Пограничните општини Битола и Новаци од македонска страна и Кожани од грчка, ќе соработуваат на заштита на животната средина во прекуграничниот регион, со намалување на штетните гасови. За 300 тони ќе се намалат емисиите на метан и 6300 тони јаглероден диоксид преку интегрирано управување со 10.000 тони био-отпад на годишно ниво во прекуграничниот регион од Битола кон северните општини во Грција. Проектот се вика „Симбиоза“ и е еден од ретките во кои како партнери се појавуваат јавни претпријатија и општини од Македонија и Грција, кои заедно ќе ја штитат екологијата. Над 898 000 евра се обезбедени од ИПА програмата за прекугранична соработка.
Досега органскиот отпад завршуваше по депониите, а неговото разградување предизвикува испуштање на штетни гасови во атмосферата. Од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола, кое е водечки партнер во проектот, ќе постават специјални канти за органскиот отпад, а потоа од него ќе произведуваат компост, поточно органско ѓубриво за поквалитетна почва.
„Ова јавно претпријатие на 2.000 локации ќе постави канти обележани со кафеава боја, во кои граѓаните и фирмите ќе можат да го ставаат био-отпадот. Комуналец ќе го подига тој отпад, ќе го носи, со соодветно возило добиено од овој грант, на простор каде што ќе биде поставен компостер и ќе се произведува компост“, рече Панде Богоевски, директор на битолски „Комуналец“.
Компостот ќе се продава, па се очекува да соработуваат трговците и земјоделците од пограничните општини во Македонија и Грција.
„Се надеваме на подигање на културата за селекција на био-отпадот, да се постигнат резултати во намалување на штетните гасови, а тоа ќе овозможи и производство на компост, ставање на информациите на ИТ платформа, преку која ќе може оној што произведува био-отпад и оној кој има потреба да го купи да тргуваат и да се раздвижат економиите во овој пограничен регион“, рече Богоевски.
Проектот „Симбиоза“ е чекор напред кон воспоставување на одржлив интегриран систем за управување со органскиот отпад, но и кон соработката на општините од двете страни на границата.
„Ова претставува вовед на тоа како треба да се користат релациите со Грција за идни проекти во прекуграничната соработка. Ова сето се случува во период кој е многу значаен за нашата држава и е потврда за тоа како треба Македонија и Грција во иднина да функционираат“, рече битолската градоначалничка Наташа Петровска.
Општина Битола има добиено и други два проекти од европски фондови за прекугранична соработка со Грција. Таа ќе добие кино на отворено во функција на културниот развој на градот, како и опрема за туристички информативен центар на локација која ќе биде во интерес на сите посетители на Битола. Исто така, фондовите за прекугранична соработка ќе се искористат и енергетска заштита на Спортската сала „Младост“.