Достапни линкови

Октомври - месец на хуморот и сатирата во Куманово


Театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

На „Денови на комедијата“ од 2 до 18-ти на сцената ќе продефилираат актерски ансамбли од 14 театри од земјава и од Србија, Бугарија, Црна Гора, за првпат и од Ерменија, а претставите освен на македонски, српски, бугарски, албански, за првпат ќе бидат играни и на ромски и ерменски јазик.

Повеќе од половина од месецот октомври кумановци ќе го поминат со хуморот и сатирата, ќе бараат билет повеќе, иако билетите се распродадени пред да започне и ова 21 издание на Меѓународниот ревијален театарски фестивал „Денови на комедијата“, што традиционално се одржува во НУ Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

На овогодинешниот фестивал од 2 до 18-ти на сцената ќе продефилираат актерски ансамбли од 14 театри од земјава и од Србија, Бугарија, Црна Гора, за првпат и од Ерменија, а претставите освен на македонски, српски, бугарски, албански, за првпат ќе бидат играни и на ромски и ерменски јазик.

Љубителите на театарската уметност велат дека за нив есента е уште поубава токму поради заживување на хуморот и сатирата, во градот кој е синоним за тоа.

„Многу убаво. Интересно е да се видат дел од комедиите или сите по можност.“

Кумановци не прават разлика дали претставите се домашни или странски. Сакаат да уживаат во играта на врвните театарски уметници од каде и да се.

Љубица Гојковиќ долгогодишна актерка, а годинава заедно со нејзиниот колега Ѓорѓи Андов (од првата снимена претстава на „Ленче Кумановче“ од Васил Иљоски) добитник на признанието за оставање особен белег во културата на градот, вели дека фестивалот е прекрасен настан.

„ „Денови на комедијата“ значат за целиот град, за нашиот театар и оваа традиција е многу убава. Го доживувам на најубав начин. Се гледаат различни претстави, се гледаме со колегите со кои со години не сме се виделе.“

Кумановци сметаат дека секоја година фестивалот се повеќе добива на популарноста, па нема да изненади на некое од наредните изданија да биде послан и црвен тепих, а за неговото значење показател е и тоа што десетина денови пред почетокот на фестивалот на билетарата веќе нема билети.

„Фестивалот го доживувам како бренд на Куманово. Буквално. Тоа е нешто што е карактеристично за нашата традиција, нашиот менталитет, за она што нас не претставува во Македонија и за оние што знаат за Куманово и пошироко, така буквално го брендира градот. Не правам разлика дали се работи за претстава од домашен или од странски театар.“

Роберт Цветковски долги години вработен и еден од поранешните директори на Центарот за култура смета дека секоја година фестивалот е различен. Тоа зависи од изборот на претставите, но и од тоа како актерите ќе ги изнесат на сцената.

„Секоја претстава се игра на различен начин иако текстот е ист. Во голема мера зависи и од интеракцијата на актерот со публиката, која може или да не ја прифати. Компарација правиме со претставите од Србија и Бугарија, за да видиме каде е нашиот театар.“

Тој додава дека ексклузива за овој фестивал е претставата од Ерменија.

А кумановци во ова време невреме ќе подзаборават на секојдневието и ќе си го потхранат духот со познатата шегобијност на своја и на туѓа сметка, но и на сметката на политичарите и функционерите.

„Денови на комедија“ е проект финансиски поддржан од Министерството за култура, од Општината Куманово, градоначалникот и Советот, како и од бизнис секторот во градот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG