Здруженијата за заштита на правата на лицата со посебни потреби во општина Дебар бараат од институциите и одредени компании, кои немаат изградено пристапни рампи за лица со хендикеп, кои користат колички за движење, тоа да го сторат што побрзо. Здруженијата оценуваат дека подолг период бараат сите институции да имаат пристапни рампи, бидејќи лицата со посебни потреби кои користат колички не се во можност да се движат и да го реализираат свои потреби.
„За жал и понатаму има проблеми со недостиг на пристапни рампи за потребите на лицата со хендикеп. Тие проблеми се присутни и во некои училишни објекти, но и во некои значајни институции, како што се Управата за јавни приходи - единица во Дебар, некои банки, поштата и други“, вели активистот во здруженијата за заштита на правата на лицата со посебни потреби, Беким Аме.
РСЕ: Дали контактирате, како преставници на здруженијата, со институциите во врска со изградбата на пристапни рампи?
„Да, контактираме постојано. Ја објаснуваме потребата, но сепак досега не е сторено ништо на тој план. Лицата кои се со посебни потреби и користат колички не можат да имаат пристап во некои значајни институции“, вели Аме.
Тој смета дека овие институции и компании се обврзани да изградат пристапни рампи, бидејќи токму поради недостиг на рампи им се одзема правото на слободно движење. Аме додава дека овие барања се постојани последните години, но досега нема подобрување на состојбата. Неколкуте здруженија кои се формирани на локално ниво за заштита на правата на оваа категорија на лица во континуитет доставуваат барања и тие барања се на сите здруженија, бидејќи нивна оценка е дека тоа е во интерес на сите лица со хендикеп.
Родителите на лицата кои се движат со колички се најгласни во барањата. Тие реагираат и велат дека институциите треба да го почитуваат законот.
„Нема пристапни рампи во повеќе институции, како што се поштата, Комерцијалната и Стопанската банка, Управата за финансии. Рампите се голема потреба за овие лица, затоа ги молиме институциите да изградат пристапни рампи“, вели Аме.
Инаку треба да се нагласи дека со неколку проекти кои се реализирани на локално ниво од страна на општината, но и граѓанските здруженија во одредени институции се изградени пристапни рампи. На овој план има напредок во неколку образовни и културни институции. Но, сепак стои фактот дека во градот и понатаму нема пристапни рампи во мошне значајни институции.