Медиумите за судството, изборите и уривањето на авионот

Остатоци од урнатито авион во Техеран.

Во печатените медиуми и на порталите во овие поновогодишни денови доминираат неколку теми. Во нивниот фокус, меѓутоа, се судството и предизборието, од домашните, и уривањето на украинскиот авион по полетувањето од аеродромот во Техеран, и „Мегзит“ наместо „Брегзит“ од вестите од странство.

„На Јанакиески, Вељаноски и Ристовски ќе им се суди за организирање на упадот во Собранието, Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт на Обвинителството за организиран криминал“, пишува Нова Македонија. „Груевски ќе биде обвинет кога ќе биде уапсен“ – се додава во информацијата на електронското издание на весникот. Порталот СДК.МК со поконкретен наслов: „По осум месеци одобрено обвинението против Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски за организирање на нападот на Собранието на 27 април. Нападот бил воден од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, вели Обвинителството“. Порталот Република ја пренесува изјавата на поранешниот претседател на Собранието, Вељаноски, за ТВ 24: „Политичко обвинение за политички цели“. Истиот портал додава дека „Вељаноски е првиот претседател на Собрание кому ќе му се суди од независноста на Македонија“.

Слободен печат објави разговор со Сали Мурати, претседател на Уставниот суд: „Немаме ни пари ни автономија“ – насловува весникот. Вечер тврди дека се отвора „Нова страница на корупцијата: ’Рекет‘ не е затворен, нов криминал со Клиничкиот центар во Штип“ – пишува во насловот. По многубројните детали за кои тврди дека ги дознала редакцијата, статијата завршува со тоа дека „останува на тврдењето дека... сега му се суди на Боки 13 како избрана жртва за потреби на јавноста“, а за ’Рекет‘ ќе имало нови истраги и нови судења.

Видете и ова: „Трула“ реформска битка за правда

Слободен печат на насловната пишува: „Комуникација преку нишан – главно оружје во предизборието: Плукни клевета, залепи омраза!“ Порталите Курир и Република потсетуваат: „Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно кажа дека ќе биде мандатар, премиерот сака да се крие зад имунитетот“. Порталот Плусинфо објавува колумна со наслов: „Деморализиран народ на избори – повторувањето на Пржинскиот модел и на овие избори е доказ дека помеѓу партиите сè уште владее тотална недоверба во намерите на другиот, само што сега и како прилика за одмазда на оние кои беа симнати од власт со негова помош...“

„Иран започна втор бран напади кон американските сили во Ирак“ – наслови Вечер. Плусинфо: „Иран демантира дека го соборил украинскиот авион“, а порталот СДК.МК пренесува информации на западни разузнавачки извори дека Иранците случајно го собориле украинскиот авион во кој загинаа сите 176 патници. Слободен печат напиша: „Иран нуди соработка во истрагата за уривањето на авионот, Трамп добива ограничување од Конгресот за воена интервенција“.

Видете и ова: Авионска несреќа кај Техеран – над 170 загинати

Нова Македонија информира дека британскиот Парламент го изгласал законот за Брегзит, а Слободен печат со наслов и текст: „Брегзитот заменет со Мегзит. Криза во кралското семејство... она што се случува е потег без преседан... откако принцот Хари и Меган Маркл најавија дека немаат намера да останат во кралското семејство и ќе се преселат во Канада“.