Тешко до билет за „Денови на комедија“ во Куманово

Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово

Под посебни протоколи и со намален капацитет на гледалиштето се одржуваат годинашните „Денови на комедија“ во Куманово. Билетите за публиката се делат бесплатно и онлајн.

По сите главоболки и конструкции и во услови на новата реалност продолжи 23-годишната традиција на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ организиран од НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Познатиот актер Зијах Соколовиќ (БиХ) и во овие услови допатува да другарува со кумановската публика, која за жал ќе биде малубројна.

Видете и ова: Театарот се враќа во Куманово по пауза од седум месеци

Намален е бројот на претставите на девет, од кои по една од Србија и Бугарија, две се од кумановскиот Театар на македонски и албански, и по една од Штип, Струмица и Скопје.

Кумановци кои со душа две децении го чекаа овој фестивал останаа со „прст в уста“, оти минатогодишните редици пред билетарата и „тепачки“ за билети, овојпат не помагаат. Редовните посетители стапија во тивка „војна“ со новонастанатата состојба. Ништо не е како што требаше да биде.

Сашо Тодоровски директор на Центарот за култура вели дека по многу консултации фестивалот ќе се одржи.

„Според протоколот, имаме само сто од капацитет од 677 места“, вели тој.

Билетите ќе се делат бесплатно и онлајн.

„Дел од нив ќе ги добијат спонзори и пријатели на фестивалот, за граѓаните ќе останат 60-70. Размислувавме да објавиме 60 билети за постојани гледачи на претстави, ќе се јават 160, по кој критериум да ги доделиме. Знаеме дека кумановската публика го сака овој фестивал. Сепак, очекуваме дека ќе има разбирање, зашто во овој момент е најважно да не се прекине традицијата“, посочува тој.

Тодоровски вели дека билетите ќе се пуштаат дневно, со можност програмата да се менува дневно, особено за гостите од странство. Неизвесно е како ќе биде до крајот на фестивалот.

Новинарката Снежа Петковска забележува дека иако фестивалот го следи редовно, овојпат нема желба да оди.

„Здравствените протоколи ме задушуваат. Со маска, со физичка дистанца, а ограничениот број на публиката пак, не ми се допаѓа. Мислам дека треба да се најде начин билети да добијат вистинските љубители на театарот. Тоа се луѓето кои постојано се на изложбите, концертите, претставите. Секогаш во првите редови, а не да се делат билети на општинари, партиски функционери и администрација“, вели таа.

„Денови на комедија“ е фестивал на кој кумановци одеа да се насмеат, да се препознаат или да ги препознаат шегобијните мигови во нивното секојдневие. Оние што ќе дојдат ќе можат ли широко и гласно да се насмеат и да ги споделуваат репликите со нивните најблиски и пријатели.

„Луѓето ќе се смеат и под маските, но тоа ќе остане незабележано. Самите ќе си знаат дека се смеат, чувството нема да биде целосно. Се надевам идната година дека ќе биде поинаку“, вели Петковска.

И покрај сè, за реномираната актерка Шенка Колозова овој фестивал ќе остане во сеќавање. Таа ќе биде прва добитничка на наградата „Васил Иљоски“, која Центарот за култура и ја доделува за особен придонес во културата и актерската игра во комедиографијата.