Достапни линкови

Театарот се враќа во Куманово по пауза од седум месеци


Театар Куманово.
Театар Куманово.

По седуммесечна пауза поради коронавирусот кумановци ќе имаат можност да видат театарска претстава. Актерите ќе ја играат претставата „Приказна за една шума“ на отворено и пред малубројна публика.

Уметноста подразбира и слобода кон која стреми секое живо суштество. Таа е духовен двигател во општеството, а уметниците особено имаат потреба неограничено да создаваат, да творат. Младите кумановски актери Никица Јанковски и Матеј Стојковски по седуммесечна пауза од штиците што им значат живот ги спрегнале силите, режирале претстава, ја подготвиле во дворот, за пред малубројната публика да ја играат на отворено, пред Театарот во Куманово.

Англиската басна „Приказна за една шума“ не само што е претстава за деца, таа е образовна и со порака што возрасните треба да ја сфатат и да ја практикуваат за иднината. Да ги штитат дрвјата кои не само што не бараат ништо, туку прават сенка, даруваат плодови, книги, дом,го прочистуваат воздухот...

„Приказната е наменски избрана поради севкупната состојба, глобалното затоплување. Периодов не можев да седам мирен, работев постојано, читав книги, басни и благодарение на интернетот гледав светски премиери“, вели Јанковски, кој како и Стојковски не може да се оттргне од фактот дека актерите не можат да се усредсредат само на играта, на уметноста, туку мораат да внимаваат и на мерките, протоколите поради пандемијата. И покрај се, двајцата млади актери од лошото настојуваат да извлечат нешто добро, да не го заспијат уметничкото во нив, да пратат порака.

„Почнувајќи од антиката, па сè до денес, низ историјата, глумците се собирале и претставите ги играле надвор. Тркалото на историјата се враќа назад, но пандемијата не научи и на „секој во своето село“, секој да си се грижи за себеси и за луѓето околу него. Затоа и Куманово може да се снајде во оваа состојба, затоа што е мало место и има простор.“

Каква и да е сатисфакцијата за играње претстава на отворено, со малубројна публика, на дистанца и со маски на устата, празнината која актерите ја носат во себе, може да им ја исполни само нивната своевидна автохтона средина, сцената со завеси и незаменливата миризба, бројна публика. Младешкиот оптимизам од нив говори дека ова сепак ќе заврши наскоро.

„Мислам дека е неизбежно тоа да се случи и тоа за брзо време. Не може пандемијата долго да трае.“

Млади актери преку театарот даваат надеж

Сашо Тодоровски директор на НУЦ „Трајко Прокопиев“ во чии рамки е и Театарот, вели дека ова е прва претстава во институционален театар во државава, по седуммесечна пауза.

„Центарот за култура организира активности, концерти на отворено, се подготвуваме за „Денови на комедија“ во салата со 180 до 200 места, ќе има пак „тепачка“ за билети. Не е дозволено целиот капацитет да се исполни, а претстави ќе имаме од Србија, од Бугарија, Босна и Херцеговина и од нашата држава. И во овие услови ќе имаме добар фестивал, за кој бевме во дилема дали да го одржиме, но поради продолжување на традицијата се одлуќивме да го одржиме“, вели Тодоровски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG