За Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ што овој октомври се одржува дваесет и второто издание во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, поголемиот дел од љубителите на хуморот и сатирата на време обезбедија билети. Кумановци го сакаат театарот, а за овој фестивал пак секоја година се бара билет повеќе.
„Салата е со капацитет од 679 места, 95 проценти од билетите се во слободна продажба, останатите се за спонзорите. Ние навистина се радуваме на големата заинтересираност на кумановската публика, но капацитетот на салата е толку“, вели Сашо Тодоровски директор на Центарот за култура и додава дека на фестивалот ќе продефилираат врвни актери и ќе се одиграат познати наслови од автори сатиричари,како домашни така и странски.
„Од 12 претстави имаме три од Република Србија и по една од Република Бугарија, Хрватска и Албанија“, вели Тодоровски.
Билетите за претставите од домашните театарски куќи главно се продадени уште првиот ден, а состојбата е таква и со странските.
РСЕ: За кои претстави најмногу се бараат билети?
„Најмногу се бараат билети за српските претстави. Еве за претставата „Школа за љубовници“ од Белград уште првиот ден беа продадени билетите и за да се излезе во пресрет на публиката оваа претстава ќе се игра два дена. Ова речиси секоја година е вообичаено прво да се бараат билети за српските претстави затоа што на граѓаните им се најактуелни, најатрактивни, а и познати им се актерите“, вели Сузана Трајковска и додава дека поинаква е состојбата со претставите на албански јазик, како за домашната Албанска драма при НУЦК „Трајко Прокопиев“, така и сега за претставата од Корча, Албанија.
„Не се продаваат билети. Така беше и минатата година когане беше продаден ниту еден билет, па ги дававме бесплатно. Како ќе биде годинава се уште не знам, можеби ќе ги даваме бесплатно, можеби и не, за да не ги учиме луѓето на лоши манири.“
Во Куманово често пати се покажало дека е голема посетеноста на театарските претстави без оглед дали тие се играат на сцената во Центарот за култура или пак во Театарот. Дека градот има бројни љубители на оваа, една од седумте уметности, укажува и тоа што освен повозрасната, се зголемува бројот и на младата публика. Луѓето се оттргнуваат од секојдневието, од сцената очекуваат да слушнат одговори на некои прашања, да се насмеат, да се релаксираат.
Меѓутоа не ретко се поставува прашањето дали театарот е најевтината забава која за два часа чини 150 денари, та затоа има турканици за билети.
„Билетот не е скап, но салата е мала, затоа се создаваат турканици. Кога се случува да нема доволно публика, веројатно нема добра реклама како за фестивалот.“
„Во споредба со скопските цени не е скапо. Во Скопје одам на театар и билетите се од 150 до 300, 400 денари“, велат запрашаните кумановци.
Доколку билетот за една претстава е со повисока цена, неизвесно е за колку претстави ќе има публика, зашто малку се љубители на театарот кои можат од семејниот буџет да издвојат голема сума.
А дека парите се главен фактор и во културата и уметноста, овој традиционален фестивал и за кумановци многу значаен, при делењето на финансискиот колач од Министерството за култура беше избришан.
„Имаше проблем, тие одобрија 600 илјади денари по некои наши интервенции, од Владата на РС Македонија добивме 200 илјади денари ни излегоа во пресрет и од Општината Куманово одобрија 500 илјади денари со надеж дека идната година ќе се зголеми и од Министерството и од Општината“, појаснува Тодоровски.
Можеби токму поради тоа и кумановци беа трпеливи уште првиот ден, по два-три часа да чекаат ред пред билетарата. Зашто и овој октомври како и претходните ќе го живеат со хуморот и сатирата, ќе заборават на секојдневните проблеми, ќе се насмеат на другиот и на самите себе.