Достапни линкови

Радосављевиќ и Трендафиловски со ликовно-поетските приказни на изложба во Куманово


Замислен како несекојдневен настан што треба да го разбуди вниманието на кумановската културна јавност, „Лет и пев“ е проект генерално сочинет од изложба на слики и цртежи преку која ќе биде претставена актуелната ликовна продукција на уметниците Наташа Радосављевиќ – Нара од соседна Србија и нашиот Мирослав Трендафиловски – Мики. Згора на тоа сето тоа ќе биде надополнето со избор од литературното творештво на гостинката од Белград за кое ќе говори м-р Љупка Стојменова и со пригодна музика.

И, кога е ова веќе познато збор – два за неговите творци.

Родена во Јагодина, Наташа Радосављевиќ – Нара завршила колеџ за ликовна и применета уметност во Белград кадешто денес живее и работи. Освен делувањето во областа на ликовната уметност се занимава и со пишување на поезија.

Зад себе досега има дваесетина самостојни изложби и учества на повеќе групни ликовни поставки, проекти и ликовни колонии. За своето творештво добитничка е на повеќе награди и признанија и член е на неколку тамошни ликовни асоцијации. Има објавено три книги поезија и член е на Здружението на српските писатели. За своето творештво знае да каже дека е „испреплетена сликарско-поетска содржина, претставена со нејзиниот специфичен авторски сензибилитет нудејќи и на публиката едно свое видување на светот денес“.

Од друга страна Мирослав Трендафиловски – Мики е роден во Куманово кадешто живее и работи како самостоен уметник. Има учествувано на повеќе групни поставки, проекти и ликовни колонии, а зад себе има 25 самостојни изложби во земјата и странство. Неговиот специфичен ликовен израз граден на повеќе децениско искуство говори за неговиот зрел сликарски пристап, творечка инвенција и авторски идентитет.

Наташа Радосављевиќ знае да каже дека не е по прв пат во Македонија. Дека со своите слики досега имала прилика да се претстави во Скопје, Берово... а дека поезијата и била читана на манифестација во Кочани. Од таму сега се решиле со колегата Трендафиловски, со кого патем се запознале минатата година на колонија во Радовиш, да понудат „спој на ликовната уметност со поезијата“.

- Овој циклус на слики се вика „Лет и пев“. Станува збор за испреплетување на ликовната уметност со поезијата бидејќи јас нив и не можам да ги гледам одвоено. Тоа се две мои чеда кои јас подеднакво ги хранам и ги љубам. Некои од моите слики содржат песни кои се забележани на нивниот заден дел, а во книгите имам илустрации коишто се полни со симболи како во ликовните дела. Тоа е таа врска. Тоа е моето дело кое постојано се надополнува и претставува една единствена целина, вели Нара.

Таа и со дополна дека нивната уметност има сродност. Тие се колористи кои, пак, по начинот на работа доста се разликуваат.

- За нас може да се каже дека сме колористи кои по начинот на работа и по сликарскиот ракопис доста се разликуваат. Но, од друга страна ние сме сликари кои си имаат своја приказна. Кои имаат своја тежина и свој квалитет, истакнува Наташа Радосављевиќ.

Трендафиловски од своја страна забележува дека не случајно тие заеднички помислиле да ја предизвикаат кумановската публика. Едноставно посакале да го надградат она што минатото лето го сториле во Кочани каде ги понудиле само своите цртежи. За таа цел се решиле делата од своите актуелни циклуси да ги обојат со поезија. Со стиховите на Нара, па дури Мики инспириран од неа потпишал и неколку нови слики. Портрети.

- Концепциски во начинот на работа ние сме различни иако понудата главно ја чинат портрети. И јас настапувам со нив меѓутоа на свој начин кој е веќе препознаен и познат на јавноста. Имам и дел со цртежи каде ја претставувам старата кумановска архитектура, а Нара од друга страна настапува со пејсажи. Од таму се стори една веруваме убава тематска целина која се надеваме ќе биде интересна за публиката. Јас имам и една слика насловена како „Драгост“ која е директно инспирирана од поезијата на Радосављевиќ, појаснува Трендафиловски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG