Амбиентот во Пелинце е рај за сликарите од 45-та ликовна колонија

Ликовната колонија „Куманово“ е една од најстарите колонии во државава и датира од 1974-та година. Годинава учествуваат единаесет уметници од регионот. Тие творат во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, а делата потоа ќе останат во Кумановскиот музеј.

Единаесет академски домашни и сликари од регионот Србија, БиХ и Бугарија, учесници на 45-та Ликовна колонија „Куманово 2019“ во комбинирани техники и со донесена и побудена инспирација во прекрасниот амбиент во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, со своите творби ќе го зголемат уметничкиот фонд на Музејот во Куманово.

Раскошната вегетација и шумолењето на реката Пчиња, во мирот нарушуван само од птичјите оркестри уметниците велат, дека како ретко каде за кусо време може да се создаде богато творештво.

Видете и ова: Балкански уметници на Кумановската ликовна колонија

Милена Станков од Софија, Бугарија вели дека многу и се допаѓа амбиентот.

„Природата е прекрасна, неверојатни домаќини, имаме чудесно атеље во кое работиме со различни слободни техники. Мотивите многу ме инспирираа. Минатата година бев во Кавадарци и многу сум среќна што сум сега тука“, вели Милена Санков.

Сликарот од Требиње, БиХ, Саво Рупиќ во нашата држава е вторпат, во Куманово првпат, вели дека е воодушевен, а по Куманово неколку дена ќе престојува во Охрид каде што со двајца колеги од неговата академија ќе има мала изложба.

„Амбиентот е еден од најинспиративните што сум видел воопшто. Ова е рај за сликање, затоа што е во природа, многу е мирно, нема никакви ограничувања, затоа што е во онаа шума висока 30-40 метри и реката, сè е живо. Повеќе може тука да се создаде за десетина денови отколку некаде за два месеца. Ова е нешто најубаво за творење од она што сум имал можност да видам, а сум бил на 30-ина колонии. Не е многу, но мислам доволно е за споредба“, вели Рупиќ.

Пелинце е прекрасен автономен простор идеален за престој и творење и за младиот сликар Никола Пијанманов од Струмица.

„Тоа е како еден жив парк, полн со скулптури, со дрвја и со растенија, секако дека е инспиративен просторот, а и екипата е составена од многу млади даровити уметници. Моментално работам со акрил со пигменти техника на платно, поставив малку поголема композиција. Инспирацијата е комбинирана, тоа што го носиме во себе и она што го запознаваме директно во просторот Пелинце. Мозаикот на мојот професор Рубенс Корубин е исто така доста инспиративен, тоа е не само еден споменик на државноста“, вели Пијаманов.

Ликовната колонија „Куманово“ е една од најстарите колонии во државава бидејќи датира од 1974-та година биенално одржувана со Врање (Србија) во Манастирот Прохор Пчињски, а по општествено-политичките промени таа се „сели“, вели Перо Величковски од кумановскиот Музеј.

„Во 1992-та година во Хотелот „Ку-Ба“, потоа во Манастирот во Матејче, по градот додека не се преселивме во Пелинце 2004-та година“, вели Величковски.

Драгана Спасковска, кустос од Кумановскиот музеј, додава дека со Советот, Општината Куманово и НУ Музеј со оваа колонија ќе одбележат јубилеј, а се очекува уметниците да остават околу 20-ина свои дела.

„Делата ќе завршат во НУ Музеј од Куманово и Општината Куманово“, вели Спасковска.