Крајно спротивставени оценки за „фуриозните“ 100 дена на владата
Економијата е во предност пред политиката, со најава за сериозна борба против криминалот и корупцијата, но без видливи поголеми резултати, додека граѓаните се уште ги чекаат придобивките од „фуриозниот старт“ на новата влада на премиерот Христијан Мицкоски.
Вака накусо може да се сублимираат првите сто дена од работата на владејачката коалиција, кои за партиите во власта се успешни, а за опозицијата се - катастрофални.
Аналитичарите пак, без поголеми очекувања, велат сто дена се малку за да се оцени работата на Владата, но доволно за да покажат во која насока ќе се движи државата политика.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека првите 100 дена од изборот на новата Влада не биле лесни, но рече дека реализирале, донеле или отпочнале над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.
„Наследивме потрошен годишен буџет за само шест месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме и да излеземе на правиот пат“, изјави Мицкоски. Додаде дека сега државата ќе се фокусира и на ЕУ, како и на внатрешните реформи, но, без дополнителни понижувања и отстапки, додавајќи дека земјава има многу пријатели во европското семејство.
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече дека новата Влада не исполнила ништо од ветувањата.
„Добивме влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност, влада која врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите“, оцени Филипче.
Аналитичарот Џелал Незири оценува дека дел од економските одлуки кои ги донесе новата Влада беа подобри од политичките.
Компаниите чекаат прецизирање на условите за користење на кредитот од Унгарија
Стопанската комора и Комората на Северозападна Македонија немаат никакви детали за начинот на кој ќе се делат 250 милиони евра кои Владата ги најавува како заем од Унгарија, а ќе бидат наменети за развој на бизнисите.
Од владата за РСЕ одговорија дека условите се веќе познати. „Како што веќе е најавено, се очекува стопанството, компаниите да учествуваат со уште најмалку иста парична сума, 250 милиони, со тоа да се зголеми или дуплира производството и да се дојде до најмалку 5000 нови отворени работни места, со што ќе се влијае на севкупниот економски раст на Македонија“, се вели во одговорот од владата. Но, попрецизни детали и инструкции, нема.
Договорот за обезбедување на средствата од заемот од Унгарија, делот наменети за компаниите, се очекува да биде потпишан наскоро, велат за РСЕ од Владата.
Видете и ова: Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договоротОд кредитот од 500 милиони евра, половина ќе бидат достапни за проекти за општините и огласот е веќе распишан, и сите општини конкурирале.
Даниел Хегедуш, виш соработник во тинк-тенк организацијата за јавна политика на германскиот „Маршалов фонд“ во Берлин, во изјава за РСЕ, вели дека унгарските елити ќе имаат корист од финансиските врски со Северна Македонија, дури и ако придобивките за унгарскиот државен заемодавач, Ексим банката, остануваат помалку јасни.
Тој оценува дека една од декларираните цели на унгарската влада е да ја позиционира Унгарија како меѓународен кредитор и да користи насочени повластени заеми за да го прошири глобалното влијание на земјата.
Најавен влез на Унгарија и во телекомуникациите
И по еден месец откако е потпишан Меморандумот за разбирање и обостраниот интерес на Северна Македонија и унгарската компанија „4IG“ за либерализација на телекомуникациската мрежа, досега до Агенцијата за електронски комуникации не е пристигнато никакво официјално барање за покажување интерес - ниту од страна на Владата ниту од унгарскиот „4IG“.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е институцијата која треба да ја спроведе постапката за избор на евентуален трет мобилен оператор во Северна Македонија.
Директорот на институцијата Јетон Акику за РСЕ вели дека постапката налага дека врз основа на покажан интерес, АЕК треба да направи анализа, да се отвори јавен повик и да се спроведе тендерска постапка.
Во октомври 2020 година, владите на Соединетите Американски Држави (САД) и Северна Македонија потпишаа Меморандум за разбирање и за безбедност на 5Г технологијата. Со меморандумот, Северна Македонија се обврза дека нема да користи 5Г технологија од „непроверени и некредибилни“ производители, меѓу кои спаѓаат кинеските „Хуавеи“ и „ЗТЕ“.
Видете и ова: Внимателно кон трет мобилен операторОд амбасада на САД во земјава порачуваат дека Владата ќе продолжи да го почитува договорот.
Евентуалниот влез на унгарскиот „4IG“ на македонскиот пазар, за Ана Крстиновска од невладината организација „Естима“, која е експерт и долгогодишен набљудувач на кинеското влијание во Северна Македонија и регионот, значи и потенцијална влезна точка на Кина преку „Хуавеи“.
Од унгарската „4IG“ за РСЕ велат дека ги имаат во предвид македонските локални регулативи.
„4iG Group“ целосно ги почитува и ги исполнува локалните регулативи без оглед на кој било регион. На пример, One Albania го користи Ericsson, не само како технолошко наследство, туку и за усогласување со регулаторот, но One Montenegro работи на хардвер ZTE што е исто така наследена ситуација. Главниот приоритет е да се следат и да се усогласат со локалните прописи“, одговорија од унгарската компанија за РСЕ.
Кинескиот Хуавеи и унгарскиот 4IG потпишаа писмо со намери за воспоставување заедничка платформа за облак услуги за унгарските компании и големите кинески и азиски компании со присуство во Централна и Источна Европа за време на посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Будимпешта од 8-10 мај 2024 година.
Масовни барања азил на Запад, но и масовни депортации
Северна Македонија е меѓу земјите на врвот на листата по број на лица кои бараат азил во Германија, но и на врвот по бројот на лица кои биле вратени во матичната држава. За осум месеци од странски држави биле депортирани 1.020 Македонци. Најголем дел од нив, 892, биле протерани од Германија.
Во 2023 година, Германија регистрирала 5.999 барања за азил од државјани на Северна Македонија. Тоа е речиси двојно повеќе од Србија, од каде имало 3.526 барања. Следат граѓаните на Албанија со 2.233 апликации за азил, Босна и Херцеговина со 1.132, Косово со 700 и Црногорците со 299 барања за азил.
Македонка која работи во Центар за баратели на азил во Германија, вели дека во тој, а и во други центри, меѓу државјаните од Северна Македонија, Ромите се најбројни.
„На барателите, додека чекаат азил, германската влада им даваше пари да го преживеат месецот. Во последно време, наместо пари, почесто добиваат ваучери од големите маркети за храна и за облека, со цел наменски да ги трошат парите. Има такви кои доаѓаат, седат додека можат, ќе видат дека не можат да добијат многу пари и сами ќе се пријават дека сакаат да се вратат дома. Но, имавме и луѓе кои ги депортираат затоа што се проблематични, крадат, се тепаат или напаѓаат други лица“, вели нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.
Дениз Селмани, програмски менаџер во организацијата „Ромалитико“, вели дека Ромите често заминуваат во Германија затоа што дома долго не можат да најдат работа, дури и тие што се регистрирани како невработени во Агенцијата за вработување. Од друга страна, гарантираната минимална помош не е доволна за да се прехранат семејствата, кои често се повеќебројни.
Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, превземајќи ја должноста од досегашниот, Јенс Столтенберг, на неговиот прв ден како шев на алијансата, изјави дека Украина е на врвот на неговата листа на приоритети, но тој и понатаму не се обврза кога всушност може Киев да и се приклучи.
Говорејќи во седиштето на НАТО во Брисел, Руте ги избегна најтешките прашања кога се соочи со печатот за прв пат во неговата сегашна улога, на ист начин како што тоа го правеше неговиот претходник Јенс Столтенберг во неговата деценија на чело на алијансата.
Не е ни чудо што Руте се смета за совршен човек за оваа работа по рекордниот 14-годишен мандат како холандски премиер, на чело на четири коалициски влади со бројни политички партии. Консензусот и компромисот ќе бидат негови заштитни зборови и тоа може да значи дека тешките прашања нема секогаш да се решаваат директно. Смирувачко, можеби за 32 сојузници во клубот, помалку за оние надвор од него.
Дописничката на РСЕ од Брисел Олена Абрамович има пет работи кои треба да се знаат за холандскиот политичар, која сега е на чело на западната воена алијанса.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org