Проруската партија Грузиски сон би требало да ја прошири својата контрола врз парламентот, според прелиминарните резултати од изборите во саботата (26 октомври). Но, поради огромната разлика во резултатите во однос на излезните анкети, прозападната опозиција ги прогласи изборите за „украдени“.
Партијата основана од милијардерот Бидзина Иванишвили освои нешто повеќе од 54 отсто од гласовите, според повеќе од 99 отсто од преброените окрузи. Според резултатите што ги објави Централната изборна комисија, четири опозициски партии го поминаа прагот од 5 проценти за влез во Собранието.
Опозициската Коалиција за промени, Единство за спас на Грузија, Силна Грузија и партијата За Грузија заедно освоија нешто повеќе од 37 отсто од гласовите.
Излезните анкети спроведени во име на провладините и опозициските организации, сепак, покажаа значително различни резултати.
Додека Грузиски сон освои 56 отсто во излезната анкета спроведена од провладината телевизија Имедиј, партијата не доби повеќе од 42 отсто во две опозискиски излезни анкети.
Видете и ова: Сè што треба да знаете за клучните избори во ГрузијаСпоред прелиминарните резултати, Грузиски сон треба да има 89 места во 150-члениот парламент, доволно за одржување на владата, но не доволно за апсолутно мнозинство што ќе и овозможи на партијата да направи големи уставни промени.
Обединетото национално движење, кое ја предводи коалицијата „Единство за спас на Грузија“, веднаш ги отфрли резултатите објавени од грузиските изборни власти.
„Од името на Обединетото национално движење објавуваме дека не ги прифаќаме резултатите од украдените избори и немаме намера да го признаеме исходот од овие украдени избори“, рече претседателката на партијата Тина Бокучава во раните утрински часови на 27 октомври.
Таа ги повика другите опозициски партии да заземат став против најавените резултати, додавајќи дека во текот на денот најверојатно ќе има „големи протести“.
Мамука Хазарадзе, лидерот на Силна Грузија, инсистираше на тоа дека опозицијата победила на изборите, што е клучно за идниот пат на кавкаската нација во Европа.
„Честитки за поразот на руската влада во Грузија“!, рече тој по затворањето на гласачките места.
Ника Гварамиа, член на Коалицијата за промени, рече дека неговата група нема да го признае најавениот исход, нарекувајќи го процесот „државен удар“.
За прв пат, Грузија употреби нов систем на електронско пребројување на гласачките ливчиња, со хартиена резервна копија, што овозможува објавување на резултатите само неколку часа по затворањето на гласачките места во 20 часот по локално време. Изборната комисија соопшти дека имало само мали пропусти.
Милијардерот Бидзина Иванишвили, основач на владејачката партија и поранешен премиер, беше првиот кој прогласи победа, само неколку минути по затворањето на гласачките места.
„Редок случај во светот е иста партија да повтори таков успех во ваква тешка ситуација - тоа е добар показател за талентот на грузискиот народ. Ве уверувам дека нашата земја ќе постигне голем успех во следните четири години “, рече Иванишвили.
Првичните резултати беа базирани на електронско пребројување на гласовите, кое се очекуваше да биде завршено ноќта на изборите. Рачното пребројување на гласовите, како и броењето на избирачките места кои немаа електронски системи за гласање, се очекува да заврши утрото на 27 октомври.
Излезноста беше речиси 59 отсто, соопшти Централната изборна комисија, повеќе отколку на последните два претходни избори во 2020 и 2016 година, но околу два отсто помалку отколку во 2012 година, кога на власт дојде Грузиски сон.
Иванишвили, проевропската опозиција и странските дипломати ги сметаа изборите за пресвртница што ќе одлучи дали Грузија ќе се приближи кон Западот и Европската унија или ќе се сврти кон Москва, додека војната на Русија во Украина продолжува.
Видете и ова: Поголема излезност на изборите во ГрузијаМногумина очекуваа објавувањето на победата на Грузиски сон да предизвика протести, со оглед на длабокото противење на партијата кај многумина во Тбилиси. Пролетта, градот беше сведок на големи демонстрации против усвојувањето на озлогласениот закон за „странски агенти“. Но, малку пред полноќ, на улиците не се забележани толпи луѓе.
Доколку се потврдат прелиминарните резултати, Грузиски сон сега ќе може да избере нов претседател, кој има поцеремонијална улога. Изборите ќе се одржат во рок од 45 дена од првата седница на новоизбраниот парламент.
Шефот на државата за прв пат нема да биде избран од граѓаните, туку од членовите на избирачкиот колегиум - претставници во парламентот, повисоките претставнички тела на автономните републики Абхазија и Аџара и членовите на претставничките тела на локалните органи на самоуправа.
Како помина предизборната кампања
И партијата Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, и опозицијата изјавија дека сакаат да влезат во ЕУ.
Сепак, Брисел претходно оваа година го суспендираше процесот за членство на земјата, која има околу 3,8 милиони жители и граничи со Русија, откако владејачката партија усвои закони кои ја задушуваат слободата на говорот.
Владејачката партија Грузиски сон ги опиша изборите како избор помеѓу мир и војна, велејќи дека ако опозицијата победи, таа ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.
Опозицијата го оквалификуваше гласањето како избор меѓу Западот и Русија и меѓу демократијата и авторитаризмот, наратив што го повторија официјални лица во САД и Европа кои го критикуваа Грузиски сон за демократско назадување.
Пријавени се некои инциденти, иако Натија Хоселиани, портпаролката на изборната комисија, претходно за медиумите изјави дека по „мали технички пропусти“ процесот се одвивал „мирно“ на сите 3111 избирачки места.
Дописникот на Радио Слободна Европа од оваа земја јави за инцидент во јужниот град Марнеули, каде што член на опозициската партија наводно бил претепан од претставник на Грузискиот сон на избирачко место.
Во Рустави, град на дваесетина километри југоисточно од Тбилиси, дописникот на Радио Слободна Европа, Давит Мчедлиџе, бил вербално малтретиран и спречен да ја врши својата работа на гласачкото место од неидентификувани лица кои се обиделе да му го земат телефонот.
Сведокот за РСЕ изјави дека на гласачкото место имало непознати лица, што е спротивно на законот. Иако била повикана полиција, никој не пристигнал, изјави сведокот за РСЕ.
Видете и ова: Саакашвили: Ако владејачката партија победи на изборите, независна Грузија „ќе престане да постои“Новиот изборен систем значи дека партиите или коалициите мора да го поминат прагот од пет проценти за да влезат во парламентот. Ова ги мотивираше грузиските опозициски партии да формираат коалиции за да имаат разумни шанси да го поминат изборниот праг.
Партијата Грузиски сон е основана од поранешниот премиер Бидзина Иванишвили, милијардер и најбогат човек во Грузија. Кремљ не крие дека навива за победа на Грузиски сон.
По гласањето, Иванишвили ги повика Грузијците да гласаат што е можно поголем број, додека ја обвини опозицијата дека е во служба на неименувана „странска држава“ која ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.
„Грузија, грузиски народе, грижете се за вашата земја или изберете агент на странска држава кој ќе извршува само наредби од странство“, рече Иванишвили, додавајќи дека Грузија тогаш ќе се соочи со „катастрофа и урнатини“.
Премиерот Иракли Кобакиџе по гласањето рече дека е оптимист оти Грузиски сон ќе освои околу 60 отсто од гласовите, без да го објасни својот оптимизам.
„Ова е референдум меѓу војната и мирот, меѓу неморалната пропаганда и традиционалните вредности. Ова е референдум меѓу темното минато и светлата иднина на земјата“, рече тој.
Кобакиџе одби да одговори на прашањето за трансфер на власта во случај на победа на опозицијата.
Анкетите покажуваат дека повеќето Грузијци го поддржуваат влезот во Европската унија и НАТО, но исто така сакаат да избегнат конфликт со Русија и се длабоко конзервативни за прашања како што се правата на ЛГБТ+припадниците.
Меѓу контроверзните нацрт-закони усвоени од Грузиски сон е нацрт-законот со кој се бара од групите кои добиваат 20 или повеќе проценти од своето финансирање од странство да се регистрираат како „странски агенти“.
Противниците го нарекоа „руски закон“, опишувајќи го како авторитарен и инспириран од слични закони што се користат за потиснување на несогласувањето во Русија.
Донесувањето на законот претходно оваа година предизвика масовни протести и ги поттикна Соединетите Држави да воведат санкции за неколку Грузијци и да се заканат дека ќе ја прекинат помошта за Тбилиси.
Европската Унија може да размисли за привремено суспендирање на својот безвизен режим со Грузија, доколку изборите „не бидат слободни и фер“, рече амбасадорот на ЕУ во Тбилиси во септември.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Други контроверзни закони ги ограничуваат правата на хомосексуалците.
Четирите опозициски партии кои најверојатно ќе го надминат изборниот праг од пет проценти се Единство за спас на Грузија, коалиција предводена од поранешната владејачка Обединето национално движење (ЕНМ), Коалиција за промени, главно составена од поранешни ограноци на ЕНМ, Силна Грузија, идеолошки широка коалиција која се обиде да се позиционира ниту како ЕНМ, ниту како Грузиски сон, и За Грузија, партија која се отцепи од Грузиски сон.
Во кампањата, тие го насочија својот наратив кон владејачката партија, а не меѓу себе, со заедничка цел да се стави крај на 12-годишното владеење на Грузиски сон и да се оживее заостанатиот обид на Грузија за пристапување во Европската Унија.
Тие се согласија дека ако победи опозицијата, ќе му дозволат на претседателката Саломе Зурабишвили да формира технократска влада која ќе ги врати добрите односи со Западот и ќе ги укине најавторитарните закони што Грузискиот сон ги донесе пред кампањата. Зурабишвили, чија улога е главно церемонијална, беше во Грузиски сон, но стана жесток критичар на партијата.
Грузија за прв пат користи нов електронски систем за броење гласови - со хартиена резервна копија.