Достапни линкови

Нескршливиот дух на „Монти Пајтон“ триумфално на „Синедејс 2019“


Со фокус на 50-годишнината од серијалот „Монти Пајтон“ и со над стотина грижливо селектирани филмски остварувања... од 7 до 15 ноември, во организација на Младински културен центар-Скопје, ќе се одржи 18-то издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“.

Градот на смогот од 7 до 15 ноември, ќе стане град на филмот. Скопје во тие денови ќе избега од својата грда слика на еден од светските шампиони по загаденост и ќе се престори во урбана средина што ја живее магијата на подвижните слики. Барем за малку, на капки, воздишки...но сепак со тежнение урбаниот дух барем и во таа временска отсечка да ги победи доминантните турбо атаци и политичката сеприсутност. Да биде сврталиште на имагинацијата и на храброста да му се погледне на животот како на нешто што ни се случува овде и сега и да се живее онака „градски“. Како што пожелуваме или уште поважно како што заслужуваме. Како на филм.

И тоа е она најмалку што го сакаме од „Синедејс“, фестивалот на европски филм, кој през годиниве не разгали со својата понуда и кој ете стигна да му се радува на сопственото полнолетство како знак на растот и амбицијата да се има голем, но и умен настан кој со секое свое издание оди чекор понапред во изместувањето на границите.

И кога сме веќе тука, а само на неколку дена пред отворањето со премиерата на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски, она што првично паѓа во очи е дека организаторите не почестија со комплетно поразлична кампања за „Синедејс“ од она што биле маркетинг кампањи за манифестацијата. Марга Арсова, програмски уредник на Фестивалот, знае да каже дека од сите понудени концепти од страна на нивниот долгогодишен партнер – Публицис, се одлучиле за кампања која најмногу комуницира со младите луѓе на социјалните мрежи.

„Сè она што сакаме да го кажеме за програмата, фестивалот, небулозните проблеми и пречки со кои се соочуваме, ќе ги кажеме преку мемиња, на саркастичен и духовит начин. Сфативме дека нашата публика буквално живее на социјалните мрежи, и затоа сметаме дека ова е добар и доста привлечен начин да и се обратиме. Дел од нашите соработници ни замерија дека не смееме да го спуштиме нивото на комуникација и да се држиме до формите за рекламирање на фестивал од ваков вид, но ние сметаме дека постојано треба да сме свежи и допадливи, а тоа понекогаш вклучува и поинаков вид на невообичаена комуникација со публиката. На крај на денот, и кичот понекогаш и во одреден контекст се категоризира како уметност“, вели Арсова.

Сцена од филмот „Значењето на животот“ од серијалот „Монти Пајтон“

Она што првично го издвојува годинешното издание на „Синедејс“ е што Меѓународниот фестивал на европски филм овојпат се приклучува кон светската прослава на 50 години од првото емитување на комичната серија „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“ („Monty Python’s Flying Circus“) на Би-Би-Си 1 во далечната 1969, која колективот денес ја презема како годишнина од формирањето на групата со низа специјални појавувања, настани и филмски проекции низ Велика Британија и во Европа.

Ова подразбира дека на „Синедејс 2019“ ќе се случат специјални проекции на нивните пет грандиозни филмски остварувања: „И сега нешто комплетно поразично“ (“And now for something completely different”), „Значењето на животот“ (“The Meaning of Life”), „Во живо од Холивуд Боул“ (“Live at the Hollywood Bowl”), „Монти Пајтон и Светиот грал“ (“Monty Python and the Holy Grail”), како и „Животот на Брајан“ (“Life of Brian”).

„Фокусот оваа година е ставен на 50 годишнината на „Монти Пајтон“, како најголемиот и најполуларниот хумористичен колектив на сите времиња. Не може денес да се спомене „Монти Пајтон“ а да не се сетиме веднаш на барем два-три скеча кои се толку популарни, а се станати дел од поп културата во светот. Случајно дознав дека оваа година тие слават 50 години од емитувањето на првата епизода од нивниот хумористичен серијал „Monty Python’s Flying Circus“во далечната 1969 на БИ-БИ-Си 1 и затоа помисливме дека со оглед на денешниот политички, културолошки и социјален контекст во Македонија и како се користи тоа „монтипајтоновски“ кога сакаме да искажеме некоја секојдневна македонска надреална ситуација, дека би било убаво да ги имаме и „Монти Пајтон“ на Синедејс. Со тоа реално стануваме дел од овој јубилеј, сметајќи дека впрочем и никогаш не сме излегле од нивните комични и сатирични погледи на светот и политиката. Воедно во рамки на оваа програма, гостин ќе ни биде и продуцентот на нивните филмови Стив Абот кому ќе му доделиме награда за животно дело“, истакнува уредничката.

Стив Абот, продуцентот на „Монти Пајтон“

Таа и со појаснување дека во рамките на гала проекциите публиката ќе има можност да ужива во „најдоброто и најнаградуваното од Европа“. Така како пример ги издвојува последното остварување на омилениот скопски режисер Џим Џармуш - „Мртвите не умираат“ („The Dead Don’t Die“, потем Вуди Аленовиот „Дождлив ден во Њујорк“, „Болка и слава“ („Pain and Glory“) на Педро Алмодовар... потем и делата на Кен Лоуч, Франсоа Озон, Фатих Акин, Роман Полански, берлинскиот победник „Синоними“ во режија на израелецот Надав Лапид и многу, многу други.

Она што е интересно е и тоа што „Синедејс“ годинава повторно соработува со on demand платформата CINESQUARE (cinesquare.net) за истовремената проекција на документарниот филм „Каде си, Жоао Жилберто“ на фестивалот, но и онлајн на платформата. Во чест на 18-то издание, соработката оди дотаму што филмови од претходните изданија на CINEDAYS се достапни преку платформата во специјална онлајн соба посветена на Фестивалот. Со тоа фактички, како што велат организаторите, „Синедејс“ се приклучува на примерот на големите фестивали нудејќи офлајн и онлајн програмски содржини, така давајќи им можност на оние што не можат да присуствуваат на манифестацијата да гледаат дел од годинашните, но и од минатогодишните програмски содржини.

Сцена од филмот „Мртвите не умираат“ на режисерот Џим Џармуш

Она што мнозина со нагласено внимание го очекуваат е и програмата на музичките документарни филмови. А, овјшпат во нејзини рамки ќе се случи долгоочекуваната премиера на филмот „Небеска тема“, филм посветен на животот и музиката на Влада Дивљан, со гости од филмот и концерт на групата ЗВУК УЛИЦА, неговиот прв бенд пред ИДОЛИ и воедно составот во кој членувале и Зденко Колар и Кокан Поповиќ. Како придружна програма во рамки на оваа премиера е закажана и фотоизложбата „Влада“ на Горанка Матиќ, фотографката, која будно ја следела неговата кариера. Оваа постановка се состои од дела од разни фази од неговиот живот – од периодот на првиот албум на ИДОЛИ, Odbrana i posledni dani, како и нивните концерти и неговиот музички ангажман за време на ОЛ СТАРС БЕНД.

Истата програмска целина ќе ја понуди и премиерата на македонскиот музички документарен филм „Ќеиф“ во режија на Блаже Дулев, филм кој го следи развојот на чалгијата во Македонија. На оваа вечер посветена на чалгијата ќе се случи и настапот на составот ЧАЛГИЈА МЕРАК.

Не помалку внимание се очекува да предизвика и проекцијата на „Туста“, филмот посветен на прерано починатиот Бранко Чрнац – Туста, пејачот на култната пулска и југословенска панк група КУД ИДИЈОТИ. А, кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека по неговото прикажување е планирана и промоцијата на книгата „Живот са Идијотима“ на поранешниот басист на бендот Ненад Маријановиќ, Д-р Фриц, кој воедно за оваа пригода ќе допатува во Скопје .

И, кога сме веќе кај таа нераскинслива врска помеѓу филмот и музиката да споменеме и тоа дека во овој контекст „Синедејс“ прави исчекор напред.

„За прв пат оваа година, воведуваме нова награда, а тоа е Наградата за најдобра филмска музика на авторски филм, каде што жирито во состав: Александар Пејовски, композитор, Дарија Андовска, композитор, пијанист и музички автор, како и Влатко Галевски, филмски критичар, ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции. Воведувањето на оваа награда за нас претставува менување на курсот на фестивалот, дистанцирање од вообичаените практики на сите европски фестивали (наградите за најдобар филм и режија) и свртување на фокусот кон третирање на авторите во филмот, чија работа е помалку застапена во листата на наградени низ останатите фестивали“, ќе рече Марга Арсова.

Во овој контекст само уште информациите дека љубителите на музиката на „Синедејс“ ќе имаат можност да ги проследат и настапите на легендарниот германски бенд THE NOTWIST и на композиторот Роџер Ино. Во рамките на истата програма премиерно ќе биде прикажан и филмот „Стакло“, во режија на Нина Маџиров, ќерка на прерано починатиот македонски џез музичар Зоран Маџиров, филм посветен на нејзиниот татко и неговиот вонсериски музички талент. Вечерта со свој краток настап кон премиерата на филмот ќе се приклучат и музичари што ќе изведуваат дела на неговите инструменти од стакло.

Сцена од филмот „Стакло“ на Нина Маџиров

Завесата на 18 издание на „Синедејс“ е планирано да биде спуштена со прикажувањето на филмот „Зад хоризонтот“ („Beyond the Horizon“) во режија на Делфина Лехерик, македонско–швајцарска копродукција каде што малцински продуцент од Македонија е „Кино Око“ на продуцентот Роберт Насков, а во кој главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста.

Да кажеме и тоа дека со благи прескокнувања на дел од најавените проекции и програмски целини, промоции и средби, кон ова уште информацијата дека оф-програмата на „Синедејс 2019“ е резервирана за презентација на проектот CON FRONT закажана за 16 ноември, ден по завршувањето на фестивалот и во која со свој музичко–синеастички перформанс ќе настапат Мартина Бараковска и Јоана Ристеска, а програмата ќе биде надополнета со проекција на филмот „Здраво Млади“ („Hello Youth“) на италијанската режисерка Кјара Катерина, во кој се зборува за група на млади уметници, кои се одбрани да учествуваат во проект промовиран од ЕУ, а заедно поминуваат низ земјите учеснички во војната, следејќи ги трагите на воените фронтови на Континентот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG