Владата воведе кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, откако во Дебар беа утврдени уште четири случаи на коронавирус. Од 24 луѓе што биле во домашна изолација во градот, 10-мина денеска биле тестирани, а кај четворица од нив била утврдена болеста, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес-конференција со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Во Дебар и во Центар Жупа ќе има ограничување на движењето.
Видете и ова: Македонскиот туризам на удар од коронавирусотВладата донела одлука жителите на Дебар и Центар Жупа, кои се надвор од територијата на овие општини, може да се вратат во своите домови до вечерва до полноќ. Забранет е влез и излез од овие општини, а се воведува посебен режим на движење на граѓаните внатре во општините.
Кризната состојба може да трае најмногу до 30 дена.
Покрај прогласувањето на кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, ќе се затворат граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, како и Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово.
Владата денеска донесе одлука со која на тие што не ги почитуваат препораките за спречување на ширењето на коронавирусот им се заканува казна затвор.
„Да се спроведуваат препораки за казнивост согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик за сите физички и правни лица кои ги прекршуваат донесените решенија од страна на Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат, и да се процесуираат до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за да постапи согласно законски утврдени надлежности“, се наведува во соопштението на владата.
Овие членови од законот предвидуваат парична казна или затвор до една година за „тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година“.
Еден македонски државјанин кој се вратил од Германија на скопскиот аеродром имал покачена температура и е тестиран на коронавирус. Тој и луѓето што седеле блиску до него се во изолација.
Во Македонија е забранет влез на странски државјани кои доаѓаат од земјите со висок ризик.
Досега заболените се во стабилна состојба, освен првата заболена жена од Дебар, чија состојба е влошена и можеби ќе мора да биде ставена на машина за дишење.
Филипче рече дека владата презема радикални мерки зашто се покажа дека тие дадоа резултати во Кина и Италија, каде што се жариштата на болеста.
„Ние не можеме да знаеме и да бидеме сигурни со која динамика и како ќе се шири вирусот посебно што имаме различни сценарија. Имаме 12 луѓе кои биле со пациентката повеќе од 20 часа во еден мал минибус и никој не заболел. Имаме друго сценарио при кое со контакти непосредни после тоа се пренела болеста. Така што очекувања, предвидувања, апсолутно неблагодарно е да се дадат“, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата.
Манчевски, пак, ги повика граѓаните што имаат потреба од консултации со државните институции тоа да го прават по електронски пат, наместо да прават гужви по шалтерите, за да се намалат шансите за ширење на болеста. Тој рече дека изводите, венчаници и умреници може да се добијат електронски.
„Досега граѓаните можеа само да поднесат барање за овие документи по електронски пат, но сега веќе и добивањето на документот е електронски. Овој електронски документ има иста важност со документите на хартија. Ова потсетување е наменето како за граѓаните, така и за институциите“, истакна министерот Манчевски.
Досега во Македонија се регистрирани 13 заболени од КОВИД-19, а првата заболена пациентка е веќе излечена и денеска или утре ќе биде отпуштена од болница. Од нив 11 се од Дебар.