За време на една ноќна забава, група пријатели имаат спиритуална сеанса. На шега се обидуваат да стапат во контакт со духот на Александар Велики. Меѓутоа, наместо духот на античкиот лидер, меѓу нив се материјализира вистинскиот премиер на Македонија.
Набрзо, низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот шеф на владата. Светските медиуми пренесуваат дека исчезнал од спалната соба, каде што спиел до неговата сопруга. Земјата е во состојба на готовс. Преку ноќ, групата пријатели без намера стануваат грабнувачи на премиерот, а тој нивни несакан заложник.
Ова е синопсисот за „Еј“, забранетиот и долго очекуван филм на режисерот Васил Христов кој цела една декада беше во бункер за да конечно се најде пред македонската публика. А, играта на случајот сакаше премиерата да се случи во миговите кога животот стана филм, а филмот живот. Кога поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски, за да ја избегне казната затвор, избега од државата.
„Уште 2008 година, кога ја работев „Мара де Сад“ од Питер Вајс во МНТ не беше тешко да се претпостави што ќе се случи со овој режим, со една општествена ситуација којашто идеше кон тотална гротеска. Кај што градов и државата ќе се претвори во нешто уште посмешно отколку што може да се направи во театар. Не беше тешко да се претпостави дека тој режим, таков каков што е, ќе пропадне и дека ќе згасне на еден многу не чесен и глупав начин. Дека ќе се искомпромитира сам себе си до тој степен. И, нормално дека од главата нели смрди сè. Јасно беше дека зад сето тоа стои еден ум, еден цар, султан од којшто произлегува целото лудило понатаму. За жал, на овој момент моравме да чекаме цела една декада. Чиста коинциденција е дека премиерата на филмот се случува во недела, само една недела откако премиерот навистина исчезна“, вели Христов во пресрет на премиерата на „Еј“, која е планирано да се случи в недела, на 18 ноември во 20 часот, во рамките на гала програмата на актуелниот 17-ти Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“.
Тој истакнува дека не би сакал да открива повеќе детали за тоа каква е разврската на филмот. Сугерира љубителите да го видат и потем да донесуваат сопствени заклучоци.
Дополнува дека тој претставата ја работел на истата тема, но дека „не се знаел само терминот кога ќе се случи тоа“. Дека „пациентот го одржуваа на апарати, меѓутоа и тие конечно згаснаа“.
„Случајно се погоди да успееме да го завршиме филмот токму сега кога се случува бегството бидејќи тој ни беше забранет и долго беше во бункер. Едноставно на него не можеше да се работи воопшто. Да се заврши. Конечно кога ми се одобри да го завршам филмот и тој да влезе во дистрибуција, да ја закажеме премиерата, едноставно се случи ова со исчезнувањето на поранешниот премиер на државата“, вели тој.
Во „Еј“ на Христов играат актерите Кирил Коруновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Софија Насевска, Александар Микиќ, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Јелена Галевска и Кирил Поп Христов.
Продуценти се режисерот и Горан Ацевски, кинематографер Душан Кардалевски, за музиката се погрижиле Дарко Спасовски и Огнен Атанасовски, а делото се појавува во продукција на „Дијаболик“ од Скопје.