Се уште повеќе се зборува, отколку што има подобрување на пристапноста за лицата со хендикеп, како и нивната еднаквост во општеството, алармираат од организациите кои дејствуваат во оваа област.
Иако се чести законските промени иста непроменета останува состојбата, односно тешката пристапност низ градската инфраструктура како и до објектите. Подобрата пристапност не е потребна само за лицата со хендикеп, туку за поголем број луѓе, вели Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија.
„Искрено, сонувам дека еден ден ќе се разбудиме сите ние и нема да разговараме за пристапност, за намалување на високи рабници, тротоари, на скали пред влезовите, односно дека тоа ќе стане еден универзален дизајн. Ајде да се запрашаме дали е тоа само за лицата со инвалидност, каде се тука старите лица, кои се движат многу тешко? Каде се лицата кои одат со бастун? Каде се лицата кои се времено спречени, шината нога, скршена нога и младите мајки со дечиња кои туркаат колички?“, вели Јовановски.
Конвенцијата за правата на лица со хендикеп е обврска на државата ратификувана во 2011 година, која воедно е далеку од целосно спроведување.
Според Елена Кочовска од „Полиоплус движење против хендикеп“, освен физичките пристапности државата треба да ја унапреди и јавната свест, бидејќи лицата со хендикеп се уште се соочуваат со бариерата на нееднаквоста.
„Подигнувањето на јавната свест се однесува на сите граѓани без хендикеп, но и на самите-локална самоуправа, на јавните, на приватните субјекти, на законодавната, извршната и судската власт кои што мораат да ја променат матрицата на размислување за заедницата со хендикеп. При што државата е обврзана за секоја една норма која е дикриминаторска и штетно влијае врз перцепцијата за заедницата со хендикеп мора да ја отстрани“, рече Кочовска.
Видете и ова: Не одат на училиште оти нема услови за деца со попречености
Прашањето или состојбата на хендикеп е дел од човековата разноликост, вели Кочовска и потенцира дека воспоставувањето еднаквост за хендикепираните ќе донесе трајно надминување на состојбата.
„Значи и ние сме луѓе како сите и да ја прифати состојбата на хендикеп како разноликост во општество. Не е како Божја казна, не е како милосрдно прашање, не е ниту медицински проблеми, нити пак е дефект за кој мора да создава дефектолози. Нашата здравствена состојба и согласно конвенцијата укажува дека исклучиво дека треба да се гледа како уште една карактеристика на човекот“, истакна Кочовска.
Согласно конвенцијата постојат групи лица со хендикеп од физички, сензорен, психосоцијален и интелектуален карактер.