Достапни линкови

Доброволци го чистат ѓубрето во Куманово


Во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, здружението „Кумановски акцијаши“ засади околу три илјади садници кај Спомен костурницата, а следи оплеменување и на други локации. Тие работат и на расчистувањето на ѓубрето во парковите.

Околу 300 членови на Здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски акцијаши“ од Куманово сериозно и упорно се ангажираат во расчистување на расфрланиот смет по парковите и рекреативните локалитети, како и во околината на културно-историските монументи. Во акциите се вклучуваат и претставници од некои невладини организации, граѓани, како и од локалното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“, а според Јусуф Љатифи, претседател на „Кумановски акцијаши“, ова здружение работи и на едукација на младата популација, со единствена цел да се разбуди свеста и совеста кај луѓето да ја чуваат, негуваат и одржуваат чиста и здрава својата животна околина.

Со оглед на премногу расфрлан отпад насекаде се чини многу работа ги очекува ентузијастите, но Љатифи е оптимист, поткрепувајќи го тоа со фактот дека од ден на ден се зголемува бројот на заинтересираните да се вклучуваат во акциите.

Во Програмата за заштита и унапредување на животната средина за 2018 година „Зелено Куманово“, според Љатифи, приоритет е формирање на еколошката свест. Тоа подразбира еколошки работилници за основците, при што најмалите преку игра и забава ќе ги стекнат основните познавања за животната средина.

Во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, акцијашите засадија околу три илјади садници кај Спомен костурницата, а следи оплеменување и на други локации.

Според Љатифи, во тек е и проект за избор на најдобро еко-семејство. Конкурсот предвидува учество на семејства кои имаат индивидуални дворови, а за најдобрите следуваат награди. Со тоа се настојува да се поттикнат еколошките активности на граѓаните и да се подигне нивото на еколошката свест кај кумановци.

„Во оваа сфера ќе бидат опфатени само семејствата со индивидуални дворови кои имаат задача во контиунитет во периодот од мај до декември да водат грижа за својот двор. Тоа значи уредување и унапредување на дворот, да се грижат за делот што го зафаќа дворот од улицата и повремено да се приклучуваат на еколошките акции организирани од „Кумановски акцијаши“, или пак, самите да се организираат. Пријавувањето е започнато по електронски пат“, вели тој.

Со мала корекција на конкурсот се дава можност и на младите до 21 година да се вклучат во еколошките активности во нивното маало.

„Млади еко дружини „Моето маало“ можат да се вклучат и да се пријават електронски. Сето ова е со цел да се иницира, бидејќи свеста си постои, но треба да се активира и да се мотивираат семејствата да почнат еколошки да творат, првенствено заради нив самите, а потоа и за градот“, вели првиот акцијаш Љатифи.

„Веќе има интерес, иако на сите ни е добро позната еколошката состојба во Куманово, односот на нашите сограѓани во сферата на заштита на животната средина, не очекуваме некој бум, но ова е прва година. Сепак, се надевам дека континуирано бројката ќе си расне, а ако за почеток се пријават и 15 семејства, ќе биде одлично“, додава Љатифи.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG