„Лечењето во државните болници е руски рулет и за квалитетот на услугата многу зависи каква среќа ќе имате!“ Вака дел од лекарската фела ги опишува сериозните проблеми со кои во моментов се соочува здравствениот систем во Македонија, откако за само неколку дена се случија неколку смртни случаи низ болниците во Македонија: во Гевгелија почина родилка и нејзиното новороденче бидејќи ја оперирале пијани доктори, потоа во истата болница почина 14 годишно девојче кое испило таблети, а на Клиниката за гинекологија во Скопје почина трудница во петтиот месец од бременоста.
Последните случаи во принцип, не би требало да бидат толку чести во денешно време, со оглед на тоа дека традицијата на здравствената заштита во Македонија и квалитетот на медицинските услуги, со години беше на сосема друго, поквалитетно ниво. Но, очигледно е дека последните години, особено откако со здравството менаџира актуелниот човек, тоа се наоѓа во една сериозна криза и тоа од повеќе аспекти.Владимир Борозанов, поранешен претседател на Лекарската комора на Македонија.
Системски проблеми или лекарски грешки?
Овие случаи во јавноста повторно отворија низа прашања за тоа што се случува со здравството во Македонија? Кои се причините за ваквите поразителни резултати? Дали станува збор за системски проблеми или за лекарски грешки што секаде се случуваат?
Дел од експертската јавност слабостите во здравството ги гледа во недостатокот на транспарентност и достапни податоци во јавноста за состојбите во кои се наоѓаат јавното и приватното здравство. Потоа, хаотичното менаџирање од страна на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување, како и нивното носење на одлуки без да ги земат во предвид мислењето на докторската фела.
„Човек треба да покаже сочувство кон луѓето коишто имаат проблем со пружањето на здравствената заштита. Последните случаи во принцип, не би требало да бидат толку чести во денешно време, со оглед на тоа дека традицијата на здравствената заштита во Македонија и квалитетот на медицинските услуги, со години беше на сосема друго, поквалитетно ниво. Но, очигледно е дека последните години, особено откако со здравството менаџира актуелниот човек, тоа се наоѓа во една сериозна криза и тоа од повеќе аспекти“, вели поранешниот претседател на Лекарската комора на Македонија Владимир Борозанов.
Кога би се пренеле нивните услови во македонските болници, ние ќе добиеме конзервативна бројка дека 650 пациенти умираат како резултат на медицинска грешка, а ако се стават најновите податоци на Американците, тоа значи дека можеби над 2.000 луѓе умираат како резултат на лекарска грешка. Тоа во Македонија како податок не можете да го добиете.Владимир Лазаревик, поранешен заменик министер за здравство.
Во Македонија не се достапни податоци за тоа колку луѓе умираат на годишно ниво како резултат на лекарски грешки. Во таа насока поранешниот заменик министер за здравство Владимир Лазаревик, направил провизорна анализа користејќи статистички стапки од болниците во САД.
„Тоа се хипотетички податоци, тие не се извесни податоци. Кога би се пренеле нивните услови во македонските болници, ние ќе добиеме конзервативна бројка дека 650 пациенти умираат како резултат на медицинска грешка, а ако се стават најновите податоци на Американците, тоа значи дека можеби над 2.000 луѓе умираат како резултат на лекарска грешка. Тоа во Македонија како податок не можете да го добиете. Ова е претпоставка во услови ако нашиот здравствен систем на исто ниво како американскиот. Се разбира дека тоа не е така“, вели Лазаревик.
Тенденциозно оцрнување на белите мантили
Во изминатиот период проблем претставува и тенденциозното создавање на негативно мислење во јавноста кон здравствените работници додава поранешниот претседател на Лекарската комора Владимир Борозанов, со цел нивно конфронтирање со граѓаните, што доведува до апатија и нивно одлевање од јавниот во приватниот без никаква надоместок. Проблем е според него и зголемениот одлив на медицинскиот кадар во странските земји, лошиот план за распоредување и користење на скапата опрема што ја купува Министерството за здравство и немање на соодветен кадар за да работи со неа; проблеми со едукација на кадарот и пад на квалитетот на едукација на медицинските факултети.
Не сум задоволна, ниту од болничарките, ниту од сестрите, од никого! Само докторите се супер, тие што разбираат, што знаат. Условите се катастрофа! Има бубашваби, има големи бубачки и не спиеме по цела ноќ. Храната е катастрофа, јас ништо не јадам од тука.Анкетиран граѓанин.
„Ова се најгрубите проблеми со кои се соочуваме и затоа се јавуваат вакви несакани случаи. Од друга страна селективниот пристап на објавување само на спектакуларните случаи во јавноста како последните, без да се интервенира на време и да се изнесат суштинските проблеми за да не дојде до вакви ситуации, како да нема ни волја ниту кај општата јавност во државата, ниту кај стручната јавност. Дали се работи за страв, незадоволство или апатија, за тоа треба да кажат психијатрите“, вели Борозанов.
Болнички проблеми полна вреќа
Лекарските грешки се само еден аспект на проблемот. Недостатокот на медицински кадар и персонал и лошите услови болниците, недостаток на медицински материјали, долгото чекање редици во болниците се проблеми на кои граѓаните се жалат со години. Секојдневно на Клиничкиот центар во Скопје може да се забележи, на пример, како некои од пациентите во болнички носилки долго чекаат пред клиниките да бидат префрлени или прегледани. Граѓаните се жалат и на хигиенските услови, храната, несоодветен третман од медицинскиот персонал.
„Не сум задоволна, ниту од болничарките, ниту од сестрите, од никого! Само докторите се супер, тие што разбираат, што знаат. Условите се катастрофа! Има бубашваби, има големи бубачки и не спиеме по цела ноќ. Храната е катастрофа, јас ништо не јадам од тука“, вели жена која се лекува на гинеколошката клиника во Скопје.
Посебно при хоспитализација на пациенти, ние се соочуваме со услови во коишто пациентот треба сам да си ги обезбеди лекарствата, односно терапијата што треба да ја прима, иако е хоспитализиран во установата.Несиме Салиоска од невладината организација РОМА С.О.С.
Се лечат во болница со свои лекови
Несиме Салиоска од невладината организација РОМА С.О.С работи на мониторинг на состојбите на здравствените институции, главно во Битола и во Прилеп, но соработуваат и со организации од целата земја. Нејзината генерална оценка е дека условите за работа во болниците во Македонија исполнуваат минимални стандарди.
„Посебно при хоспитализација на пациенти, ние се соочуваме со услови во коишто пациентот треба сам да си ги обезбеди лекарствата, односно терапијата што треба да ја прима, иако е хоспитализиран во установата. Ние се соочуваме со потреба од набавка на основни хигиенски материјали додека е тој хоспитализиран и наплата авансно, бидејќи самата установа нема доверба во пациентите дека трошокот ќе им биде наплатен на крај, што се базира на стравот од непризнавање и нерефундирање на трошоците од страна на Фондот за здравствено осигурување“, вели Салиоска.
Таа зборува и за проблемите поврзани со реформите во здравствениот систем, односно со постапувањето по протоколи од страна на лекарите, наведувајќи го случајот на тригодишната Анета која овој месец почина во болницата во Прилеп.
„Ова е уште еден случај со кој се потврди несоодветното од страна на лекарите во начинот на којшто се третираат пациентите, а е поврзано директно со најновата реформа во здравствениот систем, а тоа е постапувањето по протоколи. Во една ситуација кога ние разговаравме со началникот на инфективното одделение ни беше посочено дека лекарот постапил по протокол и со самото тоа не сноси одговорност за смртта на малолетното девојче. Разгледувајќи го овој случај, доколку испадне дека е така лекарот, нема да сноси правна одговорност. Меѓутоа, се поставува прашањето дали лекарите треба да постапуваат хумано во својата работа или треба да постапуваат исклучиво како административци.“
Од организацијата бараат Јавното обвинителство најбрзо да ја заврши постапката за утврдување на смртта на малата Анета Неџипоска, која пред дваесетина дена почина во болницата поради влошена здравствена состојба, откако таму била упатена од матичен лекар. Претходната вечер јадела сендвич во локална кафеана, а по направените лабораториски испитувања била утврдена дијагноза „труење од храна“. Лекарот укажал терапија и штом забележал подобрена состојба, препишал сируп за домашно лекување, препорачал диетална исхрана и контрола по потреба. Во овој случај се уште не е завршена обдукцијата за да се утврдат причините за смртта.
Салиоска вели дека овие реформи во здравствениот систем ја дехуманизираат лекарската професија, а пациентите се изложени на драстични последици, како губење на нивните животи, стекнување инвалидитет или влошување на нивното здравје, а тоа според неа го потврдуваат се поголемиот број на случаи.
Клучниот проблем во здравство е неговата политизација
Како да се спречи ваквите појави да не се повторуваат? Поранешниот заменик министер за здравство Владимир Лазаревик вели дека секаде во светот се случува да умираат пациенти како резултат на човечка грешка. Но тој вели оти тешко е да се поверува дека во Германија може да се случи доктор да оперира во алкохолизирана состојба, и тоа според него е системски пропуст. Сепак, Лазаревик смета дека клучниот проблем во македонското здравство е неговата политизација и начинот на кој се назначуваат на луѓе на раководни позиции.
„Сметам дека е тоа еден процес и еден проблем којшто го оневозможува вистинското лоцирање на одговорноста во различните слоеви на здравствениот систем и фаворизира еден вид на протекционизам којшто не е базиран на реални квалитет, туку е базиран на политички врски и политички интереси. Самото тоа доведува до доста фрустрации во меѓучовечките односи во здравствениот систем, како помеѓу лекарите, така генерално помеѓу здравствените работници и тоа се одразува негативно на пациентите“, вели Лазаревик.
Во однос на големиот број на реформи во здравството кои ги воведуваат властите, Лазаревик вели дека доста од тие реформи се почнати, стигнати до одредена фаза, но не продолжуваат понатаму. Тој додава дека постојат и процеси кои воопшто не се почнати, но и процеси со краткорочни цели.
„Ако се вратите наназад шест месеци, сигурен сум дека ќе најдете 20 реформски чекори што се направени преку прес-конференции од страна на Министерството за здравство. Било каков вид на промена, на пример ако ја гледаме реформата во примарното здравство, приватизацијата на лекарите беше процес што траеше најмалку пет до шест години. Доведување на системот ДРГ е процес кој исто така одзема пет до шест години и не е целосно имплементиран. Затоа многу резултати не можат реално да се измерат заради тоа што има недостаток на податоци и соодветни истражувања“, објаснува Лазаревик.
Од Министерството за здравство не добивме одговор на прашањето како моментов го решаваат проблемот со недостатокот на кадар во болниците? Оттаму не добивме ниту коментар за обвинувањата на нивна адреса дека причините за лошите здравствени услуги се партиските вработувања во здравствените институции, ниту, пак, околу повиците на дел од јавноста министерот за здравство да поднесе оставка.
Владимир Борозанов заклучува дека решенијата на проблемите во здравството не можат да се спроведат брзо, бидејќи како што вели „постојат многу дупки што треба да се закрпат.“ Тој истакнува дека постојат многу изработени документи за трансформација на здравството кои треба да бидат достапни за јавноста.