Лобирање...

Лобирањето е регулирано со закон, но тешко функционира, па досега често значеше корупција. Но, што со „лобирањето на обичните луѓе, за јавен превоз и опрема за борба против пожари, на пример. Дали и лобирањето го убеди Бајден да се откаже од кандидатурата за уште еден мандат? Њузлетер 26.07.2024

Ќе заживее ли официјално лобирање?

Влијание кај пратеници, министри, градоначалници, советници и други функционери за да се донесе или промени некој закон, подзаконски акт, одлука… Да се изврши влијание врз јавните политики и програми особено кога тие се однесуваат на урбанистичкото планирање, развојот и доделување и распределбата на јавните средства.
Вака во две реченици може да се објасни што значи легалното лобирање според македонското законодавство. Тоа подразбира најмување лобист или лоби организација на која и плаќате и која оди кај претставници од различни нивоа на власта, за да ги застапува вашите интереси нудејќи аргументи и анализи и на тој начин да влијае да се промени некој закон, одлука, стратегија…

Видете и ова: По 15 години од првиот обид, ќе заживее ли лобирањето во Северна Македонија?

Првпат лобирањето со Закон беше регулирано во 2008-ма, но тој никогаш не заживеа. Првата лоби организација се појави дури во јули годинава, според новиот закон, кој стапи во сила во средината на 2022 година.
Лобирањето се смета за антикорупциски инструмент, па надлежноста за овој закон е во рацете на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). „Очекуваме дека со примената на овој закон ќе се регулираат сите оние активности на лобирање кои можеби се одвиваат, но сега ќе бидат ставени во законски уредена рамка. Овој закон е едноставен за примена, треба само да се почитуваат правилата и обврските кои истиот ги наметнува“, велат од ДКСК за РСЕ.
Институциите кај кои се лобира имаат законска обврска да изготват внатрешни акти за да ги утврдат процедурите и правилата. Досега тоа го направиле само 32 институции.
Забрана да бидат лобисти, пак, имаат избрани и именувани функционери, секретари во општините, генерални секретари, државни секретари, одговорни лица во јавно претпријатие или јавна установа … Тие не смеат да вршат лобирање и три години по престанокот на мандатот.
Досегашното „лобирање“, најчесто значеше корупција.

ДУИ лобира за „победник со победник“

ДУИ предлага непишаното правило за постизборни коалиции, односно победник во македонскиот политички блок и победник во блокот партии на Албанците, да влезе во закон или во Устав.
Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ниту Уставот ниту законите треба да бидат користени за нечиј интерес да се дојде или да се остане на власт. „Време е во ДУИ да се соочат со реалноста и да сфатат дека ниту Уставот ниту законите се партиска читанка кои треба да му помогнат на кој било да дојде на власт. Во ДУИ нека се помират дека волјата на народот тие да заминат во опозиција и нека си го прифатат тоа место“, изјави пратеникот Миле Лефков за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Партиите против закон за „победник со победник“ по калап на Ахмети

Во опозициската СДСМ сметаат дека постојните законски и уставни одредби соодветно ги дефинираат сите аспекти за избор на влада, ако е обезбедено мнозинство во Собранието.
„Постоизборните коалиции треба да се прават на основа на усогласувањата на програмите и идеолошката позиција на партиите, а не се условуваат по принципот победник со победник во законска регулатива, вели Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ за РСЕ.
Арбен Таравари од „Вреди“, коментирајќи ја реториката на ДУИ, побара од ДУИ да ги почитува правилата на демократијата. Според Таравари, легитимитетот на Албанците е во тие што ја донесоа промената. Вреди им препорача на ДУИ да се навикнат на опозиција.

Екс премиерот Ковачевски, со или без „лобисти“ со поголем имот во последниве две години

Во последната година од премиерскиот мандат, Димитар Ковачевски го зголемил својот имот за еден стан и една куќа. Ова го покажува споредбата на двата анкетни листа што ги поднел до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК)- првиот кога стана премиер во јануари 2022 година, а вториот кога стана пратеник во јуни 2024.
Пратеникот Ковачевски за Радио Слободна Европа вели дека транспарентно сите промени на имотот ги пријавил во Антикорупцијата комисија.
Според новиот анкетен лист, Ковачевски поседува вкупно четири стана и една куќа. Еден од становите е во сопственост на неговата сопруга Елена. Пријавената вредност на недвижниот имот изнесува 365 илјади евра.
За разлика од сега, Ковачевски кога седна на премиерското столче во јануари 2022 година, во ДКСК пријави дека поседува недвижен имот вреден 248 илјади евра, што е за сто илјади евра повеќе од сегашната состојба.

Видете и ова: Имотот на пратеникот Ковачевски поголем за еден стан и куќа од имотот на премиерот Ковачевски

Ковачевски вели дека го продал станот кој го поседувал од 2008 година и дека со тие пари како и со продажбата на автомобилот пасат купил помали станови во изградба.
Според купопродажниот договор до кој дојде Радио Слободна Европа во јуни лани Ковачевски исплатил 25 илјади евра за куќа од 76 метри квадратни и двор од 393 метри квадратни.
Новиот анкетен лист покажува дека првиот стан Ковачевски го купил во 2018 година, по цена од 850 евра за метар квадратен, додека вториот го купил во 2021 година, непосредно пред да седне на премиерското столче, по оставката на неговиот сопартиец Зоран Заев. Неговата вредност изнесува 92 илјади евра, односно по 1105 евра за метар квадратен.
Следната инвестиција во недвижности, Ковачевски ја направил во 2023, кога купил стан по 1300 евра за метар квадратен во општина Карпош. Според информациите на пазарот во моментов еден метар квадратен станбен простор во Карпош изнесува од најмалку 1500 до 2500 евра, во зависност од локацијата.
Станот купен во 2024 година во истата општина е на име на неговата сопруга и изнесува 94 илјади евра, односно 1300 евра по метар квадратен. Анкетниот лист на ДКСК е обновен во јуни годинава, откако е назначен за пратеник, што значи дека овој стан, семејството Ковачевски, го купиле додека тој се уште бил премиер.

Граѓаните „лобираат“ за нормален јавен превоз

Нема на повидок решение за хаосот во јавниот градски сообраќај во Скопје. Возачите се жалат на лоши услови за работа, неисправни автобуси, а патници паѓаат во несвест, што од чекање, што од возење во стари автобуси.
„Ова претпријатие треба да престане да постои“, вели возач на автобус на ЈСП, додека бара клупа под сенка на последната постојка на автобусот со број 50, во скопската населба Маџари.
„Вака веќе не се издржува. Клима нема, термините за возниот ред не важат, не знаеш кога има, кога нема автобус. Наместо да дојдат три возила во одреден термин, доаѓа еден, и тој полн. Со месеци нѐ тормозат, а од нас плата земаат“, вели патничката Стојанка М.

Видете и ова: Скопскиот градски превоз ги тормози возачите и патниците, решение нема

Во Советот на Град Скопје не може да се изгласа проектот за купување на нови еко - автобуси на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, ниту да продолжи проектот за брз автобуски превоз (БРТ) на нејзиниот претходник Петре Шилегов.
Откако управува со главниот град од октомври 2021 година, Арсовска смени четири директори на ЈСП, но скопјани не добија подобар градски превоз.
Од почетокот на 2024 година, возачите на ЈСП штрајкуваа поради неисплатени плати. Проблемот се решаваше со субвенции.
Поради тоа, не може да се каже дека во брзо време, патниците и возачите ќе добијат повеќе и подобри автобуси.

Лобирање не помага во гаснењето пожари – помагаат пензионери

Пензионираните пилоти Стоје Арсовски и Васко Михалчев се вратија во ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување за да ги гасат пожарите низ македонските планини. Граѓаните ги нарекуваат херои додека тие даваат сѐ од себе за да помогнат. Арсовски забележува дека тоа го прават и другите, во условите кои ги имаат и со опремата со која располагаат. Па затоа, им се восхитува на оние кои од земја се борат со пламените јазици. По 15 години искуство со ер тракторот, тој се надева дека ќе има кој да го замени, бидејќи пилоти нема, а тие не се создаваат преку ноќ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пензионираниот пилот кој гаси пожари: Ние сме „инфузија“, но потребни се нови пилоти

Лобирање за кандидати за американски претседател

Американската потпретседателка, Камала Харис, би можела да стане првата црна жена номинирана од голема партија за претседателската функција во САД. Ова следува откако нејзиниот шеф, претседателот Џо Бајден, се повлече од трката поради зголемениот притисок по дебатата што минатиот месец ја имаше со противкандидатот - републиканецот Доналд Трамп, а којашто дебата покрена прашања за неговата возраст и способност да води втор мандат.
Откажувањето од трката Бајден го објави на 21 јули, велејќи дека се повлекува настрана „во најдобар интерес на партијата и на земјата“ и дека ја поддржува Харис да биде новиот демократски кандидат за претседателските избори во ноември.

Видете и ова: И покрај поддршката на Бајден, кандидатурата на Харис сè уште неизвесна

Номинацијата на Харис ќе ја трансформира досегашната претседателска трка што требаше да биде реванш меѓу Бајден и Трамп во ситуација кога многу Американци бараа некое ново лице. Нејзиниот влез во претседателската трка, исто така, би можел да ги врати политичките прашања во фокусот на натпреварот во кој досега доминираа прашањата за кондицијата на Бајден и неговата способност да го победи Доналд Трамп откако тој зборуваше неповрзано и изгледаше збунето за време на дебатата на 27 јуни. Настапот на Бајден доведе до повици од истакнати конгресмени од редовите на демократи, како и од партиски донатори, тој да се повлече од кампањата.
Камала Харис, доколку ја добие довербата од демократите на конвенцијата во почетокот на август, ќе влезе во трката со големи влогови за различните ставови со Трамп, како што се прашањата поврзани со имиграциските реформи, правата за абортус и помошта за Украина за нејзината одбрана од Русија.
Сега, во хипотетичкиот натпревар меѓу Харис и Трамп, анкетите беа неконзистентни, при што некои покажуваат дека Харис води малку пред Трамп, а други покажуваат дека заостанува.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што следува по повлекувањето на Бајден и предлогот Харис да биде претседателски кандидат?

Кој и во какво сценарио би можел да го наследи Путин?

Во јануари, кога Путин се подготвуваше да се кандидира за петти претседателски мандат на строго контролирани избори, дописникот на Би-Би-Си праша пензионерка во централниот руски град Ржев дали има некој што би можел да го замени Путин.
„Не сега“, одговори жената, повторувајќи го наративот што Кремљ внимателно го негуваше за време на владеењето на Путин. „Можеби Путин ќе најде некој подоцна. Но, мислам дека тој ќе биде на власт уште долго време“.
И покрај тешкотијата да се размислува „надвор од Путин“, Systema – руската истражувачка редакција на РСЕ – им го постави ова прашање на повеќе од 150 водечки руски експерти, вклучувајќи политиколози, социолози и новинари од Русија, САД и Европа.

Видете и ова: Што следува по Путин – мислења на експерти

Многу испитаници нагласија дека ваквите шпекулации навистина припаѓаат во доменот на фантазијата, додавајќи дека изборот на наследник со каква било точност е невозможно. Неколкумина додадоа дека нема индикации дека самиот Путин има јасни идеи за овие работи или дека подготвува наследник.
„Слабеењето и кризата на режимот на Путин ќе се зголемуваат и ќе бидат резултат на природното стареење на Путин“, рече украинскиот политиколог Володимир Фесенко.
Мнозинството експерти рекоа дека најверојатното сценарио за промена на власта во Русија би била смртта на Путин. Всушност, речиси сите испитаници го наведоа ова меѓу најверојатните патеки за Русија, додека осум го наведоа како единствена можна рута.
Понатаму, 23 рекоа дека пуч или внатре-елитен бунт може да предизвика промена на власта. Неколку од нив го наведоа само ова можно сценарио.
Само пет испитаници наведоа „граѓанска војна“ или „револуција“ како можност за Русија, нешто помалку од бројот што рече дека крајот на Путиновата Русија може да биде предизвикан од руски воен пораз.

Инфографика - Истражување: Како ќе се промени моќта во Русија?

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org