Достапни линкови

Животот е чудо – Среќна нова престапна и „изборна“ 2020


Новогодишна елка во центарот на Скопје.
Новогодишна елка во центарот на Скопје.

Музиката со која би ја опишал 2019 би била шизофренична, со нагли контрасти кои би се движеле од чисти убави состојби кон потполн траор и немоќ, вели диригентот, аранжерот, мултиинструменталистот Џијан Емин.

А, во очекување на течението на уште една историска година, бидејќи овде на ова мало парче небо и земја, раска во окото на волците во јагнешка кожа, секоја е историска, а особено оние со предзнак изборни, и овојпат ќе се обидеме да ви понудиме во неколку различни видувања на она што ни се случуваше и уште повеќе што си пожелуваме да ни се случува. Забележавме кажувања на културни дејци на кои и тоа како им тежи фактот што во нашава Македонија децении наназад културата е монета за поткусурување, што ја тресат скандали од кои главнината со далекусежни последици како на пример годишниот Конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура, непотпишувањето на Колективниот договор кој ги ги натера културните работници да го почнат штрајкот, „игрите“ со државните награди...Значи како на филм. А, за чудо, пак, и во едни вакви услови сведетели бевме на процутот на македонската кинематографија каков не се памти. „Медена земја“ собра еден куп награди и има две актуелни номинации за Оскар, слична беше патеката и на „Господ постои името и е Пеутрунија“ и еве и на „Врба“... На оФФЕСТ ни дојде кремот на револуционерната музика од светот, а на Скопски џез фестивал го видовме сигурно најдоброто негово издание во последниве неколку декади...Филхрмонија свиреше во Кина и по Европа, а дома стана една од најпосетуваните институции, МСУ ги сруши бариерите што не одвојуваат од светот потпишувајќи ја „Сè што ни е заедничко“ со уметници кои излагаат во Гугенхајм, Мома... и носејќи ни го нашиот Глигор Стефанов од белиот свет повторно дома, тука е и Националната галерија со бројните проекти и изложби... И вака би можеле до недоглед да ги откриваме камчињата од мозаикот наречен „македонска култура 2019“.

Ренџов - Во „песната“ за 2019 би преовладале блузот, тагата, духовноста

Ќе започнеме со Петар Ренџов, најбараниот македонски музичар посебно во деновите кога ќе почне еуфоријата околу новогодишните и слични празници, кога едноставно на мнозина им треба некој да ги одлепи од реалноста и наталожените проблеми. Истиот оној, кој лани ова време како мамка за широката публика го промовираше својот албум „Џезилка“.

„Ние уметниците, посебно музичарите сакаме во секое дело, секоја композиција, да има вовед, заплет, кулминација и расплет. Тоа е она што го прави делото побогато со содржина. Ако би требало да ја напишам песната за 2019, воведот и заплетот би биле со една убава хармонична композиција на која би и додал една блуз соло, сето тоа да ги отслика односите во моето семејство и бројните ангажмани што ги имав за празниците и по објавувањето на албумот. Меѓутоа оние надворешни услови ја оцрнија таквата мелодија и затоа би внел едно дисторзично солирање или ако сакате несакани ноти како симбол за многуте тажни и апсурдни работи што ни се случуваат во реалноста и посебно во политиката кои дури лично ми ја навредуваа интелигенцијата. Во секој случај блузот, тагата, духовноста би преовладувале таа композиција“, вели Ренџов.

Петар Ренџов
Петар Ренџов

Рисимкин - Идентитет“ го отслика моментот во којшто се наоѓавме

За Рисима Рисимкин, кореограф, професор и уметнички директор на Скопје танцов театар, 2019 беше една навистина бурна година во смисла на творештвото и креативноста со која таа работи. Како пример за тоа го наведува проблемот што нејзиниот Скопје танцов театар го имаше со Министерството за култура. Неговото непрепознавање од оваа државна институција и покрај шесте години успешна работа и сезоната на високи дострели во чии рамки беа бележани настапите на неколку од најдобрите светски фестивали како оној во Хаг, во Холандија, во Њујорк – САД и турнејата во Кина.

