ЈСП и Комунална Хигиена возат „на резерва“

Автобус на ЈСП

Со блокирана сметка, по два неуспешни повика за набавка на гориво, ЈСП е во ризик повторно да ги паркира своите автобуси, откако ќе го потроши горивото позајмено од државните нафтени резерви. И камионите на Комунална хигиена ги трошат резервите откако Бирото за јавни набавки им го поништи тендерот од 2,5 милиони евра.

Само првиот ден по колапсот во Јавното сообраќајно претпријатие состојбата со автобускиот превоз во Скопје се нормализираше. Сега пак нема автобуси, кусо коментираат граѓаните на автобуските станици. 45-годишната Симона која на автобуската станица во Хиподром го чека автобусот со број 50 да ја однесе до центарот на градот, вели дека денеска чекала цели 40 минути.

„На крај го викнав сопругот да ме однесе со автомобил бидејќи доцнев на работа. Од дома до работа менувам два автобуса - и два назад, вкупно 4. Пак ги нема редовно, ама затоа, вчера на пример, и во четирите влезе контрола. Чекал-не чекал, билет бараат“, вели Симона.

Јавниот превоз колабираше минатата недела откако Бирото за јавна набавка го поништи тендерот за набавка на гориво на ЈСП и автобусите останаа во гаражите. Владата интервенираше со гориво од државните резерви за привремено да се нормализира јавниот превоз.

Видете и ова: Од утре редовен возен ред на ЈСП, Владата ќе позајми нафта за седум дена

Во меѓувреме пропаднале два повика за преговарање околу набавката на гориво за јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) , дознава Радио Слободна Европа од извори од две нафтени компании кои биле повикани да достават понуди.

Од Бирото за јавни набавки (БЈН) за Радио Слободна Европа, велат дека на 21 ноември ЈСП поднеле барање за интервентна набавка на Еуродизел за одредена количина до завршување на редовната постапка. Оттаму велат дека засега немаат информација дали е завршена постапката за преговарање.

„ЈСП Скопје се уште нема објавено известување за склучен договор за предметната постапка во Електронскиот систем за јавни набавки“, се вели во одговорот на Биро за јавни набавки.

И Комунална хигиена ги троши последните резерви гориво

На Скопје му се заканува уште еден колапс - со собирањето на смет. Камионите што го собираат ѓубрето од скопските улици ги трошат последните резерви на гориво, откако Бирото за јавни набавки го поништи тендерот на 24 октомври на Јавното претпријатие „Комунална Хигиена Скопје“ вреден 2,5 милиони евра за гориво доволно за една година.

Неколку дена подоцна Комунална Хигиена распиша повторно ист тендер. Во меѓувреме дел од вработените во претпријатието за РСЕ велат дека работат редуцирано, односно дека само само дел од камионите низ скопските улици собираат смет, затоа што ги штедат последните резерви на гориво, додека го чекаат исходот од повторениот тендер.

Илустрација, преполнети контејнери со ѓубре поради протест на вработените во „Комунална хигиена - Скопје“ - 10 јули 2023

Од Бирото за јавни набавки велат дека тендерот е поништен поради утврдени пропусти во тендерската документација, односно дека во цената на понудата не бил утврден начинот на кој нафтената компанија треба да ја формулира единечната цена за ставката - течен нафтен гас.

Од Комунална Хигиена не добивме одговори на прашањата до кога имаат резерви на гориво за камионите да собираат смет.

Видете и ова: Политичките препукувања ги наполнија скопските улици со ѓубре

Според податоците од Бирото за јавни набавки во период од 2020 до 2022 година, Комунална хигиена набавила гориво од нафтената компанија Пуцко петрол, која е во сопственост на Алија Јахоски, син на поранешен пратеник и градоначалник од ДУИ на општина Пласница Исмаил Јахоски. Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека вредноста на едногодишните договори за тој период изнесувала 4,6 милиони евра.

Според податоците од Министерството за финансии, Комунална хигиена од почетокот на годинава до септември, должи 5,1 милион евра, што е за речиси три пати повеќе од тоа што во истиот период лани го должела кон фирми.

Од ЈСП не откриваат зошто им е блокирана сметка

Во долгови е и ЈСП, па од нафтените компании велат дека не им е економски исплатливо да влезат во тендерска постапка со претпријатие чија банкарска сметка е блокирана, што го потврдуваат податоците од дата базата на македонски компании „Бизнис мрежа“.

Ова во пракса значи дека ЈСП не може да си ги плаќа своите обврски кон добавувачи, ниту пак да ги финансира своите тековни активности.

Блокирана банкарска сметка на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ЈСП

Според информациите кои ги добивме од Пуцко Петрол, ЈСП кон оваа фирма долго време не ги исплаќала фактурите чија вкупна вредност достигнала речиси 10 милиони евра. Оттаму велат дека немаат интерес да учествуваат во интервентна набавка, во ситуација кога не можат да си ги наплатат претходните „заробени “ пари.

Станува збор за претходниот двегодишен договор кој Пуцко Петрол го склучи со ЈСП во 2022 година.

Тогаш во јавноста се крена „прашина“ затоа што ЈСП потпиша договор со кој требаше да да набави гориво од нив во вредност од 27 милиони евра, по 118 денари за литар, иако цената во мало продажба тогаш изнесуваше по 90 денари за литар.

Видете и ова: Ако сака, Владата може да и одземе ингеренции на Арсовска

Во меѓувреме, автобусите на ЈСП имаат резерва за уште една недела возење.

Владата на 21 ноември, одлучи да му позајми на ЈСП 250 тони нафта, што беше доволно за 10 до 12 дена да возат 200-те автобуси на ЈСП.

Ниту директорот на ЈСП Драги Кушовски, ниту службите во ЈСП не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа за тоа како со блокирана сметка ќе склучат договор за набавка на гориво, ниту зошто им е блокирана сметката.

Пуцко Петрол побарал камата од 200 илјади евра

Но Јавното сообраќајно претпријатие на Пуцко петрол му должи и 200 илјади евра за казнена камата поради ненавременото исплаќање на фактурите за гориво.Државниот завод за ревизија утврдил дека ЈСП склучил неповолно спогодба за плаќање на долгот на рати, со казнена камата што е за 50 отсто повисока од законската казнена камата.

„Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка“ е заклучокот на ревизорите.

Според последниот ревизорски извештај заклучно со 31 декември 2023 година ЈСП имал над еден ипол милион евра неисплатени обврски кон овластените превозници.

ЈСП ги крие долговите

Долгот на ЈСП за само една година од 2021 до 2022 година пораснал речиси двојно, покажуваат податоците на Министерството за финансии. 2021 година ЈСП ја завршил со неплатени обврски во вредност од 2,5 милиони евра, додека 2022 долг достигнал до 5,1 милион евра, а годината потоа, во декември 2023 година се намалил на 4,5 милиони евра.

Но, годинава за прв пат ЈСП не доставил информации до Министерството за финансии за доспеаните неплатени обврски, за ниту еден од трите квартали, иако тоа е законска обврска.

Ревизија - Субвенциите од Град Скопје не се доволни

ЈСП „Скопје“ во јануари годинава доби субвенции од Градот во висина од речиси 11 милиони евра. Девет месеци потоа градоначалничката Данела Арсовска побара од Советот да изгласа ново субвенционирање во висина од 2,6 милиони евра за непречено да се одвива јавниот превоз во градот. Според податоците од дата базата „Отворени финансии“, градот Скопје заклучно со ноември, во форма на субвенции му исплатило на ЈСП вкупно 14,1 милиони евра.

Ревизорите забележуваат дека и покрај редовните градски субвенции од 11 милиони евра, ЈСП Скопје не е во можност да постигне одржлив урбан транспортен систем.

Но, горивото и долговите не се единствените проблеми со кои се соочува Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје.

Пропаѓаат тендери за набавка на резервни делови

Ако се разгледаат јавните набавки на ЈСП во последните три месеци, се забележува дека во тој период од 75 огласи, биле склучени 50 договори за набавка на разни делови, а 25 тендерски постапки биле поништени затоа што на огласите не се пријавила ниту една фирма или пак не била поднесена ниту една прифатлива понуда. Станува збор за набавки на гуми, делови за автоелектроника, стартери за автобуси и слични делови.

Поништени тендерски постапки на ЈСП, извор Биро за јавни набавки

Ревизорот во својот извештај забележува дека ЈСП има слабости во утврдувањето на техничката спецификација при огласување на тендерите.

„Упатува на несоодветна примената на Законот за јавни набавки, намалување на конкуренцијата помеѓу економските оператори, ризик од ненавремено и неквалитетно реализирање на договорите, не обезбедување на транспарентност, фер конкуренција и објективност при изборот на понудувачите, што има влијание на рационално и ефикасно користење на средствата на јавното претпријатие“, се вели во ревизорскиот извештај.

Половина автобуси на ЈСП паркирани

Возниот парк на ЈСП брои речиси 400 автобуси, од кои само половина се исправни велат вработените во ЈСП.

Претставникот на синдикатот во ЈСП, Миќо Стојановски вели дека само 30 автобуси се паркирани поради пукнати или скршени шофершајбни.

„ЈСП не може да трпи поништен тендер за набавка на делови, затоа што тоа за автобусот на кој што му е потребен дел значи паркирање од 49 дена“, објанува Стојановски.

И автобусите говорат за крахот во ЈСП

Според државниот ревизор во периодот од 2022 до 2023 година ЈСП инвестирал само 65 илјади евра во опрема, но не и во подобрување на возниот парк, во кој просечната старост на автобусите изнесува 12 години.

Стојановски вели дека нерегулираноста на јавниот превоз влијае и врз вработените во ЈСП. Во изминатава година ипол околу 500 вработени го напуштиле ЈСП.

„Останавме само оние кои сме повозрасни, кои сме со генерации во ЈСП “, вели Стојановски.

Советот на Град Скопје во изминативе три години не потпишал согласност за Годишните планови за вработување и претпријатието ангажира луѓе преку Агенциите за привремени вработувања. Ревизорот смета дека со таквото решение, ЈСП го прекршува законот затоа што привремено вработените остануваат на работа подолго од две години.

Градските претпријатија - колатерална штета во „политичката војна“

На последната седница на Советот во Градот по 26 пат, советниците на Град Скопје не ја изгласаа потребата од набавка на нови автобуси за главниот град, ниту пак потребата од воведување на Брзиот автобуски превоз.

Во соопштението од кабинетот на Арсовска е наведено дека последната седница покажува дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го среди хаосот во јавниот сообраќај.

„Напротив, денес повторно се докажува дека всушност тие се креатори на хаосот“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинуваат Арсовска за хаосот во јавниот превоз, за честата смена на директорите, како и за лошо менаџирање.

Видете и ова: ЕУ му донираше на ЈСП шест еколошки автобуси

„Скопје во моментов се бори за живот, очајно му треба инфузија, а потоа терапија. Владината интервентна мерка за јавниот превоз е мерка за крахиран систем. Тоа е само залекување на рани“, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за ТВ Алсат.

Во меѓувреме Владата најави дека со електрични автобуси ќе го спасува и јавниот превоз и воздухот во главниот град. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата до крајот на годината ќе распише тендер за електрични автобуси.

„Ќе се набават меѓу 100 и 120 автобуси, од кои најголем дел ќе завршат во Скопје, но и другите општини ширум државава кои имаат организиран јавен градски превоз“, изјави Мицкоски.

Дополнително ЈСП доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската Унија.

Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати.

Видете и ова: Скопје плаче за ослободување од „современите окупатори“

Во неколку наврати Скопје се соочи со проблеми со несобраното ѓубре од контејнерите. Причина за тоа беше и протестoт на вработени во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ лани во јули кои бараа повисоки плати и враќање на отпуштени работници, за кои што надлежните тврдеа дека не доаѓале на работа, а земале плата.

Ситуацијата во главниот град тогаш ја разгоре вербалната „војна“ меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје, а им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица.