Патологија...

Во здравството има недостиг од патолози, па на резултати се чека со месеци, а пациентите се во неизвесност. За болестите на државата, пак, причините се познати, но, како никој да не сака да ги лекува. Њузлетер 23.08.2024

На резултати од патологија се чека и повеќе од еден месец, пациентите на цедило

Болни од канцер не можат да почнат да се лекуваат додека не добијат резултати од патологија, кои некогаш предолго ги чекаат. Во меѓувреме, живеат во неизвесност. Причина – недостигаат патолози. На Институт за патологија има 11 патолози, кои лани направиле 30.000 анализи.
Примери има многу. Жителка на Битола чека резултат од Институт за патологија од 25 јуни, од биопсија на коски, за нејзиниот татко болен од канцер. Од биопсијата требало да се утврди дали ќе му се дава имунотерапија.
„Сега, веќе не може ни да ја прима таа имунотерапија. Секоја недела по еден член од семејството оди во Институтот за патологија и секоја недела ни велат, не е до нас, нема резултат, дојдете повторно, вели соговорничката за РСЕ.
Жителка на Свети Николе доаѓа во Скопје да бара резултати од примерокот што го земал пулмолог од трахеата на нејзиниот сопруг и на 25 јули бил даден на патолошко испитување поради малигно заболување. Оттогаш поминаа три недели, а никој не ги известил кога резултатот ќе биде готов и како ќе продолжи лекувањето.

Видете и ова: Болни од канцер чекаат резултати повеќе од еден месец, проблемот ќе се решава со специјализации

„Секој ден се јавувам на Клиника за онкологија, ми велат нема уште. Толку сум вознемирена, толку сум немоќна оти од тој резултат зависи каква терапија ќе му дадат. Додека чекаме, сопругот не се лекува и пропадна човекот. Оставени сме сами на себе, без лек, во безизлезна ситуација“, вели за Радио Слободна Европа, жената која побара да остане анонимна.
Од Институтот за патологија велат дека примаат материјали за анализа и од сите големи хируршки и интернистички клиники и болници од Скопје и од другите градови, а имаат мал број на специјалисти и не можат да постигнат. Бројот на специјалисти по патологија се намалува поради пензионирање и одлив кон приватните болници, а приемот на нов кадар е минимален. Министерот за здравство, Арбен Таравари, пак, најави дека Министерството подготвува план за специјализации, при што, предност ќе се даде за патолози, радиолози и анестезиолози.

Дијагноза за криминалот и престрелките

Две престрелки на отворено во Скопје за помалку од 24 часа – една на улица и една на паркинг, еден ранет и еден убиен. Нема прецизни информации за мотивите, за жртвите и за сторителите, а не изостануваат политички обвинувања од тоа дека државата се претворила во Див запад до смирувачки пораки дека нема потреба за загриженост.
На граѓаните, пак, очекувано е дека нема да им биде сеедно, но нема простор за некоја голема грижа за безбедноста, сметаат дел од безбедносните експерти. Професорот од областа на безбедносни науки и кривично право, Стефан Буџаковски, нагласува дека клучна е превенцијата и ако не се преземат мерки, ваквите случаи ќе продолжат.

Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?

„Ова што се случува е како резултат на одредени пресметки поради одредени долгови, нерасчистени работи меѓу криминалните групи и структури. Тоа се случуваше и со пукањата во ’Шиша бар‘, во ’Ист гејт‘ – неколку такви последователни слични настани“, вели Буџаковски за Радио Слободна Европа.
Кога станува збор за превенцијата, која се нагласува како клучна во справувањето со ваков криминалитет, професорот Буџаковски го нагласува „географското профилирање на криминалитетот“. Тој забележува дека последниот период често вакви криминални активности има во регионот кон Чаир, Шуто Оризари, Ченто, Арачиново…
Полицијата, нагласува тој треба реално да информира, но и да ја увери јавноста дека ќе преземе посериозни активности за превенција во регионите што би се детектирале со т.н. географско профилирање на криминалитетот.
Власта, пак, смирува. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека криминални структури имало и ќе има, но ветува „жестоко спротивставување“.
Дел од безбедносните експерти го отвораат и прашањето за целосна трансформација на безбедносниот систем и решавањето на проблемите со човечките ресурси.

Резултати од урбаното дивеење во Скопје

Причините за урбаниот хаос во Скопје се познати, но како сега да се запре дивеењето. Мораториум на градење во две скопски општини или на ниво на цело Скопје, е прашањето што се наметнува, откако министерот за транспорт Александар Николовски најави дека размислува за специјален закон со кој во наредните 20 години ќе се забрани градење само во две скопски општини Центар и Карпош.
„Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин“, изјави Николоски на собраниска седница.

Видете и ова: Мораториум за две општини или за Град Скопје?

Градоначалниците на Центар и на Карпош, Герасимовски и Јакимовски бараат од Николовски да се отвори дебата за урбанистичкото планирање. Но, и двајцата не се согласуваат со понудата на министерот, само општините со кои тие управуваат, да бидат ставени под мораториум.
„Доколку се отпочне дебата, и се прават законски измени, треба да се размислува во делот на мораториум – да, но на ниво на Град Скопје или на ниво на регион“, вели Герасимовски за Радио Слободна Европа.
Поранешниот претседател на Асоцијацијата на архитекти, Мишко Ралев вели дека изјави за мораториум на градење во само две општини не треба да излегуваат од министерски кабинети без стручна анализа и сериозен план за развој на градовите и општините.

Има ли лек за сивата економија?

Северна Македонија е меѓу земјите во Европа со највисоки стапки на сива економија, што ја чини државната каса близу 700 милиони евра годишно од неплатени даноци, покажуваат анализите. Над 80 илјади работници работат во неформалниот сектор, најмногу во земјоделството, градежништвото и трговијата. Анализите покажуваат високи стапки на сива економија и во трговијата, угостителството и туризмот.

„Секој нека си го постави прашањето кога во некоја продавница му рекле „ако платиш во готово цената е пониска за 18 проценти. Повеќето од граѓаните тоа не го одбиваат бидејќи имаат директен и краткорочен бенефит, односно платиле пониска цена. Или, кога во кафуле не добиваат фискална сметка, тоа е поврзано со нашиот фискален морал кој во општеството останува релативно низок“, вели за РСЕ Благица Петрески од Фајнанс Тинк.

Видете и ова: Сивата економија ја чини државaта 700 милиони евра годишно

„За борбата со сивата економија битна е силна политичка волја, одлучност за непристрасност и неселективност и секако добра екипираност на инспекторските институции, примарно УЈП и Државниот инспекторат за труд (ДИТ)“, вели Петрсеки.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов вели дека сивата економија е „рак рана“ не само на македонскиот работник туку и на државата во целина која ја чини државната каса стотици милиони евра од неплатени или помалку платени придонеси од социјално осигурување.

Украина урива мостови во Курск, Русија и тврди дека заробила поголем број руски војници

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќе руски војници биле заробени при напредувањето на украинските сили во руската област Курск на 19 август, а Москва соопшти дека третиот мост бил оштетен од украинските напади. Во меѓувреме, Украина најави задолжителна евакуација на жените и децата од нејзиниот источен град Покровск, бидејќи руските сили напредуваат кон него. Засега е нејасна стратегијата на украинските сили со упадот во Русија, иако се надеваат на пренасочување на руските сили од украинска територија, назад во Русија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украина урива мостови во Курск и тврди дека заробила поголем број руски војници

РСЕ во руските места освоени од украинските сили

Жителите на рускиот пограничен град Суџа изгледаа шокирани и дезориентирани од неговото заземање од страна на украинските сили, во интервјуата со новинарот на РСЕ, за време на турнејата на медиумите на 20 август. Украина започна ненадеен прекуграничен напад во Русија на почетокот на август и сега држи дел од руска територија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

РСЕ во руските места освоени од украинските сили

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org