Достапни линкови

Авионска несреќа кај Техеран – над 170 загинати


Украински авион се урна кај Техеран – над 170 загинати
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Украински авион се урна кај Техеран – над 170 загинати

Украински авион со 167 патници и девет членови на екипажот се урна во средата во близина на аеродромот „Имам Хомеини“ во иранскиот главен град Техеран, јави државната телевизија, наведувајќи дека немало преживеани. До несреќата дојде на неколку часа откако Иран изврши напади врз американски цели во Ирак.

Украински патнички авион со најмалку 170 луѓе се урна набргу по полетувањето од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран.

Според иранските власти, до несреќата дошло поради технички проблеми.

Спасувачки екипи веднаш биле испратени на подрачјето близу до аеродромот, каде што се урна авионот од типот Боинг 737 на „Украина Интернешнл ерлајнс“.

Меѓутоа, веднаш потоа беше соопштено дека никој не ја преживеал несреќата.

Авионот чија крајна дестинација била украинскиот главен град Киев по падот веднаш се запалил.

Несреќата се случи неколку часа откако Иран изврши балистички ракетни напади насочени кон две бази во Ирак.

Тоа, како што се наведува во Техеран, било одмазда за убиството на генералот на Револуционерната гарда Касем Солејмани.

Иранската државна телевизија покажа, како што соопшти, ракети што се движат низ небото и снимки од експлозии и паника додека ракетите паѓале во, како што е наведено, воздушната база Аин Ал Асад во Ирак.

Во оваа база, како и во базата во ирачкиот град Ербил која исто така била цел на иранскиот напад има американски и коалициски сили.

Иранската револуционерна гарда потврди дека ракетите биле одмазда за минатонеделниот напад на беспилотни летала на САД врз Касем Солејмани.

Во изјавата, тие исто така ги советуваат САД да ги повлечат трупите од регионот за да избегнат повеќе смртни случаи.

До нападите дојде неколку часа по погребот на Солејмани, чие убиство ги зголеми стравувањата од поширока војна на Блискиот исток.

Официјални претставници на САД велат дека претседателот Доналд Трамп бил брифиран за нападите и ја следел состојбата.

Тој веднаш по иранските напади на твитер напиша:

„Се е добро! Ракети се истрелани од Иран врз две воени бази во Ирак. Сега се извршува проценка на жртви и штети. Досега, е добро! Имаме најмоќна и добро опремена војска насекаде во светот“.

Во твит пораката на шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф пак, се наведува дека станува збор за соодветна мерка на одмазда, но оти Иран не сака војна.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG