Кому му требаат меѓу-етнички тензии?
Обиди да се дестабилизираат меѓуетничките релации има секогаш кога тоа и е потребно на некоја од партиите, велат политички аналитичари за Радио Слободна Европа, по низата инциденти во последните денови.
Опозициската партија од албанскиот политички блок, ДУИ, не може да се изостави од случувањата кои би можеле да разгорат меѓуетнички тензии, коментираат аналитичари со кои разговараше РСЕ. За едни, вината за тоа е кај власта затоа што по ланските парламентарни избори коалицираше со Вреди од албанскиот политички блок. Но други аналитичари прстот го вперуваат во ДУИ затоа што не може да се помири со пораз по 20-тина години владеење.
Видете и ова: План или приказни за дестабилизација - политиката го пали фитилот„Ние сме такво општество каде очигледно се игра на чувствата на етничка припадност. Иако личи дека битката е кој е поголем Албанец меѓу Албанците, очигледно е дека настаните имаат реперкусии во поширокото општество. Кога се прават насилни дејства, клучно е институциите да си ја работат својата работа, односно да делуваат брзо, непристрасно и неселективно“, вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски.
Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки, смета дека вкупните случувања немаат класичен организиран дел. Но смета дека на одредена политичка структура, во овој случај ДУИ, овие настани ѝ одат во прилог за да ги искористи за свои цели. Според него, иако во јавноста се чувствува тензија, таа не може да прерасне во конфликт затоа што „конфликтите се минато свршено време“.
Премиерот Христијан Мицкоски испрати порака до граѓаните за единство и смиреност и им порача да не потпаѓаат на провокации.
Според Мицкоски, вакви работи ќе се случуваат и во иднина затоа што, како што кажа, „овие луѓе се исплашени за милионите кои ги спечалија на грбот на обичниот народ и сега знаат дека доаѓа време за правда“. Дали?
„Нема правда, нема мир“ беше слоганот со кој дојде на власт и претходната владејачка гарнитура, предводена од СДСМ, но ...
Правдата зависи од судиите и обвинителите, а таму нови мешетарења
Обвинителите ќе се реорганизираат, судиите ќе бираат нов претседател на Судски совет, а експерти на тркалезна маса дебатираат за законски измени. Навидум ваквата слика во македонскиот правосуден систем прикажува дека ова е новата траса на реформскиот караван.
Но, во позадина се кршат копја, особено политички, за тоа која партија досега повеќе го политизирала судството.
Владејачката партија јавно обвинува судии и обвинители за опструирање на правдата, ветува „робусна акција против нив“ без да открие детали.
Опозицијата пак, тврди дека тоа е притисок и обид повторно да се зароби судството. Бара меѓународен мониторинг и странски експерти за спроведување на реформи. Зошто не ги направи додека беше на власт, нема објаснување.
Видете и ова: Судиите и обвинителите меѓу интегритетот и политичката спрегаСпоред професорката и граѓанска активистка Мирјана Најчевска во изминативе 33 години, граѓаните се сведоци на иста шема. Партиски структури назначуваат, менуваат и разрешуваат членови на судскиот и обвинителскиот совет.
„Она што мене ме загрижува е што судиите и обвинителите не се бунат, не реагираат во ниту еден момент кога има проблеми во судењето, во назначувањето, во кариерното напредување, во именувањето на судиите, се додека не се тангираат конкретни личнотии, или некој сам судија или јавен обвинител во конкретен случај“, вели Најчевска.
Во меѓувреме, невладиниот сектор предупредува дека судскиот систем може да колабира додека политичарите се караат чии се судиите и обвинителите. Последните податоци покажуваат дека бројот на судии се намалил за една четвртина, додека бројот на предмети се зголемил за 40 отсто.
Токму правосудството е клучниот сектор во кој и Европската Унија очекува Северна Македонија да испорача реформи и резултати. Тоа го истакна и новиот евроамбасадор во Скопје, Михалис Рокас, во првото интервју откако стапи на должноста.
Дестабилизиран пензиски фонд?
Македонскиот пензискиот фонд е под ризик поради трендовите на стареење на населението и емиграцијата на младите, поради што е потребно зголемување на старосната граница за пензионирање. До овој заклучок дојде Фискалниот совет – независно државно тело формирано од
Собранието што изработува анализи за фискалните претпоставки и фискалната стратегија.
Се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажи и за жени.
Од Владата веднаш одговорија дека во моментов не се размислува за зголемување на старосната граница и дека прават напори да ја стабилизираат состојбата во Пензискиот фонд.
Видете и ова: Пензија на 67 години - спас за ПИОМ или удар за работниците?Синдикатите реагираат дека предлогот за зголемување на границата за одење во пензија на 67 години е „апсолутно неразумен и неприфатлив“.
„Потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата“, велат од ССМ.
Од Организацијата на работодавачи сметаат дека границата за пензионирање за мажи и жени не треба да биде иста, како што вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.
„Статистиката покажува дека од околу 900 илјади работоспособно население, само 54 отсто е реално вработено, тоа значи законски и евидентирано, а останатиот дел е вклучено во некакви активности кои не се регулирани и се дел од сивата економија. Подобро е да се работи на политики за поттикнување на вработувања и формализирање на работата и бизнисите, отколку тоа да се однесува на целата економија“, вели Бошков.
Сегашниот сооднос меѓу вработени и пензионери е 2 спрема 1, што создава голема финансиска дупка во пензискиот фонд, која се покрива од буџетот на државата.
Видете и ова: Ќе може ли ПИОМ да го издржи зголемувањето на пензиите?Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува 21.287 денари, што е 346 евра и е помала од минималната плата од 367 евра.
Мали пензии и плати, а цените два чекори напред, еден назад
Во пресрет на новогодишните празници, од Владата објавија дека била постигната согласност со производители, дистрибутери и супермаркети да се намалат цените на над 600 производи. Ова ќе важи од 15.12 до 15.01., односно еден месец. Потоа, по старо. Сите производи ќе бидат и со налепници –„Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“. Како тоа ќе изгледа во супермаркетите и за колку ќе бидат навистина намелени цените, ќе видиме.
Владата смета дека мерките даваат резултат, но граѓаните сведочат дека товарот врз нивниот буџет не стивнува.
„Цените само растат или остануваат исти. Намалување? Тоа е бајка за нас,“ вели скопјанката Билјана.
Видете и ова: Цените или стагнираат или растат – намалувањето само илузијаПодатоците од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) откриваат дека минималната синдикална кошница за ноември била зголемена за 772 денари во споредба со октомври 2024 година.
Поскапувања има на некои од производите што граѓаните секојдневно ги конзумираат.
„Не се во прашање мерките, во прашање се трговците“, вели за РСЕ Марија Зарезанкова-Потевска – професорка на Економски факултет.
„Тешко дека може да се контролираат трговците. И да има поголеми контроли, тоа не е можно на ниво на цела држава со толку малку пазарни инспектори“, вели Зарезанкова-Потевска.
„Мислам дека новите мерки нема да дадат позначајни резултати, како што не дадоа ни досега. Смешно е намалувањето со овие кошнички, а сиромаштијата се зголемува“, вели таа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Дестабилизацијата во Грузија и полициската бруталност
Масовни протести избувнаа низ Грузија откако владејачката партија најави одложување на пристапните преговори со Европската унија до 2028 година. До тоа дојде откако партијата „Грузиски сон“ ја потврди победата на спорните парламентарни избори во октомври.
Прозападната претседателка на земјата, Саломе Зурабишвили, рече дека гласањето било фалсификувано.
Демонстрантите се собираат низ улиците на Тбилиси, повикувајќи на промени, а земјата е на крстопат.
Демонстрантите во Грузија доставија детални извештаи до грузискиот сервис на Радио Слободна Европа за брутално тепање од полицијата за време на демонстрациите против одлуката на владата да ги прекине преговорите за членство во ЕУ.
Видете и ова: Страшни сведоштва за полициска бруталност кон грузиските демонстрантиУпотребата на прекумерно насилство од страна на полицијата на протестите, кои се одржуваат секојдневно, предизвика бран незадоволство во Грузија и осуди од странство.
Речиси 300 лица досега се обвинети во врска со протестите, повеќето под обвинение за ситно хулиганство и давање отпор при апсење. Некои од нив, раскажуваат како постапувала полицијата.
Еден од тие што се соочија со полициската тортура е и Бека Берадѕе, новинар во грузиската редакција на РСЕ. Тој беше уапсен од безбедносните сили на 1 декември во центарот на Тбилиси. Се движел во близина на зградата на грузискиот парламент кога, како што вели, бил нападнат и претепан пред да биде приведен. Беше задржан во привремен притвор, а ослободен во зори на 3 декември.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org