

За украдена медицинска опрема од болниците во Македонија која завршила во Косово и во рацете на бизнисменот Дритон Шуки, кој поврзан е и со политичари од двете земји.

Откривме дека рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола со години дели тендери фирмата Компакт МСФ, а нејзината сопственичка и нејзиниот сопруг се вработени во државното претпријатие и имаат поврзаност со владејачката партија СДСМ.

Владата најави мерки

Владата по критиките се огласи дека преку обезбедување непречена работа на институциите, внимавање на интегритетот и професионалноста на оние кои ги водат институциите и политичка волја, ќе се бори против корупцијата.

„Она што е надлежност на Владата е да обезбеди независно функционирање на сите истражни, обвинителски и судски органи во државата, а тоа го правиме преку обезбедување на независен буџет. Второ преку изработка на закони со кои се уредува таа област кои се усогласени со ЕУ, дел од тие закони се веќе донесени, а дел се блокирани поради блокадата на опозицијата. И трето многу важно е неселективниот пристап кон корупцијата“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

По ланскиот најлош резултат и 111 место на листата за перцепција на корупцијата, годинава Македонија напредуваше за 24 места. Според извештајот на Транспаренси интернешнал, годинава, Македонија е рангирана на 87-место од 180 држави во светот со 39 индексни поени. Најдобар резултат во изминатата деценија Македонија имаше во 2014 година, кога со 45 индексни поени беше рангирана на 64 место во светот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG