Достапни линкови

Извештај на ЕК: Нема уставни измени на кои државата се обврза


Илустрација
Илустрација

Северна Македонија сè уште нема усвоено измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата, како што се Бугарите. Ова меѓу другото стои во извештајот на ЕК. Комисијата останува на политиките за проширување, но за Грузија го запира процесот.

Бугарите како малцинство и нивниот влез во Уставот на Република Северна Македонија, се дел од извештајот на Европската Комисија која денеска го објави Пакетот за напредокот на европскиот пат на 10 земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за 2024 година, меѓу кои е и Северна Македонија.

Во делот посветен за Северна Македонија се вели дека таа дава добар пример за мултиетничко општество, но дека иако се обврзала се уште не ги усвоила уставните измени.

„Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од друга заедница, како Бугарите што земјата се обврза да ги започне и постигне. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија“, пишува во извештајот.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Преспанскиот договор пак беше потпишан со цел решавање на спорот за името со Грција, по што беше додадена придавката Северна, а тоа овозможи земјата да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ.

Новата Влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ неодамна побара од Брисел да се измени условот, односно важењето на уставни промени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата да имаат одложено дејство, односно тие да важат по завршувањето на преговорите, или пак, да се обезбедат европски гаранции дека нема да има наметнување на нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес.

Но, при минатонеделната посета претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен не беше конкретна дали е прифатливо за Брисел барањето на Владата за одложено дејство. Само порача дека „младите никогаш нема да ни простат ако не направиме Северна Македонија да биде дел од ЕУ“.

Правото, правдата и борбата против корупцијата во фокусот

Треба да се зајакне довербата во правосудниот систем. Ова е една од пораките која Северна Македонија ја добива во извештајот на ЕК, а се однесува на владеењето на правото. Особен акцент во извештајот е ставен на високо профилираните судски спорови кои според ЕК, мораат да имаат епилог.

„Северна Македонија треба да продолжи да го спроведува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава несмалено, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се вели во извештајот.

За Комисијата од клучно значење е властите дополнително да го интензивираат темпото на реформите поврзани со ЕУ. Се наведува дека Северна Македонија треба да ги преземе неопходните чекори за да напредува во процесот на пристапни преговори и ефикасно да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата.

„По првата меѓувладина конференција за пристапните преговори во јули 2022 година, скрининг сесиите за сите шест кластери на правото на ЕУ беа завршени во декември 2023 година. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за основниот кластер , вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со рамката за преговори, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро и кога ќе се исполнат релевантните услови“, пишува во извештајот на ЕК.

Во врска со правосудството се посочува дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка“ за примена на правото на ЕУ и на европските стандарди во оваа област и дека генерално оствариле ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права.

„Најавите на новата Влада за планови за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството. Зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата, се вели во извештајот.

Во делот на судството се посочува дека треба да се донесе нов Закон за парнична постапка, во согласност со европските стандарди и да започне имплементација на новата стратегија за реформи во судството, да се зајакне Судскиот совет и да се обезбеди дека АКМИС системот е целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските случаи.

Во однос на реформата на јавната администрација се оценува дека земјата останува умерено подготвена и е постигнат ограничен напредок во текот на извештајниот период, особено со усвојувањето на измените на Законот за државна организација, кои донесоа подобрувања преку појаснување на одговорностите, воведувањето проценки на влијанието за формирањето нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници.

„Препораките на Комисијата од минатата година не беа целосно имплементирани и затоа остануваат во голема мера валидни“, се вели во извештајот.

Како дел од последниот извештај на ЕК е нотирано и дека Северна Македонија беше активно ангажирана во 2023 година како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„ Земјата продолжи целосно да се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, пишува во документот.

Државниот врв со оценка за „објективен и реален извештај“

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги добија копиите од извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2024 од евроамбасадорот Михалис Рокас.

На заедничката прес-конференција со амбасадорот Рокас, Мицкоски оцени дека Северна Македонија со извештајот има реална слика за состојбите, како и дека новата Влада ги менува работите и е нотирана борбата против корупцијата.

„И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата. Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди, рече Мицкоски.

Истакна дека го охрабрува тоа што, како што наведе, и во овој кус период на новата Влада Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај.

„Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација. Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме“, оцени премиерот.

Евроамбасадорот Рокас нагласи дека важно е што во овој извештај нема уназадување и посочи дека заедно со претставниците на Владата заедно ќе се посветат за поголем напредок.

„Извештајот доаѓа во добар момент, само една недела по усвојувањето од страна на Европската комисија по усвојувањето на реформската агенда, а тука беше во посета и претседателката Фон дер Лајен која потсети дека ова е одлична реформска агенда. Сега имаме целосна слика за она што Влада го има одобрено и го имаме Извештајот за напредок. Ова може да биде платформа на која што ќе можеме да работиме заедно во претстојната година. Важно е дека нема уназадување. Ние навистина посветено ќе работиме рака под рака заедно за кога за една година ќе го правиме ова истово, ќе можеме да кажеме дека има многу поголем напредок, рече Рокас.

И од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова соопштија дека таа оценила дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.

На средбата, претседателката истакнала дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот, додавајќи дека во моментов со сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економско закрепнување и справување со корупцијата.

Таа ја посочила и важноста од објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и забрзување на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми.

Унијата доби нов импулс во проширувањето

Во заклучоците и препораките на Европската Комисија се вели дека дваесет години по најголемото проширување на ЕУ за десет земји-членки, пристапувањето во ЕУ останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мирот, стабилноста и просперитетот во Европа. Сепак Комисијата смета дека процесот на проширување добил нов импулс во текот на 2023 и 2024 година.

„Кластерот за основи беше отворен со Албанија на 15 октомври 2024 година. Преговорите за пристап беа отворени со Украина и Молдавија на првите меѓувладини конференции во јуни 2024 година. од правните поглавја, Црна Гора е на пат привремено да ги затвори понатамошните преговарачки поглавја. Во март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Процесот на проверка беше завршен и со Албанија и со Северна Македонија на крајот на 2023 година“, пишува во заклучоците и препораките.

На 25 септември 2024 година ЕУ одлучи дека патот на Албанија за пристапување ќе биде одвоен од Северна Македонија, а првите преговарачки кластери официјално отворени на 15 октомври. Ова одлука беше донесена едногласно од амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија.

Претходно ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот.

Инаку според Комисијата имплементацијата на Планот за раст за Западен Балкан ќе ја зголеми економската блискост на Западен Балкан со ЕУ. Во извештајот се вели дека за таа цел како дел од Планот за раст, Комисијата ги одобри реформските агенди на пет партнери од Западен Балкан, поставувајќи амбициозни реформи што планираат да ги преземат за да ги постигнат целите на објектот.

Процесот на пристапување на Грузија е запрен

Сепак за ЕУ доделувањето кандидатски статус на Грузија во декември 2023 година не било проследено со доволна политичка посветеност на тамошните власти да ги спроведат потребните реформи за напредокот на земјата на патот кон ЕУ.

Напротив, значајните негативни случувања, вклучително и усвојувањето на Законот за транспарентност на странско влијание и законодавниот пакет за „семејните вредности и заштитата на малолетниците“, како и силните анти-ЕУ наративи од грузиските функционери сериозно ја погодија грузиската ЕУ траекторија, се вели во извештајот.

„Како последица на тоа, процесот на пристапување на Грузија е де факто запрен. Грузија, исто така, постигна незначителен напредок во спроведувањето на деветте чекори утврдени со Комуникацијата за проширување на Европската комисија од 2023 година“, пишува во извештајот.

ЕК за парламентарните избори кои се одржаа во Грузија викендов вели дека се одржале во тензична и силно поларизирана средина. Ова се вели е поради неодамнешните законски измени на изборниот процес, компромисите за тајноста на гласот, процедуралните недоследности, заплашувањето и притисокот врз гласачите кои негативно влијаеја на довербата на јавноста во процесот.

Поддржувачите на грузиската опозиција масовно на улиците на Тбилиси
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00

„Грузија треба да се врати на спроведувањето на деветте чекори како приоритетно прашање. Дополнително, Грузија треба да го укине Законот за транспарентност на странско влијание, законодавниот пакет за „семејните вредности и заштитата на малолетниците“ и да се воздржи од други активности кои го поткопуваат владеењето на правото. “, пишува во документот.

Комисијата порачува дека ако Грузија не се врати на вистинскиот правец кој нема да го загрозува нејзиниот пат кон ЕУ и не покаже опипливи напори за решавање на отворените грижи и клучните реформи, Комисијата нема да биде во позиција да ја разгледа можноста за препорака за отворање преговори со Грузија.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG