Достапни линкови

Пратениците глуви за обезглавените институции


Пратениците глуви на барањата на невладините
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Пратениците глуви на барањата на невладините

Невладините протестираа пред Собранието денеска бараа од пратениците итно и неодложно до распуштањето на Парламентот да изберат директори за Завод за ревизија, Дирекцијата за заштита на податоци, Агенцијата за слободен пристап до информации како и членови на Судскиот совет и Комисија за спречување на дискриминација.

Институцијата што треба да следи како се трошат парите во институциите и партиите нема директор, а од неодамна нема ни заменик директор, па нема кој да им потпише плата на вработените, ниту пак да им даде работни задачи. Во меѓувреме, како граѓани може да барате информација од институциите искористувајќи го законското право за слободен пристап до информации, но ако не ви ја дадат нема кому да се пожалите. Дополнително ако по некој основ шефот на работа во приватен или јавен сектор ве дискриминира по некој основ, ќе мора тоа да го сочувате за себе затоа што со месеци нема комисија за заштита од дискриминација што ќе ја прими вашата поплака.

Десетици институции со месеци се обезглавени, чекаат пратениците во Собранието да се договорат за избори на нови директори. Политичките партии во континуитет си ја префрлаат вината меѓусебе за непополнувањето на кадарот во овие институции. Од меѓу коалициони расправии за кој да биде директор до опозициски опструкции со незакажување на седници.

Невладините организации денеска со симболичен протест повторно ги потсетија дека мора итно и неодложно да си ја завршат работата затоа што наскоро ќе треба да се распушти Парламентот, но додадоа дека повратен одговор не добиле.


Јована Јовановска Кануркова од Мрежата за заштита од дискриминација вели дека се загрижени поради тоа што постапките за избор на кадар во десетина институции со месеци е заглавен во собраниската комисија за избори и менувања. Таа вели дека повеќе од четири месеци не се избрани членовите на Комисијата за заштита од дискриминација што на граѓаните им се оневозможува правото на еднаквост.

„ Граѓаните немаат каде да се обратат да побараат заштита од дискриминација во приватниот и јавниот сектор. Меѓутоа се плашиме дека до распуштањето на Собранието нема да се избере овој кадар и стравуваме дека ќе останеме без Комисија за заштита од дискриминација повеќе од една година ако чекаме да се распушти Собранието да се распишат и спроведат изборите, вели Јовановска Кануркова.

Таа додава дека неколку пати до сега се обратиле до пратениците но немаат никаков одговор од нив зошто се пролонгира изборот на кадар во собраниската комисија.

Претставничката на Блуппринт групата за реформи во правосудството Сибел Амет смета дека со не избирањето на тројца членови на Судскиот совет се доведува во прашање функционалноста на таа институција.

„ Дополнително страшно е и загрижувачки моментот што се доведуваат во опасност постапките кои се започнати за разрешување на судии може да застарат ако не се изберат членови на судски совет. Од друга страна, изборот на претставници од здруженија на граѓани во надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител останува неизвесен иако огласот за пријавување заврши пред 4 месеци“, вели Амет.


Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупција вели дека не пополнетоста со кадар на институциите кои вршат контрола на трошењето на јавните пари како и правото на пристап до информации остава значајни ризици во борбата против корупцијата која треба да биде клучна заложба на пратениците во Собранието.

„Тоа што го знам е дека и во Државниот завод за ревизија се загрижени за оваа состојба и во Комисијата за право за информации од јавен карактер подолго време очекуваат раководство заради тоа што без раководство не можат да работат“ вели Поповиќ.

Ашмет Елезовски од Национален ромски центар вели дека ако зборуваме за права во земјава, има само дуализам се зборува само за Македонци и Албанци, за другите националности нема ниту права ниту правдина иако со устав им се загарантирани. Тој додава дека сиромаштијата кај Ромите се должи токму на системската дискриминација.

“ Дискриминацијата на Ромите од ден на ден е се поприсутна и преминува во „антициганизам“ и други расистички форми и во вакви околности сметаме дека е задолжително Комисијата за заштита од дискриминација да започне да работи но и во неа да има член Ром. Ако Ромите не заслужуваат да бидат присутни и ако сметаат дека нема доволно образовани тогаш се поставува прашањето зашто Ромите ги враќаат назад од западните земји и им велат дека овде имаат права?, прашува Елезовски.


Собраниската комисија за избори и именувања со месеци ги одложува расправиите по овие прашања. Претседател на Комисијата е Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ кој или ги одложува расправиите по барање на партиите или не закажува седница. Во тој институционален вакуум без директор веќе две години е Државниот завод за ревизија, неколку месеци без директор е Дирекцијата за заштита на лични податоци,како и Агенцијата за слободен пристап до информации која од мај годинава требаше да почне со работа по новиот закон со кој требаше да се скратат постапките и да се зголеми ефикасноста во пристапот до информации од јавен каракетер.

Во меѓувреме истата комисија не се произнесува ни за утврдување на нови членови на Судскиот совет, Комисија за спречување на дискриминација,МРТВ и Агенцијата за аудиовизуелни услуги.

Неправилно спроведување тендери, градење објекти што не биле во надлежност на институцијата, користење имот без дозвола, исчезнување пари од надоместоци. Исто така, може да се прочита и за неправилно финансирани кампањи за локални избори кај речиси сите партии, купување скапи софтвери што не се користат, неовластени задолжувања се само дел од информациите кои се кријат во ревизорските извештаи .

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG