Достапни линкови

Телесни инвалиди отпуштени од работа во Битола


Илустрација.
Илустрација.

Од здружението „Мобилност“ велат дека 30 инвалидизирани лица се отпуштени од работа во фирма од металната индустрија во Битола. Од регионалната канцеларија на Сојузот на синдикати велат дека отпуштени се десетмина работници по основ на технолошки вишок.

Поголема група на телесни инвалиди се отпуштени од работа во фирма од металната индустрија во Битола, се пожалија од здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“.

Нашите сознанија се дека во последните неколку месеци од годинава се отпуштени од работа околу 30 лица што е голема бројка со оглед на тоа дека на пазарот на трудот тие луѓе имаат поголеми потешкотии за вработување.
Нико Јанков, Мобилност.

Сотир Јоновски, еден од работниците што останаа без работа, а воедно е и член на Управниот одбор на „Мобилност“, сведочи за патешествието што го минал како претседател на синдикатот во фирмата.

„Во прво време беше помирно, а потоа почна да се реагира малку поостро. Постојано ги добивав истите закани „ ќе си одиш дома“. И да, буквално си отидов присилно, бев сменет, бев избркан со група од уште 13 инвалидизирани лица. Работодавачот сметаше дека фирмата треба да биде чиста од лица кои се неработници или некорисни или прават малку беља“.

Според претседателот на битолскиот огранок на ова здружение доктор Нико Јанков, се работи за 30 инвалидизирани лица кои биле отпуштени од работа.

„Нашите сознанија се дека во последните неколку месеци од годинава се отпуштени од работа околу 30 лица што е голема бројка со оглед на тоа дека на пазарот на трудот тие луѓе имаат поголеми потешкотии за вработување, не можат да најдат работа. Ова е голем проблем со кој се соочуваме“, вели Јанков.

Од регионалната канцеларија на Сојузот на синдикати на Македонија во Битола велат дека според нивни информации отпуштени се десетмина работници по основ на технолошки вишок.

„Во Битола по основ на технолошки вишок се отпуштени или даден им е отказ од работа на десетина работници од фирма од металската индустрија. Од тие десетмина до Регионалното синдикално претставништво во Битола се обратија шестмина на кои им е укажана комплетна правна заштита. Ова се случуваше на крајот на месец април, но за жал не ја продолжија понатамошната судска постапка“, вели Љупчо Најдовски, правен застапник во ССМ.

Во Здружението „Мобилност“ во Битола членуваат околу 1.000 лица со телесен инвалидитет, а еден од најгорливите проблеми со кои се соочува оваа ранлива категорија на граѓани е токму невработеноста.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG