Министерството за внатрешни работи (МВР) неодамна склучи нов договор со фирма за телефонско и онлајн закажување на термини за вадење лични документи. Вредноста е околу 2 милиони евра. Ова е седми и воедно најскап тендер, кој фирмата „Симболико“ го добива за менаџирање со повикувачкиот (кол) центар на МВР. Во пет од вкупно седум добиени тендери во последните 10 години, „Симболико“ е единствен понудувач.
Седиштето на фирмата е во скопски Аеродром, додека подружницата во скопски Карпош. Радио Слободна Европа ги посети и двете локации, но ниту реклама, ниту табла со името на фирмата не сугерира дека таму е сместена „Симболико“.
Фирмата „Симболико“ е дел од предистражна постапка во Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по кривична пријава која ја достави Антикорупциска комисија до Обвинителството и до Финансиската полиција.
Кривичната пријава не се однесува на договорите што фирмата „Симболико“ ги има со МВР, туку на дел од јавната набавка за фингер принт апаратите кои во 2021 година ги купи Државната изборна комисија (ДИК) и служат за идентификација при избори.
Од МВР велат дека не го знаеле тоа.
„Одделот за општи и заеднички работи при МВР не поседува информација за Кривична пријава на ДКСК за набавката на биометриските апарати за идентификација при гласање каде Симболико е подизведувач на Дермалог“, се вели во одговорот на МВР.
Кој стои зад фирмите Симболико и Дермалог, прочитејте ТУКА.
Скандалозни и преседани, се двата епитети што изминативе денови најмногу ги добиваа двете пресуди за клевета и навреда против редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кои беа осудени по поднесени тужби од бизнисменот Кочо Анѓушев, а втората од Мартин Костовски, пратеник од СДСМ.
Она што покрена реакции во нивните пресуди, во случајот против новинарите, беа квалификациите дека ИРЛ не се медиум, новинарите не се новинари, нивната емисија, за која беа тужени, требало да биде за внатрешна употреба итн. Додека во предметот со пратеникот спорно е тоа што беше осуден за искажан став од собраниска говорница и покрај тоа што понесувањето одговорност за ова е спротивно според Законот за пратеници и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
Сега, Судскиот совет треба да расправа за одговорноста на судиите за изречените пресуди, ако расправа.
Коментирајќи ги и двата случаи, од невладината Коалиција „Сите за правично судење“ велат дека иако пресудите не се правосилни, тие сепак се однесуваат на ограничување на слободата на говорот токму во случаи кои треба да бидат исклучок од утврдување на ваква одговорност.
Судството е во катастрофална ситуација и под критики од Брисел, од каде во годишниот извештај на ЕК за земјата, објавен на 8 ноември, се констатираа дека во Северна Македонија нема никаков напредок во судството и борбата против корупцијата.
Неинформирани биле и жителите на село Тимјаник
Пет деца со попреченост живеат во малиот групен дом во неготинското село Тимјаник. Негувателки се грижат за нив 24 часа во денот. Се радуваат на мали и на обични работи: кога некој ќе ги посети, ќе им дојде на роденден, ќе им однесе подарок или ќе ги почести сок.
Селаните ги прифатија децата, искажуваат хуманост, им помагаат колку можат. Пред пет години протестираа против отворањето на домот, а сега велат: Тие деца се добри! Велат, не биле добро информирани. Погледнете ја репортажата од домот во Тимјаник.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Информирани власти“ - снемува земјоделци, па се пренаменува земјоделско земјиште
Струја можеби ќе имаме, ама ќе немаме храна.
Со потпис на премиерот Димитар Ковачевски е донесена владина одлука за пренамена, со која над осум илјади метри квадратни нива станува фотоволтаична централа во Општина Радовиш. Оваа одлука е објавена во Службен весник на 27 октомври оваа година.
Само од почетокот на 2023 година, во Службен весник е објавено дека Владата донела и уште неколку други одлуки со кои дозволила земјоделско земјиште да се пренамени во градежно и овозможила на местото на нивите, освен енергетски објекти, да се изгради и еден хотел на неколку илјади метри квадратни во Свети Николе и една бензинска пумпа во гевгелискиот крај. Исто така 50 илјади метри квадратни земјоделско земјиште годинава се пренаменети за изградба на типска населба во Општина Брвеница.
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ реагира дека државата сака дополнително да ја олесни оваа процедура преку предложените нови измени на Законот за земјоделско земјиште, коишто Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги стави на увид на јавноста на крајот на октомври.
Со измените, велат од „Еко-свест“, ќе се олеснат критериумите за плодни земјоделски земјишта да стануваат градежни и кои ќе служат за производство на електрична енергија, што ќе значи ризик за производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и поголеми трошоци за граѓаните.
Од Министерството за земјоделство (МЗШВ) пак, го тврдат спротивното, односно дека Министерството со овој закон сака да спречи дополнителна пренамена на земјоделско земјиште за енергетски проекти.
Снемува и работници, па се увезуваат, но и тоа оди тешко
Владата ја зголеми квотата за увоз на работници од странство од 5000 на 7000. Годинава е при крај, но ни квотата од 5000 не е исполнета. Според податоците од Агенцијата за вработување годинава се издадени 4794 дозволи за работа на странци, од 5307 барања.
Во земјава најмногу странски работници има од Турција, потоа следуваат соседните Косово, Србија и Албанија, а на петто место е далечната Индија. Странците што дошле да работат во земјава, најмногу работат како управители, а потоа следат градежници, електричари и армирачи. Најмногу од странците работат во Скопје, а потоа следуваат Битола, Тетово, Куманово и Охрид.
На почетокот на годината, власта најави дека проблемот со недостигот на работници ќе се решава со „увоз“ на работна сила од Југоисточна Азија, каде што има пониска просечна плата од македонската. Но нема многу заинтересирани работници од далечните земји. Годинава дошле 146 работници од Индија, 97 од Непал и еден од Шри Ланка, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Младите не се неинформирани, туку незаинтересирани за политичарите кои им „продаваат магла“
Младите не ги познаваат домашните политичари. Нивниот начин на изразување е поинаков. Тие живеат во друга реалност. Кај мнозинството главна цел е да заминат од земјата, така што тука не помагаат ни етничките теми кои се вадат пред избори. Ова, меѓу другото, е тема за разговор со аналитичарот Џелал Незири во најновото издание на поткастот Зошто.
Тој додава дека ако и нас не праша некој за тоа кој политичар не е корумпиран, за некој коректен политичар кој работи добро со сѐ срце за својата земја, за народот, за општеството, можеби и нас нема да ни текне.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5