„Првата претстава што ја направив годинава „Идентитет“ буквално го отсликуваше моментот во којшто се наоѓавме, односно потрагата по идентитетот којшто можевме да го изгубиме доколку не останевме. Меѓутоа, ете со огромни напори успеавме во тоа, нашиот идентитет е препознаен. Ние повеќе сакавме да не препознаат отколку да се пронајдеме себе си бидејќи за себе знаеме каде сме и што сме. Јас конечно искрено се надевам дека идентитетот кој беше препознаен преку мојата претстава „Идентитети“ и од страна на почитичарите во Европската унија и дека ние ќе успееме да се избориме со овој толку макотрпен пат кој што го минувавме децении наназад, а којшто кулминираше минатата година“, вели Рисимкин.

Рисима Рисимкин, кореограф, професор и уметнички директор на Скопје танцов театар
Рисима Рисимкин, кореограф, професор и уметнички директор на Скопје танцов театар

Петровски - „ACTION / REACTION / WOR(L)D“ во Њујорк

Страхил Петровски е ликовен уметник со бројни бележити еснафски награди и признанија. По многу успешната „Идентитети“ од пред две години, годинешната изложба „Еха од иднината“, овие денови на публиката во Македонскиот центар во Њујорк ќе и го претстави својот нов мултимедијален проект „ACTION / REACTION / WOR(L)D“. Прашан каква слика би насликал кога пред себе би ги имал настаните од земјава во текот на 2019 година, тој ќе рече дека едноставно не би се решил за такво нешто туку дека би се обидел тоа да го стори преку други медиуми. Но, ако инсистираме ...

„Тоа секако би била на некој огромен формат, поставена пред влезот на Владата на Република Македонија, независно за која владејачка гарнитура станува збор да се разбереме и да не би бил погрешно сфатен. Притоа отсликувајќи ја целокупната состојба а кога велам состојба мислам на сите аспекти: социјални, еколошки, културолошки, егзистенцијални, политички, родови, идентитетски, но и генерално проблеми во сите сфери кои не засегаат сите, првенствено како граѓани и луѓе, а ова се однесува особено во доменот на образованието и културата кои се столбот на едно здраво општество, би се решил тоа да биде во типографски стил, со испишани пораки, критики, пароли, цитати во некој да речеме со ахроматски колорит како Пикасовата „Герника“ на пример...и која би кореспондирала со тековните настани и случувања, но и со настаните кои се случиле историски, во минатото, а кои секако се рефлектираат и до ден денешен за жал!“, вели Петровски.

Страхил Петровски, ликовен уметник
Страхил Петровски, ликовен уметник

Андовска - Патување низ Европа е како time travel во паралелни димензии

Дарија Андовска, композитор и професор на Музичката академија, влегува во редот на оние кои со своето творештво не прават горди по светот. Минатата 2019 таа современата и модерна македонска музичка мисла ја однесе најнапред на Малта, а потем со ОРКЕСТАРОТ БЕЗ ГРАНИЦИ составен со видни европски и балкански музичари пропатува по регионот. Дома ја немавме честа да ја чуеме изведбата на нејзината композиција од проста и единствена причина „размислувала со своја глава и многу зборувала“. Неофицијално, нели.

„Додека бев на едно од многуте патувања во 2019, еден пријател ме праша како е низ Европа. Одговорот што го дадов веројатно би бил идејата за композицијата за 2019: "патување низ Европа е како time travel во паралелни димензии- го гледам минатото што не сме го имале и иднината што нема да ја доживееме." Значи, композицијата за 2019 би била повеќеслојна, слично на концептот на Charles Ives за Central Park in the Dark и The Unanswered Question. Во едниот слој ќе има многу цитати и парафрази од различни култури, кои ги среќавам на моите патувања (професионални и приватни), во другиот убави, блескави моменти од мојот професионален живот (а и на многумина прекрасни луѓе), со неколку кулминативни зони (како втората титула на РК Вардар, No Borders Orchestra, Honeyland), но сето тоа на македонски фон. Е сега, македонскиот фон... Тоа е третиот слој, музиката во позадина. Гротескен и тескобен истовремено, дисонантен и хаотичен, со силни акценти, кои првично функционирале како шокови, но понатаму веќе не изненадуваат туку придонесуваат кон гротеската и тескобноста. Звукот на бормашина ќе мора да се инкорпорира, за перонализирано доживување. Кулминација нема, иако се очекувала. Исто како и крај“, вели Дарија Андовска.

Дарија Андовска, композитор и професор на Музичката академија
Дарија Андовска, композитор и професор на Музичката академија

Ристевска-Петрушева - Емигрирањето е главната и најважна катастрофа

Режисерката Софија Ристевска -Петрушева во мај годинава во театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес ја постави „Свадбата“, претстава за комплексноста на човечките животи исправени пред нови предизвици, а нешто потоа во август, во Интимен театар во Битола и документарната театарска поставка „Жени“, базирана на интимните споделувања на жените болни од рак и во нивна изведба.

„Во изминатава година бевме сведоци на многу општествено политички настани што на различен начин влијаеа врз нашите животи. Но и покрај сè, за мене најпотресен е фактот што нашата држава е масовно напуштана од сопственото население. Луѓето се борат за подобро утре и сè повеќе сакаат да заминат и заминуваат од загадениот воздух, социјалната и финансиска несигурност, како и од расклиманиот систем на вредности што сеуште владее кај нас. Немањето на еднакви можности за сите, делува демотивирачки посебно врз младите, а всушност и врз целата пред се работоспособна популација. Оваа година емигрирањето е посебно засилено и внатрешноста на нашата држава забрзано изчезнува, што според мене е главната и најважна катастрофа на којашто треба да и обрнеме огромно внимание“, истакнува Ристевска Петрушева.

Режисерката Софија Ристевска Петрушева
Режисерката Софија Ристевска Петрушева

Емин - Музиката за 2019 е шизофренична

И, конечно оваа низа ја затвораме со диригентот, аранжерот, мултиинструменталистот Џијан Емин, кој наспроти обврските во матичната Филхармонија, оркестарот ФЕМУС, сопствениот квартет, Биг бендот на здружението на џез музичари ... бројните проекти со Рено Гарсија Фонс, Феми Кути..., глобално можете да го сретнете на иста сцена со Дерик Меј, Хуан Аткинс и други големи ѕверки од светот на современата музика.

„За човек да може да постои и функционира во ваков свет потребно е да има две перцепции кон нештата. Во мојот случај едната перцепција е за сите мои најблиски, сè она што го правам јас и начинот на кој делувам, дали и колку успевам во реализација на идеите и желбите, што сакам да правам, што ме прави среќен, … Во оваа перцепија животот е прекрасен, магичен, полн со љубов и возбуда, авантура, убава чувство и генерално исполнет живот.
Другата перцепија е за сè она што е околу мене, реалниот свет, во кој за жал се повеќе победува злото, свет исполнет со гнев, омраза, завист, расипништво,…
Музиката со која би ја опишал 2019 би била спој на сите овие состојби, шизофренична, со нагли контрасти кои би се движеле од чисти убави состојби кон потполн траор и немоќ. Главен елемент на музиката ќе биде апсурдот и циркусот како нешто многу смешно и многу тажно заедно. Тоа е мојата музика за 2019та“ , смета Џијан.

Џијан Емин. диригент, аранжер, мултиинструменталист.
Џијан Емин. диригент, аранжер, мултиинструменталист.

И, по ваквите кажувања, по сликите, музиките... за времето минато и генерално грдите, погледот кон иднината го вели следното. Горе долу од реалноста не може да се избега, но ...

„2020 година во мојот календар е запишана само за сега со повеќе од 30 настапи и тоа е она што навистина ме прави среќен, па така мојата идна музика би била во 7/8 предзнак, убави ноти и она што секој човек вообичаено си го пожелува себе, на најблиските и воопшто на сите луѓе – поубаво утре. Им, пожелувам на сите да ги води поубава, хармонична и весела Нова година“, ќе рече Петар Ренџов.

Од друга страна Рисима Рисимкин, се надева дека за неа 2020 ќе извонредна година бидејќи ќе направи убав јубилеј: 30 години кореографско творештво.

„Она што го планирам по тој повод е да направам еден римејк на мојата прва претстава што ја работев 1990 година под наслов „Џенис“, а беше посветена на животот и кариерата на големата американска и светска рок пејачка Џенис Џоплин. Веќе разговарав со моите најблиски соработници и со танчерите за оваа претстава и сме многу возбудени од можноста да направам едно ново видување на нешто што означуваше почеток на современата танцова сцена во Македонија. Со големо нетрпение, оптимизам и некаков момент на радост и среќа го очекуваме тој креативен процес и се надевам дека и самата претстава ќе биде позитивна и оптимистичка.“

А, Страхил Петровски забележува дека во однос на тоа какви бои, тонови, ритми, интервенции во простор и пораки си пожелува на тоа што допрва треба да се исцрта и да ни се случи ...ќе додаде дека тоа би биле ахроматски тонови, црна, бела, сива „впрочем каква и што ни е сегашноста“.

„Меѓутоа колку и да звучи ова депримирачки, јас по природа сум оптимист и сметам дека секогаш треба да постои трошка надеж во сите нас. Колку и да звучи како излитена фраза, а се повторуваат секојдневно.... ќе треба интензивно да работиме заедно за поквалитетно и поздраво општество за сите. И, кога го велам ова мислам на заедништво, а не на поделби , на омраза ... Ова особено во ментална смисла. Нам ни треба ментално прочистување, а не загадување... Затоа во наредната 2020 година да исцртаме слики, да креираме проекти обоени со ведрина и светол колорит проткаен позитивна и здрава мисла и енергија. И дефинитивно тоа секако зависи од нас самите. “

Дарија Андовска, за композицијата за 2020 година ќе бара пред се да го смени фонот на нашето секојдневие , на нашата сурова реалност...

„Сигурно, како многумина, ќе барам начин да го сменам фонот со некој од оние од паралелните димензии во time travel. Како уште еден слој, сега за сега, ми останува концептуалниот пристап на John Cage во 4'33"- да слушам какви звуци креира околината да би направила композиција. “

Режисерката Ристевска – Петрушева, пак, со мисла дека „секогаш има надеж кога државата ќе се грижи за своите граѓани, кога ќе се врати вербата во системот, кога криминалот ќе се сведи на незначителен минимум, кога ќе нема дискриминација по никаква основа, кога граѓанинот ќе осети и ќе осознае дека има моќ да го крои и моделира општеството во коешто живее“. Тогаш, како што вели, надежта ќе се врати на голема врата.

„Од тунелот би не извадило пред се инвестирањето во здрава животна средина и чист воздух, поточно детектирањето на загадувачите и нивно најхитно отстранување. Елиминирањето на политиката од останатите сфери на нашето живее. Подобрувањето на здравствениот и образовниот систем. Зголемувањето и подсилувањето на социјалната држава, поточно уште поголема грижа за луѓето на маргините. Привлекување на инвестиции, посебно во внатрешноста на државата, за да се зголеми финансиската моќ на обичниот граѓанин, како не би се напуштале помалите населени места. Постигање на рамномерен економски развој на целата држава. Сливање на значително поголеми средства во културни организации што работат во провинцијата, за културно раздвижување на другите региони, што не се блиску до главниот град. Со еден збор, од тунелот би не извадило засилувањето на граѓанското општество и создавањето на услови во коишто секој граѓанин би се осетил подеднакво важен и почитуван.“

А, трагајќи по оптимизмот полека стигнуваме повторно до секогаш насмеаниот Џијан Емин кој си посакува да направи музика која ќе ги излечи луѓето од лошите духовни состојби.

„Си посакувам да направам музика која ќе може да ги излечи луѓето од лошите духовни состојби во кои се длабоко навлезени, музика која ќе им всади љубов, желба за убав живот, мир во душата, …Музика која ќе најде начин да го направи потребниот “клик” за работите да тргнат на подобро, музика која ќе не потсети дека животот е чудо и може да биде прекрасен, музика која ќе ни даде сила да не престанеме во борбата против злото, да не се откажуваме од нашите соништа и желби. Можеби се занесувам и премногу фантазирам, тоа сакам да го правам и тоа им го посакувам на сите во новата 2020-та.“

И, по сето ова нам почитувани ни останува да го прегрнеме оптимизмот и храбро да се упатиме кон стапиците што со себе ги носи оваа престапна и ајде изборна 2020 во која за жал изборот повторно ни е сведен на црно и бело и кругот наново затворен.

Да сте ни здрави, живи и весели.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG