Достапни линкови

Македонскиот туризам на удар од коронавирусот


Архивска фотографија за илустрација, холандски туристи во Македонија
Архивска фотографија за илустрација, холандски туристи во Македонија

Коронавирусот создаде економска криза во туристичкиот сектор, велат од стопанската комора за туризам. Тие бараат од државата итни мерки со кои ќе се ублажи ударот. Од министерството за економија велат - на ситуацијава не треба да се гледа можност за постигнување на одредени придобивки.

Штетите од коронавирусот веќе се чувствуваат во туристичкиот сектор и тие може да се очекува да донесат неколку милиони евра загуба за компаниите, вели претседателка на Стопанската комора за туризам Билјана Пејоска Ристеска. Таа објаснува дека како сектор веќе ги бележат првите финансиски штети.

Откажани патувања, студентски и училишни ексурзии, еднодневни шопинг тури до Грција, намален број на туристички аранжмани и резервации како во земјава, така и во странство, намален интерес за посети и семинари како резултат на претпазливост како и конфликтни ситуации со клиенти и со странски соработници поради откажаните резервации се дел од проблемите на туристичките работници во земјава.


Пејоска Ристеска вели дека први на удар биле фирмите кои веќе откажале осмомартовски аранжмани и хотелско сместување во Италија во изминатиов период затоа што, како што вели, од италијанските хотели добиле одговори дека нема да им рефундираат пари за откажаните резервации.

„Последниве денови имаме откажувања и за други дестинации, не е само Италија и не е само северниот дел. Јас имам пријави од вчера дека има откажувања и за Виена и за Кипар и за други дестинации меѓу кои и за Бугарија. Очекуваме јасни насоки од институциите како понатаму да делуваат туристичките субјекти во ваква криза ситуација. Бараме од државата да излезе со јасни насоки што и како да делуваат македонските компании во ваква ситуација со партнерите од странство,“ вели Пејоска Ристеска.

Мапа на СЗО со бројката на заразени од коронавирусот
Мапа на СЗО со бројката на заразени од коронавирусот

До мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туриститите и веќе речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Се откажуваат и аранжманите на македонските граѓани кои планирале да патуваат надвор за Велигден. Секторот засега книжи загуби од 40 до 80 проценти и стравува од можно затворање на капацитетите.

Таа вели дека кризата која го зафати туризмот поради коронавирусот ќе остави тешки последици и во наредниот период затоа што стравот ги прави луѓето попретпазливи кога во прашање се патувања.

„Откажувања има и за велигденските празници како и за дестинации каде што нема карантин или каде што нема препорака за непатување. Како ќе се извлечеме не знам, како ќе ја преживееме оваа криза.Тие што треба да дојдат во земјава, групите се веќе откажани, хотелите кои од охридскиот регион ни се членки на Комората, велат дека сите групи се откажани, и малезиските, кинеските, индонезиските туристички групи сето тоа е откажано, целосно, штетата ќе биде голема. А како ќе биде за летните аранжмани се уште нема откажувања од тоа што го имам од информација од теренот“, вели Пејоска Ристеска.

Ситуацијата алармантно се влошува и ќе потрае веројатно до јуни, но за нас сезоната е веќе загубена, вели Влатко Сулев од Националната асоцијација за инкаминг туризам, предочувајќи ја како пример Словенија која веќе одвоила една милијарда евра поддршка за туризмот.

„Сфаќаме дека корона вирусот е глобален проблем, но сите држави преземаат мерки за да ги задржат луѓето во туристичкиот сектор на работа. Всушност, нам тоа сега ни е и најголем проблем. Паниката го прави своето, но не смееме да дозволиме компаниите да банкротираат“, истакна Сулев.

Од министерството за економија велат дека на оваа ситуација не треба да се гледа како на можност за постигнување на одредени придобивки.

„Апсолутно сме свесни дека туристичкото стопанство има сериозни последици, но факт е дека и другите гранки од економијата ги чувствуваат истите. Туристичките здруженија и комори да достават анализа на штетите кои што се предизвикани од откажување на тури, семинари, конференции и продажба на аранжмани и истите да ги достават до Координативното тело“, велат во писменото соопштение од Министерството за економија.

Во барањето кое Стопанската комора го достави до Министерството за економија и останатите надлежни институции е наведено дека е потребно итно формирање на фонд за ублажување на штетите од Ковид 19 со пренамена на средства од програмата АППТ, потоа поддршка и изработка на акциски план како и привремено ослободување од придонеси и даноци на личен доход во период од 6 месеци за хотели, туристички агенции и превозници во патничкиот сообраќај.

Во соопштението од Министерството за економија е наведено дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе направи анализа за можностите за промена на Програмата за работа како и пренамена на средствата предвидени за Субвенции за странски организиран туристички промет во Фонд за туризам со цел обесштетување на засегнатите страни.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на туристи кои ја посетиле земјава во декември изнесувал 61 илјада што е за речиси десет проценти поголем од истиот период минатата година.

Во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 5,1 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,9 %, а кај странските има зголемување за 7,1 %.

Избувнувањето на епидемијата со корона вирусот, која ги приземји кинеските туристи, го чини европскиот туризам околу милијарда евра месечно, изјави неодамна еврокомесарот за индустрија Тиери Бретон.

Епидемијата на новиот корона вирус Ковид-19 ќе го чини светскиот туризам најмалку 22 милијарди долари како резултат на падот на трошењето на кинеските туристи, покажува анализа на Светскиот совет за патувања и туризам.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG