Андовска, јули оваа пост пандемиска 2021 година, го поминавте на тркала. Со работа по летните горештини. Најнапред светска премиера на вашата композиција „даМар“ на Фестивалот НЕО во Белград, потем и изведби во Нови Сад и Ниш со ансамблот МЕТАМОРФОЗИС и виолистот Саша Мирковиќ, уметничкиот раководител, па враќање дома и прво издание на Living Music Project во рамките на СИНЕДЕЈС и потоа учество на КОТОРАРТ на Конференцијата „Нова нормалност: набљудување, размислување, преформулирање на улогата на уметноста и на културата по Ковид 19“. Засилена активност или така се наместија коцките? Од каде време, желба, сили за сето тоа?
Со оглед на моменталната ситуација поради пандемијата, би можело и да изгледа како засилена активност, но во поинакви/вообичаените околности, ова би ми било/ми беше моето темпо. Време нема, ама време секогаш се наоѓа, особено кога човек ја сака својата работа и сите нејзини аспекти, а оттаму доаѓа и енергија да се постигне сè.
Ајде сега малку подетално, во Белград, во Србија за вашата композиција „даМар“ беше забележано дека го „содржи сиот чемер што денес го живее Македонија“. Како настана оваа творба за виола и оркестар, од каде инспирацијата? Колку длабоко слеговте во сопствената реалност за да се изроди таа? Конечно, ајде и малку пошироко ИМАМЕ ЛИ НИЕ МУЗИЧКА КРИТИКА? Остана ли простор за неа и за културата воопшто во медиумите во земјава?
Композицијата е напишана по нарачка од ансамблот МЕТАМОРФОЗИС и Саша Мирковиќ, за соло виола и гудачки оркестар. Ансамблот е веќе 15 години еден од најактивните и реномирани, водечки ансамбли во Србија и на Балканот. “даМар“ дојде како резултат на соработката со Метаморфозис за потребите на 29. Интернационална трибина на композитори во Србија, каде тие ја изведуваа мојата “Zugzwang”, па ми побараа да им напишам композиција за нивниот проект Balkan Road. Веќе во изборот на програмата беа едни од најистакнатите балкански композитори како Дејан Деспиќ (Србија), Фазил Сеј (Турција), Александра Вребалов (Србија/САД), Константин Силвестри (Романија), Петар Христосков (Бугарија), така што само “даМар“ имаше светска премиера, оти специјално напишана за оваа серија концерти.
Видете и ова: Андовска - Секогаш го барам тој еден човек во публиката со којшто можам да се поврзамИмав многу кратко време да ја напишам - кога ми се јавија ми побараа композиција со зборовите “Za juče” (за вчера), што во превод од композиторски јазик е за помалку од еден месец. Другиот дел од барањето беше да биде во мој стил, со мојот музички јазик, но да инкорпорира елементи од македонскиот фолклор, оти тоа е темата на проектот - Балканот.
Тоа беше сосема доволно да излезе такво парче со висок интензитет, при чија премиерна изведба дури и солистот плачел додека свирел. Не требаше многу да копам по себе, ваквата емоционална напрегнатост е со нас најмалку 10 години во континуитет.
Што се однесува до критиката - за жал, и она малку што го имавме, како само наративен осврт на концерт, веќе го немаме. Останаа двајца новинари, Вие и Тони Димков, кои известуваат, но онаа вистинската, стручна, музиколошка критика, која животареше до пред извесно време, сега веќе сосема ја нема.
Нема место за култура, а уште помалку за критика во земја во која партиските (не политички, партиски) определби ја обликуваат сцената, каде е поважно од која партија си отколку професионалноста и каде дури уметниците и медиумите се партиски послушници и памфлети, со многу ретки и чесни исклучоци, се разбира.
Со оглед на тоа дека освен на Музичката академија сте и професор на ФДУ, сосема разбирливо е и вашeто присуство на 20-от СИНЕДЕЈС. Што значи тој проектот Living Music за вас како творец и едукатор, а што за манифестацијата?
Филмот и филмската музика отсекогаш ми биле голема љубов, а преку проектот Living Music ќе можеме на пошироката јавност да и’ покажеме колкаво е влијанието на музиката врз перцепцијата на филмот. Во овој интернационален проект се вклучени 15 учесници, селектирани по конкурсот на Синедејс - 5 режисери и 10 композитори од Македонија, Грција, Турција и Албанија. Секој режисер соработува со двајца композитори, а целата група работи на вкупно 5 филма, со што секој од филмовите ќе има две различни музички обликувања и видувања.
СИНЕДЕЈС пред неколку години востанови нова награда, за најдобра оригинална музика во филм, каде јас бев дел од жирито заедно со Влатко Галевски, Александар Пејовски и Бранимир Николовски. Идејата на директорот Русе Арсов е да префрли дел од акцентот на овој фестивал на европски филм на музиката во филмот, па оттаму органски произлезе еден ваков пилот проект, кој се надевам ќе има богата и плодна иднина и ќе создаде многу нови филмски тимови.
И, да се нурнеме во темата на Конференцијата на КоторАрт. Колку вам ви зеде и колку ви даде периодот на изолација? Излеговте ли поодлучни по него? Имавте ли време да творите, да расчистите со неважностите и да ги преиспитате работите со вашата присутност на нашата културна сцена и во ова, пак, каде културата никако да престане да биде монета за поткусурување?
Се разбира, не престанав да компонирам, имав неколку светски интернационални, но и домашни премиери. Периодот на изолација ми ја одзеде слободата, она што ми е најважно. Слободата на движење, слободата на комуникација, на социјализација - токму она на кое дадов акцент на конференцијата на УНЕСКО во Котор, важноста на сцената, на директната енергетска комуникација со публиката, што е особено важно за сите изведувачки уметности.
Но ништо и никој нема да дозволам да ми ја одземе слободата на мислата.
Културата нема да престане да биде монета за поткусурување сè додека политиката и партиите се во сите пори на општеството. Сè додека се добиваат проекти и позиции по партиска заслужност, а не според стручност, профилираност и професионалност, не можеме ни да зборуваме за култура. Сè додека постојат црни листи (на кои јас сум секогаш), сè додека некои уметници се политички подобни или неподобни, не можеме ни да зборуваме за уметност.
Природната позиција на уметникот е да биде слободен и да биде огледало на неговото современие, да биде критичко око и уво и да рефлектира, да биде коректор, а не да биде партиски памфлет.
Најдовте ли време да се бавите со своето дообразување и до каде сте со докторските студии во САД. Ова, не случајно ве прашувам бидејќи ние генерално како да патиме од потребата да се натпреваруваме со светот околу себе, да комуницираме со него и да дофрламе подалеку од Табановце или Гевгелија. Колку искуството што го имате од годиниве зад нас, едукацијата во Швајцарија, европските награди... соработките со познати интернационални оркестри ќе ви овозможат поинаква стартна позиција во натамошна промоција на вашата музика, вашата уметност?
Да, ова е болна точка. Мојата уметничка дисертација - големо и комплексно мултимедијално музичко-сценско дело, беше завршена веќе во 2015, па дури и доби прва награда од конкурсот на Министерството за култура, се разбира, додека имаше интернационална комисија. МОБ ја презеде обврската за премиерна изведба и еве, 6 години подоцна, нема премиера. Иако завршен уметнички дел, мојата Alma mater се потруди на секој начин да го опструира докторатот под менторство на професорката Каја Черновин од Харвард Институтот, САД и им успеа. Веројатно не можеа да сфатат која е вредноста за ФМУ - Скопје да се залепи името на Харвард, па макар и преку Дарија Андовска.
Што се однесува до интернационалните контакти - тие ми ги овозможи мојата музика уште додека бев само студент на ФМУ - Скопје, а понатаму само се продолжија. Синџирот е таков - ќе ја чујат музиката, ќе им се допадне, ќе го најдат композиторот и ќе предложат соработка, така што не се грижам за опструкциите овде дома - мојата музика има многу активен и убав живот надвор од границите на Македонија.
Од друга страна, во последниве две години Дарија Андовска е и на чело на фестивалот Денови на македонска музика на СОКОМ. Лани покажавте дека манифестацијата може и тоа како да биде возбудлива за поширокиот аудиториум, а годинава сте исправени пред нов предизвик, со многу малку одобрени средства од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за програми од национален интерес да направите програма што сите би сакале да биде иден успешен исчекор. Времето за такво нешто е кратко, но се чини дека идеи не ви недостигаат. Ќе се справите ли со таквиот апсурд?
Изгледа многупати пишав “за жал“ и, за жал, еве го пак: За жал комисијата и ресорното министерство не сметаат дека треба да се поддржи овој стар и единствен фестивал од ваков тип. Како уметнички раководител, со толку смешно мал износ, понудив на претседателството две опции: колку пари-толку музика (да нема фестивал оваа година) или да побараме поддршка од музичките уметници. Огромен број на македонски музички уметници, како и странци, се согласија се речиси никакви или реално никакви средства да настапуваат на годинешните ДММ, со цел да го поддржат фестивалот и македонските творци. Бескрајно сум им благодарна. Фестивал ќе има, со дури 14 настани и ќе се случи во септември.
И, за крај, како уметник, автор и педагог, вљубеник во спортот, национално освестена жена ... ве има често во медиумите, на социјалните мрежи. И, вообичаено кревате прашина. Постојано со критики за оние што се на власт. Го штитите своето и достоинството на самомислечките луѓе. Ќе успееме ли да останеме свои на своето овде и сега или... Каква ќе биде вашата музика на иднината?
Соодветна.
Дарија Андовска е авторка е на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти. Дипломирала композиција во Скопје, магистрирала современа и филмска музика на ZHdK во Цирих, Швајцарија, а моментално е на докторски студии во класата на Каја Черновин на Харвард институтот во САД. Нејзините дела се изведувани безмалку во целиот свет, во земји како Ка нада, Кина, Данска, Англија, Франција, Германија, Италија, Ирска, Мексико, Норвешка... Била победник на бројни натпревари, номинирана е и наградувана за филмска и театарска музика глобално, а нејзиното име е забележано и во светските антологии во различни области. Згора на тоа била избрана од страна на „MusMA – Music Masters on Air“ како еден од најдобрите млади композитори во Европа за 2013/2014 година, ја добила и на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих – Композитор“ за 2014 година.
По враќањето во Македонија на два пати била наградувана од СОКОМ со „Виртуози“ за композитор на годината, а во 2018 година станала и добитник на државната награда „Панче Пешев“ за највисоки достигнувања во музичката уметност.
И, овде од биографијата можеби може да стои и тоа дека две сезони беше Македонски амбасадор за музика за проектот CEEC 17 + 1, исто толку пати е уметнички раководител на фестивалот Денови на македонска музика, а работи како редовен професор на Факултетот за музички уметности, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.