Достапни линкови

Кој во плус, кој во минус


Илустрација
Илустрација

Поминаа уште седум „турбо“ денови и на домашната и на светската сцена. „Дома“ прегласувања, оставки, закани, ветувања, патриотизам..., а во светот војни, шпионажа, резолуции, висока политика и загинувањето на иранскиот претседател. Од добрите вести - многу помалку. Њузлетер 24.05.2024

Прегласување и пораки

Прегласувањето во седумте избирачки места во двете изборни единици донесе и делумно нов распоред на силите во пратеничкиот состав во законодавниот дом. Влен му „зема“ пратеник на ДУИ во шестата изборна единица. Во петката, ситуацијата со пратеничките мандати останува непроменета. По завршувањето на двојните избори на 8 мај, лидерот на ДУИ, Али Ахмети обвини дека двете најголеми политички партии во македонскиот блок – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат договор против интегративците и прегласувањето го нарече „изборен инженеринг“.
Тие обвинувања, сепак, останаа во сенката на неупотребата на уставното име на државата од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на реакциите од меѓународната заедница. Таквите реакции не стивнаа и изминатите седум дена. И ЕУ и САД испратија пораки со надеж дека и по промената на власта, Северна Македонија ќе остане на европската траса.

Финален распоред на пратенички мандати во Собранието по Парламентарните избори 2024
Финален распоред на пратенички мандати во Собранието по Парламентарните избори 2024

Нож за судијката, пожар за директорот?

И додека партиите калкулираа кој со кого во новиот парламентарен состав, а идниот мандатар се пофали дека „собрал“ 61 пратеник, црната хроника „со високи гости“ доминираше во вестите.
Импровизиран кревет и забоден нож, вербални закани, запалени возила. Во сите овие инциденти, регистрирани од полицијата, мета се дел од учесниците во високо-профилирани судски процеси.

Добрила Кацарска
Добрила Кацарска

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на само две недели до истекот на мандатот се соочи со два посериозни инцидента - првиот на 15 мај 2024 година кога импровизиран кревет и забоден нож биле пронајдени во подземна гаража кај нејзиното паркинг место, а вториот минатиот викенд кога среде кафуле во Скопје непознат маж ѝ се приближил и почнал да ѝ вика: „Страшно ќе одговараш!“.
Кацарска за РСЕ изјави дека ова не е прв пат да има закани, но се случил и физички напад врз неа додека била на одмор во Грција. Таа беше судијка во случаите „Тенк “, „Триста“ и „Транспортер“ во кои изрече затворски казни за обвинетите високи функционери на ВМРО ДПМНЕ.

Вилма Русковска
Вилма Русковска

И пензионираната шефица на Обвинителството, Вилма Русковска, се уште шета со обезбедување кое и го „чува грбот“. Вели има вербални закани на кои не им придава значење: „Имав вербална закана во продавница, во смисла: Ќе видите вие што ќе ве снајде, нашите ги судите. Јас само се насмеав и одговорив дека не постојат наши и ваши“.
Директорот на скопскиот затвор Идризово, Зоран Јовановски, откако му беше запален автомобилот, кусо изјави: Тоа е порака од криминалците.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџети

Власта и опозицијата ги преброија пратеничките места, а општините почнаа да бројат евра. Се уште на невидено, бидејќи не е формирана новата влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ, чија коалиција во економските приоритети си зацрта да даде милијарда евра за четири години, односно 250 милиони евра годишно од државната каса за општините.
Една друга општинска математика е одамна направена - колку општините се заглавени во долгови. На некои од нив минусното салдо име е во милиони евра, а само во првите три месеци од годинава, сите општини заедно, имаат неплатени сметки во вредност од 133 милиони евра.
„Ова ќе биде на краток рок добро решение, особено во пресрет на престојните локални избори догодина, затоа што доминираат градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, за да можат да направат градежен бум и на следните локални избори да се претстават како добитничка партија. Тоа не е добро решение, треба да се бараат долгорочни и трајни одржливи решенија за финансирање на општините, со многу поголеми трансфери од ДДВ, од персоналниот данок, приходите од законот за игри на среќа да бидат општински приходи“, изјави поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски.

Инфографика - Вкупен долг на општините во С. Македонија 2021 - 2024, заедно со долговите на нивните јавни претпријатија
Инфографика - Вкупен долг на општините во С. Македонија 2021 - 2024, заедно со долговите на нивните јавни претпријатија

Пак за името

Освен за парите, пак „се фативме и за името“. По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај. Ако до 2018, речиси три децении летаа искри меѓу Атина и Скопје за името на државата, иминативе денови остри реакции се разменуваа околу тоа како и кога треба да се употребува новото уставно име - Северна Македонија.

Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска Давкова
Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска Давкова

Атина предупредува на сериозни последици поради непочитување на Преспанскиот договот, а идниот премиер Христијан Мицкоски соопшти дека има право да го користи само името „Македонија“. Се почна по претседателската заклетва на Гордана Сиљановска Давкова во која таа избегна да каже Северна Македонија.
Дел од аналитичарите оценуваат дека тоа на Северна Македонија може да ѝ донесе проблем во евроинтеграциите, додека за други заканите немаат тежина бидејќи преговорите со ЕУ секако се блокирани.
Пораки со надеж дека Северна Македонија и со новата власт ќе остане на европската траса експресно стасаа и од САД и од ЕУ.

Газа, Украина, Сребреница, Иран...

Со 84 гласови „за“ од 193 членки на Генералното Собрание беше усвоена Резолуцијата со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници. Српскиот претседател Александар Вучиќ повика да не биде усвоена зошто нема да придонесе кон помирување во Босна и Херцеговина и во регионот.
Војната на Израел и Хамас во Газа, заедно со најавите на дел од земјите од ЕУ дека ќе признаат палестинска држава, војната во Украина, загинувањето на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и Резолуцијата за Сребреница во Обединетте нации беа фокусот на светските настани.
Додека трае израелската офанзива, Шпанија, Ирска и Норвешка објавија дека ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај, а израелската влада едногласно ја отфрли одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации за признавање на палестинската држава.
„Нема да им дозволиме да формираат терористичка држава од која ќе можат да не нападнат уште повеќе“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Сакам да се најде убиецот на мојот брат, не е виновен целиот српски народ“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Се распламтуваат борбите и во Украина. И руската и украинската страна јавуваат за меѓусебни напади, најчесто со дронови, и значителни материјални штети и човечки жртви.
Речиси 11 000 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови во регионот Харкив, во североисточна Украина, откако руските сили започнаа копнена офанзива во пограничната област, изјави гувернерот Олег Синегубов.
Нови претседателски избори во Иран мора да се одржат во рок од 50 дена по смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа на 19 мај. Експертите сметаат дека од кандидатите на кои ќе им биде дозволено да се кандидираат, ултраконзервативци или попомирливи личности, ќе се видат политичките приоритети на режимот.

Треторангираниот криминал во светот цвета во Северна Македонија

Во поткасотот „Зошто?“ на РСЕ гостуваше Сашко Петровски, експерт за шумарство и еден од основачите на Регионалниот центар за шумарство и рурален развој Рефорд. Според него, корупцијата „чи сече“ македонските шуми, системот за превенција и казна затајува, а последиците се огромни. Поткастот можете да го слушнате тука.

Нелегалната трговија со дрвја е светски бизнис број три
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:25 0:00
Директен линк

XS
SM
MD
LG