Достапни линкови

Кредит за спас на животот


Граѓани се принудени да се позајмуваат или да земаат кредит за да се оперираат приватно, бидејќи, продолжува кризата во хирушките клиники. Во меѓувреме, техничката влада ја интересираа само изборите. Њузлетер 14.06.2024

Кој има пари ќе се оперира
Дел од хируршките сали во Клинички центар „Мајка Тереза“ работат со надворешни компресори, односно, редуцирано, а тоа не го намалува драстично напливот од пациенти во болниците „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“. Пациенти кои имале закажани операции, земаат кредити и бараат чаре во приватни клиники.
Таков е примерот на 75-годишниот скопјанец Р.М кој отишол на лекар поради гангрена на ногата. Откако се „прошетал“ низ шест клиники и на крај му понудиле термин за снимање по еден месец, неговото семејство побарало помош во приватна клиника.
Прегледите, снимањата и операцијата ги чинеле околу 7.000 евра.
„Никој не те прашува дали имаш да платиш или немаш. Со тоа што се оперира побрзо го изгуби само прстот. Инаку ќе останеше најмалку без стапалото“, вели член на неговото семејство за РСЕ. Слични судбини има многу.

Александар Каревски, ортопедски хирург во ГОБ „8 септември“, вели дека кај нив двојно е зголемен напливот на пациенти од други болници.
„Работиме со целиот наш капацитет за итни случаи. Скршеница мора итно да се оперира, абдомен мора итно да се оперира... Лекари имаме, но немаме медицински сестри, инструментарки, бројот на кревети е ограничен. Луѓето мислат дека ние не сакаме да ги оперираме. Им велиме ако не им се чека, да си го бараат чарето. Голем број од пациентите кои беа закажани земаат кредити и одат да се оперираат во приватни клиники“, вели Каревски.
Причина за хаваријата во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица. Решение, засега нема, а за одговорноста, предмет отвори Јавното обвинителство.

Техничката влада за во историја
Од крајот на јануари годинава, кога беше формирана, за 5 месеци, техничката влада одржа 25 седници, а премиерот Џафери одржа четири прес-конференции во владата, низа протоколарни средби, имаше неколку обраќања на настани и церемонии... Забележливи беа и бројните увиди во градежни работи кои ги правеше во текот на изборната кампања во места каде преовладува албанското гласачко тело. Во владата си прослави и роденден.
Со завршување на изборите, од составот на оваа влада заминаа четворица министри од СДСМ кои станаа пратеници. По сила на закон, со објавувањето на конечните резултати од изборите, претходно завршија мандатите за функционерите од ВМРО-ДПМНЕ кои ги предводеа министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителните-заменици (двајца од СДСМ и тројца од ВМРО-ДПМНЕ), во пет ресори. Нема отчет што сработеа.

Универзитетскиот професор од Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, смета дека до оваа техничка влада не требало ни да дојде, односно требало да се укине уште пред две години бидејќи веќе е „надмината“ ако се земе предвид дека целта, кога се воведуваше како инструмент во 2016 година, била да организира фер и демократски избори. Уште една причина за укинување е што техничката влада нема политички капацитет да интервенира во ситуации на криза, како што е на пример во актуелниот случај со хаосот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и нефункционалноста на хируршките сали, вели Давитковски.
Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека ќе предложи укинување на техничката влада, а од СДСМ велат дека ќе го почекаат предлогот за да изградат став. Нема став и од техничкиот премиер Талат Џафери.

Што остана нејасно за новата организација на владата?
Со повеќе од дво-третинско мнозинство, 88 гласа „за“, Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, кои се вовед за формирање на новата влада на мандатарот Христијан Мицкоски.
Трансфер на вработени, менување на десетици закони и правилници за работа на министерства, функционирање на Владата во наредните транзициски месеци, се дел од работите кои следуваат по реорганизација. Новиот закон не одговара на многу прашања како и кога ќе се спроведе сето тоа.
Од актуелните 16 министерства и 20 членови на Влада, со новата реорганизација се предвидени 20 министерства, а вкупниот број на членови на Владата се уште не е официјално познат, затоа што нема податок колку вицепремиери ќе бидат назначени.
Во овој закон не се забележува детална внатрешна реорганизација, што значи дека за секое министерство ќе мора да се донесат нови подзаконски акти, правилници за работа, нова систематизација за вработените, како и одредување на простории.

Едно до клучните прашања кои се отвораат со оваа реорганизација, која не беше образложена во јавноста, е можноста за укинување и основање на органи на државна управа како Бироа, Управи, Агенции и Инспекторати со просто мнозинство.
Трансферот на вработени треба да се направи во рок од пет месеци од денот на влегување на сила на законските измени.
Предвидено е вработените што ќе бидат преземени од друга институција да го имаат истиот работен договор како и претходно (на неопределено или определено време). Во новата институција, како што пишува во законот, тие ќе бидат распоредени, „на работно место во иста група на исто ниво“. Подетално ТУКА.

Бучава во Скопје опасна по здравјето - забави на отворено, станари во затворено
Од едната страна - угостителски објекти, бучава од возила, музика и џагор на гости на летните тераси низ Скопје. Од другата, револтирани граѓани кои живеат во близина, кои немаат мир ни дење, ни ноќе. Мерките на институциите немаат ефект, газдите ги интересира профитот, а лекарите предупредуваат дека изложеноста на бучава носи ризик по здравјето.

Бучава во Скопје опасна по здравјето - забави на отворено, станари во затворено
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:56 0:00


Косово ја одбележа 25 годишнината од доаѓањето на КФОР
На 24 март, 1999 година, НАТО започна кампања за воздушно бомбардирање на Југославија со цел да ги протера српските трупи од Косово. По 78 дена, воздушните напади беа прекинати на 10 јуни со усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, што доведе до повлекување на југословенската армија од Косово и формирање на Привремена административна мисија на Обединетите нации на Косово.
Кампањата на НАТО за бомбардирање на Југославија беше една од првите големи воени интервенции спроведени првенствено од хуманитарни причини, со цел да се запре етничкото чистење и тешките прекршувања на човековите права. Во војната во Косово беа убиени повеќе од 13.000 цивили, а илјадници исчезнаа, од кои 85 отсто беа косовски Албанци. Интервенцијата, исто така, им овозможи на повеќе од 800.000 бегалци и внатрешно раселени лица да се вратат дома.

Интервенцијата подоцна доведе до тоа Косоварите да им оддадат почит на оние кои гласно го поддржаа крајот на војната.
Меѓу нив има личности кои биле на високи политички функции пред 25 години, како што се: поранешниот американски претседател Бил Клинтон; поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер; поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт; поранешниот воен командант на НАТО Весли Кларк и поранешниот портпарол на НАТО Џејми Шеј.
Улици и плоштади, но и автошколи, продавници за облека, уметници за тетоважи, салони за автомобили и водоводни услуги. Сите овие занаети расфрлани низ градовите на Косово ги носат имињата на овие личности.

Сведочење за пристигнувањето на НАТО на Косово пред 25 години
Поминаа 25 години откако силите на КФОР пристигнаа на Косово за да го зачуваат мирот меѓу етничките Албанци и Србите, а Фатмир Кељменди сè уште има живи спомени од пречекот на француските војници во градот Митровица. Тие пристигнаа само три дена по договорот со кој заврши Косовската војна 1998-1999 година.

Сведочење за пристигнувањето на НАТО на Косово пред 25 години
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:10 0:00

Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG