Битолчани се уште од балкон фрлаат ќеси со ѓубре

Вработени од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола.

Колку и да чистиме, ние на толку народ не можеме да постигнеме, велат вработени во Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола. Од Општина велат дека комуналната инспекција има изречено повеќе санкции за лица кои не постапуваат прописно со сметот.

Срамно е што некои битолчани и во 21 век не ги промениле навиките, па ѓубрето во ќеси се уште го фрлаат преку балкони долу, иако пред зградата имаат контејнери, сведочат вработени од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола.

„Секаде каде што има потреба сме на располагање да зачистиме. Треба и граѓаните да внимаваат. Колку и да чистиме, ние на толку народ не можеме да постигнеме. Не е само да се критикува Комуналец. Ние сме нон-стоп на работа. На Широк Сокак нема толку ѓубре, има по парковите и главните сообраќајници. Срамота е што наоѓаме ѓубриња ставени во најлонче и фрлено од некој балкон на зграда покрај контејнер. Тоа не е во ред“, велат Шенѓул Бошевака и Ирена Тасевска, вработени во ЈП „Комулаец“ од Битола.

Видете и ова: За Европа ѓубрето е ресурс, Македонија не може да го собере по улици

Сепак, навиките на луѓето тешко се менуваат, а свеста најверојатно најдобро се подига со санкции. Од Општина велат дека комуналната инспекција има изречено повеќе санкции за лица кои не постапуваат прописно со сметот, а најавуваат дека ќе преминат кон казнување на приватници кои не ги одржуваат приватните имоти.

„Не може да се исчисти доволно, колку што можат некои да извалкаат. Изречени се санкции на луѓе кои фрлаат смет на обиколницата над Битола, на оние кои се затекнати дека загадуваат животна средина. Но, инспекцијата работи и во самото градско подрачје каде се издаваат решенија. Ќе пристапиме кон тоа комуналната инспекција да постапува и за приватен имот онаму каде воочуваме дека некои приватни лица кои имаат имот, но не ги користат, сепак да ја запазат обврската на чување на имотот во онаква кондиција како што бара комуналниот ред“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Во Битола пред три месеци беше исчистена обиколницата на патот од Ресен за Прилеп, која со години беше депонија и жива зараза за ромското население што живее во близина. Од таму комуналните служби подигнаа 2000 метри кубни смет. По ваквата акција, поставен е вработен од „Комуналец“, жител во локалната населба, кој секојдневно ја одржува обиколница чиста.

Воедно, над 200 метри кубни ѓубре е собрано во есенската акција за чистење на повеќе од 20 диви депонии во урбаниот дел на Битола, во која учествуваа сите јавни комунални претпријатија од градот, а се приклучија и голем број граѓани кои живеат во близина на овие депонии. Меѓу нив и двете големи депонии во централното градско подрачје, каде сметот се собирал со години во руинирани објекти. Тоа се поранешните бараки на финансов и стариот средношколски дом.

„Да апелирам и до граѓаните за малку посовесно однесување да не се создаваат диви депонии, зашто колку и да сакаме да помогнеме не можеме секогаш да излеземе навреме во пресрет на она што значи чистење и одржување на локациите. Позитивен пример е обиколницата на Битола, а сакам граѓаните да ги повикам кога имаат гломазен отпад да не повикаат, Комуналец ќе го подигне од нивниот двор, да не го оставаат покрај нашите контејнери“, рече Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“ од Битола.

Тој додава дека има доволно контејнери низ градот, но, лошите навики на граѓаните се причина за создавањето на диви депонии и тоа постојано на исти локации откако ќе се исчистат.

Во градот има и други независни иницијативи кои преземаат акции за чистење, но некои од депониите повторно се создаваат.