Достапни линкови

Петнаесетта јубилејна Меѓународна ликовна колонија Карпино


Со учество на бројни уметници од земјава и од странство, од 6 до 13 јули, во Куманово ќе се одржи 15-то издание на Меѓународната ликовна колонија Карпино. За јубилејот во оф-програмата на случувањето планирани се и фото-постановка на членовите на фото-клубот „Козјак“ Куманово, поетско читање и концерти на тамошните тамбураши, ансамблот за староградски песни „Серенада“ од Виница и младиот македонски хармоникаш со интернационална репутација Александар Коловски.

Љупка Галаска Васлев, Ивана Настески, Петра Јовановска, Елеонора Накевска, Срахил Петровски, Трајан Трајковски, Томислав Нешковски, Александар Симоновиќ – Симо, Мики Трендафиловски, Стефан Анчевски, Дејвид Стоилковски од Република Македонија, Немања Јовановиќ, Светозар Тасиќ и Божица Милојевиќ од соседна Србија, Братислав Хегиеши од Босна и Херцеговина, Емилија Очкова Димитова од Република Бугарија, Кармен Балан и Марин Василе од Романија и Барбара и Кшиштов Бартник се 20-те уметници годинешни учесници на 15-то јубилејно издание на Меѓународната ликовна колонија Карпино, која од 6 до 13 јули, ќе се одржи во Куманово.

Станува збор за исклучително значајна летна уметничка средба која своите зачетоци ги имала пред деценија и половина во манастирскиот комплекс Карпино, кој патем датира од 14 век. Тогаш главно локалните творци својата инспирација ја побарале и ја нашле во неговата крепост и несекојдневна убавина. Но, како времето минувало и од година во година се зголемувал бројот на учесниците и не само од земјава, љубовта, упорноста и желбата за докажување ќе ја издигнат веќе Меѓународната ликовна колонија Карпино во една од препознатливите на културната мапа на регионот. Една од многуте вакви летни средби која ја чествува моќта на уметноста и, што е поважно, се обидува и успева да ги возобновува мостовите на пријателства и взаемно разбирање.

„Меѓународната ликовна колонија Карпино не е само обична творечка средба на уметниците од неколку генерации кои својата инспирација ја наоѓале и наоѓаат во древноста и убавината на природата на комплексот, туку и сериозен апел до општината и државата воопшто да работат на зачувување на нашата традицијата и култура преку грижата за црковните храмови како лулки на творештвото низ вековите“, вели уметницата и магистер по конзервација и реставрација Валентина Илијевска.

Taa од годинава заедно со Зоран Павловски од Мултимедијалниот центар Карпино и уметничкиот директор Мирослав Величковски, е најдиректно вклучена во организацијата на колонијата.

Инаку, домаќините за 15-то јубилејно издание на Меѓународната ликовна колонија Карпино, вложиле значителни напори не само да ја заокружат убавата традиција, туку и на тамошната културна јавност да и понудат дополнителни и не само визуелни атракции. Така, отворањето на манифестацијата ќе биде проследено и со постановка на која своите дела ќе ги претстават членовите на фото-клубот „Козјак“ - Куманово, а убавата атмосфера ќе биде заокружена со настап на тамошните тамбураши. Во наредните денови за гостите – учесници на колонијата се предвидени неколку посети на значајните културно-историски споменици во градот и околината, запознавање со традиционалната кујна, поетско читање и концерти на ансамблот за староградски песни „Серенада“ од Виница и младиот македонски хармоникаш со интернационална репутација Александар Коловски.

„Веќе неколку години наназад се обидуваме да понудиме различни културни содржини, од театарски претстави преку поетски читања и сè до концертни настапи, кои за цел имаат да го крепат и развиваат духот на уметноста и да помагаат во градењето на мостовите меѓу народите и културите“, дополнува Илијевска.

Кон ова само уште информацијата дека делата кои ќе бидат создадени на оваа творечка средба ќе се најдат на големата изложба на Меѓународната ликовна колонија Карпино која традиционално се одржува на 11 ноември на Денот на ослободувањето на Куманово во Н.У Центар за култура „Трајков Прокопиев“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG