Достапни линкови

Од 14 остана само едно училиште со блокирана сметка во Битола


Средното медицинско училиште Др. Јован Калаузи во Битола.
Средното медицинско училиште Др. Јован Калаузи во Битола.

Подмирени се долговите за потрошена струја, нафта, побарувањата на дел од превозниците, долговите што школите ги таложеле со години кон јавните претпријатија. Со блокирана сметка останува уште училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица.

Одблокирани се сметките на 13 основни и средни училишта во Битола преку средствата што од државниот буџет беа пренаменети за општините. Со ова се реши осумгодишниот проблем во битолското образование кога училиштата тонеа во долгови, па одвај се обезбедуваа средства и за основните хигиенски потреби. Од државниот буџет покриени се 51 процент или 2,5 милиони евра од долговите на училиштата, а вкупниот долг што го пријави битолската локална самоуправа беше 5 милиони евра. Со блокирана смета остана само едно училиште.

„Она што беше рак-рана на Битола беа блокираните сметки на училиштата, од 14 блокирани училишта, колку што беше, уште само едно е блокирано, тоа е „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица. Долговите на училиштата не се целосно одблокирани, но се работи и во тој дел. Важно во моментов е што училиште со блокирана сметка е само едно во сите основни и средни во општина Битола“, изјави претседателот на Советот Валентин Груевски.

Со ова се подмирува долгот за потрошена струја, нафта, побарувањата на дел од превозниците, долговите што школите ги таложеле со години кон јавните претпријатија и изнесуваа 11 милиони денари кон „Водовод“, кон „Нискоградба“ е 4 милиони, а кон „Комуналец“ 10 милиони денари. Вкупниот долг на училиштата, според изјавите на сегашната локална власт кој го наследи во 2017 година беше 4,6 милиони евра.

Лани на десет дена пред почетокот на учебната година битолските училишта поради долг над 100.000 евра останаа без струја.Од Општина Битола тогаш рекоа дека струја во школите претходниците престанале да ја плаќаат во април 2017, иако уште не била сменета локалната власт. Лани беа преземени итни мерки и струјата беше вклучена.

Тоа што со средства од државниот буџет се одблокирани училиштата опозиционата ВМРО-ДПМНЕ смета дека е постигната времена финансиска стабилност, но не и конечно решение за долговите.

„Коренот на овој проблем лежи во методологијата со која се одредуваат висината на блок дотациите што стигаат до општината како трошоци за училиштата. Во моментов да, со Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа се доведе до некаква си финансиска стабилност на училиштата. Но, разликата меѓу обврските што дневно ги создаваат училиштата и оние што стигнуваат како блок дотации постои. Ова не е финално решение, туку амортизирање на проблемот“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG