Коридори

Патиштата кон ЕУ, водат преку Уставни измени и преку коридорите 8 и 10. За некои македонски амбасадори патиштата може да водат назад, дома. Соединетите Држави пред крстопат. Њузлетер 01.11.2024

Автопатот накај ЕУ води преку уставни измени

Европската Комисија го објави Извештајот за напредокот на европскиот пат на 10 земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за 2024 година.
„Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од друга заедница, како Бугарите, на што, земјата се обврза. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија“, се вели во извештајот.
Во него се додава дека земјата е добар пример за мултиетничко општество.

Видете и ова: Извештај на ЕК: Нема уставни измени на кои државата се обврза

Новата Влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ неодамна побара од Брисел да се измени условот, односно важењето на уставни промени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата, да имаат одложено дејство, односно тие да важат по завршувањето на преговорите, или пак, да се обезбедат европски гаранции дека нема да има наметнување на нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес.
Треба да се зајакне довербата во правосудниот систем. Ова е исто така, една од главните пораки кои Северна Македонија ги добива во извештајот на ЕК, по којзнае кој пат, а се однесува на владеењето на правото. Особен акцент во извештајот е ставен на високо профилираните судски спорови кои според ЕК, мораат да имаат епилог.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Михалис Рокас, во своето обраќање, по објавувањето на Извештајот, оцени дека тој доаѓа во добар момент, односно само една недела по усвојувањето на реформската агенда и посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на земјата.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Извештајот е реален и оти знае дека граѓаните се уморни од целиот процес, но дека неоправдано сме во чекалницата. Сепак, според него, единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија. Мицкоски најави посветеност на потребните реформи и битка против корупцијата.

Трета среќа за коридорот 8

Договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10, беше проследен со многу котроверзи, оспорувања, па и доведен во прашање во целина. Договорот беше потпишан во март 2023, за време на владеењето на СДСМ и сега, за време на владеење на ВМРО ДПМНЕ, главен проблем е експропријацијата на земјиштето каде што треба да поминува трасата.

Коридорот 8 е долг 68 километри, треба да биде изграден автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и ќе има шест ленти.
Трипати досега претходната власт означуваше почеток на градежните работи, но на теренот немаше позначајни активности.

Видете и ова: Од историски криминал до историски проект за ВМРО- ДПМНЕ

Кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, договорот со Бехтел и Енка го нарекуваа криминален, таен и најавуваа негово репреговарање. Сега, за министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ова е најголем проект во поновата историја, а Премиерот Христијан Мицкоски вели дека она што било илузија, сега е вистина, бидејќи се работи на терен. И повторно, со нив на увид деновиве беше американската амбасадорка Агелер.

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на прес конференција изразија задоволство што изградбата на Коридорите 8 и 10д продолжува.
Од СДСМ истакнуваат дека Мицкоски го сменил ставот откако седнал во премиерската фотелја.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, завршена е половина од постапката за експропријација на имотот на трасата. Тој најави дека до крајот на годинава ќе заврши целосно и истакна дека според договорот, експропријацијата требало да биде завршена уште пред тој да стане директор.

Коридор назад, дома, за некои македонски амбасадори?

Дел од амбасадорите на Република Северна Македонија, кои во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ беа упатени на мисија без да ги бранат своите тези пред Собранието, може да бидат вратени назад.

Ова ќе го бараат пратеници од владејачкото мнозинство доколку парламентот преку автентично толкување на Законот за надворешни работи утврди дека претставувањето на амбасадорите пред собраниската Комисија за надворешна политика е задолжителен дел од процедурата на испраќање.
Постапката за автентично толкување веќе е започната и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој го покренал барањето, периодов очекува да добие мислење од Владата за да може да се оди кон следниот чекор – одржување седница на Законодавно-правната комисија во Собранието.

Видете и ова: Ќе бидат ли вратени амбасадорите што не беа „сослушани“ во Собранието?

Од МНР засега се воздржани околу ова прашање. Неофицијално, станува збор за десет амбасадори, од кои дел се дипломати од кариера.

Меѓу ваквите примери, кога поранешниот претседател Стево Пендаровски потпиша укази за амбасадори без бранење на тези во Собранието, беше со амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска. За неа, како што сведочат и медиумските архиви, пет-шест месеци се чекаше да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика од страна на тогашниот претседател на ова тело Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Северна Македонија, според податоците на веб-страницата на МНР, има амбасади во 43 држави и во осум меѓународни организации. По промената на власта по парламентарните избори на 8 мај, од МНР на консултации, беа повикани неколкумина амбасадори, заради, како што беше образложено „несовесно постапување“.

Сомнителни патишта на парите за културата

Да се среди „хаосот“ со доделувањето пари за проекти од национално значење во културата. Вака со една реченица може да се опишат препораките кои ги дал Државниот завод за ревизија до Министерството за култура после извршената ревизија за 2023 година, во која голем дел е посветен токму на овие пари.

Ревизорите утврдиле дека комисиите, кои одлучуваат кому да доделат пари, се нестручни за областите за кои одлучуваат и немаат јасни критериуми по кои би ги рангирале проектите.

Видете и ова: Стари проблеми - нови комисии за оценка на проектите во културата

Ревизорите, од друга страна, наишле на непотпишани фактури за трошење на парите од проектите, фактури без податоци за број на лица и денови за кои се реализирало сместување, превоз и поминати километри, а дел од фактурите за печатење на рекламен материјал се прифатени и реализирани без доказ дека се испечатени.

Од Државното обвинителство за РСЕ велат дека го добиле и овој извештај на ревизорите и дека е оформен предмет се испитуваат можни злоупотреби. Но, ова не е прв предмет поврзан со доделувањето на пари за културата. За претходните нема епилог.
Подетално, прочитајте ТУКА.

Трамп или Харис – Американците во наредниот вторник избираат претседател

Актуелната потпретседателка Камала Харис и екс претседателот Доналд Трамп се во изедначена трка за нов претседател на САД. Во тесни избори, особено ако се оспоруваат на суд, официјалните вкупни гласови може да се одложат со недели или подолго. Гласањето преку пошта, исто така, влијае на тоа кој е во водство на и по денот на изборите. Така што конечните резултати може да не бидат познати бргу.

Од друга страна, што доколку резултатите на претседателските избори во САД бидат изедначени? Според американскиот систем за броење гласови, познат како Изборен колеџ, можно е двајцата кандидати во тесна трка, да бидат во ќорсокак. Ако тоа се случи, Конгресот треба да го одреди победникот врз основа на посебен систем, прецизиран во Уставот на САД. Краткото објаснување погледнете го во видеото.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што ако на претседателските избори во САД биде нерешено?

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org