Од делењето правда во земјава незадоволни се сите, од жртвите до осомничените и обвинетите, па и осудените за криминал. На адреса на судството пристигнуваат критики и од власта и од опозицијата, па и од претседателот Стево Пендаровски. Меѓународната заедница со години укажува на проблемите кои никако да се решат во владеењето на правото. Како да нема начин кој ќе го исправи правниот систем на здрави нозе. Речиси три години по смена на власта, и предизборните ветувања на премиерот Зоран Заев дека ќе го реши проблемот со таканареченото „ Сваровски “ судство големи промени во раздавањето на правото нема.
Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека проблемот во реформите е недостигот на темелна анализа пред да се почне со промени.
„Требаше да се изврши целосно испитување, практично кои се слабостите во судството, па да се направи законодавен план со кој ќе се вршат промени во судството. Многу доцна ја сфативме сериозноста за како треба да одат промените во судството кои ќе одговараат на конкретните состојби. Заложби има, ама не се доволни “ вели Трпеновски.
Професорската Мирјана Најчевска која неодамна го напушти телото за судски реформи, вели дека најголемиот проблем во тоа што не е направена суштинска реформа е во тоа што во земјава не се сфаќа дека институциите се вредни колку што се луѓето во нив.
„Не се направи ништо за да се удри по корупцијата во судството, да бидат изложени и казнети судиите кои на овој или оној начин го злоупотребиле законот за личен бенефит и не се направи ништо во насока да се подигне квалитетот на судиите на кои што многу често се жалат граѓаните“, објаснува Најчевска.
Таа смета дека изминативе две години најстрашното што се случи е губењето на време.
„Не се работи за тоа што не направиле изминатава година туку се работи за развлекување на сите процеси. Секогаш има некои објективни некои субјективни причини поради кои се развлекуваат процесите. Ненавременото делување, развлекувањето на делувањето, отсуството на пресекување на одредени работи кои уште на почеток беа идентификувани како проблематични е она кое што сега не доведува во мат позиција од која не знам како ќе се извлечеме“ , вели Најчевска.
Сега веќе екс премиерот Зоран Заев изминатиов месец честопати изјавуваше дека правосудниот систем е запоседнат од нечесни судии и обвинители, па најави и „прочистување“.
„Изминативе две и пол години се покажа дека судството остана последната тврдина на заробената држава, под контрола на одреден број на судии и обвинители на моќни позиции. Овие последните упопришта на „заробената правда“ продолжија да ги контролираат судските процеси кои беа осомничени токму протагонистите на режимот, злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт. Овие таканаречени судски центри на моќ застанаа на патот на правдата,“ ова е само една од ваквите изјави на Заев откако дојде на власт.
Инаку претходно ја убедуваше јавноста дека реформите во правосудниот систем се во тек и дека правда до крајот на неговиот мандат ќе има.
Од друга страна, пак и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски честопати досега јавно ја критикуваше состојбата во правосудниот систем.
„Довербата во „Кацарска судството“ и „Русковска обвинителството“ одамна ја загубивме“, изјави Мицкоски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Недовербата во правосудниот систем се зацементира и со апсењето на специјалната обвинителка Катица Јанева како обвинета за трговија со влијание во предметот „Рекет“, во кој е обвинета дека заедно со други луѓе изнудувале пари од бизнисменот Јордан Камчев, осомничен за перење пари во случајот Империја на СЈО, во замена за олеснување на притворските услови. Пред нејзиното приведување политичарите цела година се надмудруваа како да (не) го продолжат нормалното функционирање на Специјалното јавно обвинителство кое имаше задача да години висок криминал кој произлегува од нелегално прислушуваните разговори, објавени од премиерот Зоран Заев во 2015 година.
Во меѓувреме, во судницата заглавија и неколку случаи на СЈО кои наместо судска разрешница и натаму се развлекуваат. Последни кои чекаат на одговор од Судскиот совет за тоа дали ќе продолжат или ќе почнат отпочеток се „ТНТ“, „Титаник", „Монструм" и „Талир".
Дополнително од лицето на правдата во изминатава година побегна Игор Спасов, осуден во 2011година на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски. Претходно од државата избегаа и поранешниот премиер Никола Груевски осуден за еден и обвинет во неколку предмети на СЈО како и поранешни разузнавачи, обвинети за 27 април. Но никој не понесе одговорност, иако институциите меѓусебно се обвинуваа за тоа кој е виновен.
Во фиоката на Судскиот совет цела година лежат и неколку предмети за судии меѓу кои и едно за сега поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски.
Последниот извештај за напредокот на Република Северна Македонија во Европската Унија премиерот Заев го нарече најпозитивен со чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за членство. Во делот за правосудството и борбата со криминалот пишува дека е „постигнат одреден степен на напредок“. Но, ако однадвор со шминка се прават корекции на правната држава, одвнатре системот е трул и потребна е генералка односно вистински реформи, велат аналитичарите.