Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 25 мај 2019
Поголемиот дел од времето додека бевме заедно ме тепаше. И кога беше пијан, но и кога не беше... постојано ме навредуваше, пцуеше.
Вака една жена, со години жртва на семејно насилство ја почнува својата приказна.
„Јас бев нападната и во текот на бременоста, кога бев седми месец бремена, а и после бременоста. Секогаш ме тепаше, ме омаловажуваше, ме навредуваше. Ме тепаше и пред детето, со тупаници по лицето и по главата, градниот кош, стомакот”, вели таа.
По едно од тепањата, оваа жена, завршила и во болница. Потоа одлучила да го пријави насилството во полиција и во Центарот за социјални работи. Од таму ѝ посочиле да стапи во контакт и со Центарот за правна помош на невладината организација ЕСЕ. Заедно подготвиле соодветни пријави за насилникот, а посетувала и психолог. Нејзините проблеми не се решиле брзо, па и покрај судската забрана да ѝ се приближи, поранешниот партнер повторно ја напаѓал. Сега вели - се изборив за правда за мене и за моето дете.
Поразителни бројки
Но, таа е една од ретките во Македонија кои одлучиле да пријават насилство од постојниот партнер. Според истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените, само два отсто од жените кои се соочиле со насилство од својот моментален партнер инцидентот го пријавиле во полиција.
Срамот, стравот, финансиските причини, недоверба во системот, стравот од последиците, но и неразбирање што всушност им се случува се генерално причините поради кои жените жртви на насилство не одлучуваат да го пријават.
„Истражувањето предводено од ОБСЕ покажува и дека речиси половина од сите жени кои што биле анкетирани во Северна Македонија веруваат дека домашното насилство претставува приватно прашање кое треба да се реши внатре во самото семејство, а три од десет жени веруваат дека жртвите претеруваат во своите тврдења за злоупотреба и за силување”, вели специјалната советничка за родови прашања на ОБСЕ Амарсана Дарисурен.
Видете и ова: Семејното насилство меѓу законите и свестаИспитувањето на јавното мислење на оваа меѓународна организација, покрај тоа дека насилството често не се пријавува, покажува и дека некакви форми на физичко и сексуално насилство се широко распространети. Најизложени се жените од малцинските заедници и оние кои живеат во селата, се резултатите од извештајот што произлегува од анкетата направена со 1910 жени во земјава.
„Постои и едно малцинство жени кои сметаат дека треба да се одржи традиционалната перспектива за улогата на жената во општеството и во домовите. Приближно една третина од жените, односно 37 отсто, сметаат дека нивните пријателки би се согласиле дека жената треба да го слуша мажот, дури и во оној случај кога не се согласува, а еден сличен процент, 32 отсто веруваат дека е важно мажот да му покаже на својот партнер кој е шефот”, вели Дарисурен.
Ваквите резултати преточени преку извештајот на хартија ги потврдува и личниот пример на жената која одлучила преку системот од државните и невладини институции и организации да му стави крај на своето трпење.
„Тој секогаш беше вулгарен, ме навредуваше, ме малтретираше, ме тепаше и секогаш сакаше тој да е во право за се“, вели една од жените жртви на насилство.
Неопходна поголема улога на државата
Детектирани бројки, пак, со години преку работата со жените жртви на насилство ги согледуваат и од невладината организација ЕСЕ. Од таму велат дека има зголемено пријавување на насилството во надлежните институции. Стојан Мисев од таа организација, смета дека е неопходно исполнување на обврските на државата за ефективно справување со овој проблем.
„На пример, ако го земеме семејното насилство, иако има зголемен број жени кои претрпеле семејно насилство и пријавиле, сепак загрижува трендот на континуирана висока застапеност на семејното насилство во последните 15 години. Тоа е директен одраз на несправувањето со недостатоците за заштита од страна на државата”, вели Мисев.
Што може да направи државата - пред сè доследно да го спроведе акцискиот план кој го подготви за имплементацијата на Истанбулската конференција.
Надлежните, пак, велат дека напредок има. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска набројува дека земјава ја ратификувала Истанбулската конвенција, подготвиле акциски план, а обезбедиле и директни сервиси во скопскиот регион.
„Министерството за труд и социјална политика финансира два шелтер центри, кризен центар за до 48 часовно сместување, СОС линија, а градот Скопје финансира советувалиште за деца жртви и сторители на насилство”, вели Царовска.
Низ земјава, додава таа, се во функција и четири регионални шелтер центри. Но, анализите на невладиниот сектор кои произлегуваат од обврските од Истанбулската конвенција посочуваат дека бројот на засолништа за жртви на семејно насилство треба да биде едно засолниште на 10.000 жени.
„Во оваа година треба да отвориме и пет дополнителни сервиси кои ќе значат и советување, но и шелтер центри за заштита кои ќе бидат повеќе во западниот дел заради тоа што навистина таму ни недостига таков тип на поддршка”, вели Царовска за Радио Слободна Европа.
Во една од своите анализи Хелсиншкиот комитет за човекови права препорачува дека произлегувајќи како обврска од Истанбулската конвенција мора да се направат измени и дополнувања во Кривичниот законик со инкриминирање на семејното насилство како посебно кривично дело за кое ќе се гони по службена должност со цел да се обезбеди поефикасна кривичноправна заштита на жртвите на семејното насилство и казнување на сторителите.
Царовска најавува дека до крајот на годинава покрај измените на Кривичниот законик ќе биде донесен и закон за родово базирано насилство.
Русија - насилството од кривично стана прекршочно дело
Насилство, понижување, изолација. Вакви се сведочењата на жртвите на семејното насилство и во Русија, ако воопшто се охрабрат да го пријават на полиција. Според многуте истражувања, само мал број од нив се решаваат на такво нешто. „Повеќето мислат дека сето она што се случува во семејството треба и да остане во семејството“, вели една од жртвите во Русија каде што од пред некоја година домашното тепање веќе не е кривично дело.
Гоце Атанасов
Спасување на животот или спасување на семејството останува критично прашање, откако руските власти почнаа да ги промовираат традиционалните вредности. Со законот усвоен во февруари 2017 година семејното насилство од кривично, стана прекршочно дело, доколку станува збор за прв таков инцидент, а жртвата не претрпела сериозни повреди. Поддржувачите на овој закон велат дека сакаат да го намалат мешањето на државата во семејниот живот. Еден од нив е и Виталиј Милонов, член на рускиот парламент.
„Кој потег е повреден? Да испратите лице во затвор за неговиот прв грозен чин и да го уништите семејството или да го спасите семејството и да го смените тоа лице? Мислам дека природно, зачувувањето на семејството е поважно“, вели Милонов.
Но, некои не го делат ваквото мислење. Ана Верба го чува нејзиниот внук во Москва, откако нејзината ќерка Елена била убиена од сопругот, поранешен вработен во Федералната служба за контрола на дрогата. Елена и се обратила на полицијата, откако Сергеј ја нападнал со нож, но инспекторот ја убедил да ја повлече изјавата, велејќи дека законските процедури ќе му ја уништат кариерата на нејзиниот сопруг. Ана ја обвинува полицијата за рамнодушност, а себе си дека не презела итни мерки.
„Ако некое лице го стори тоа еднаш против вашето дете, тоа значи дека ќе има уште еден случај, па уште еден. По четвртиот, се надевам на Бога, конечно ќе разберете и ќе си го земете вашето дете или вашата ќерка ќе се разведе од овој човек. Инаку ќе заврши како мојот случај, како и мојата ќерка. Таа замина, не можам да ја вратам“, вели Ана Верба.
Таа вели дека и покрај девет годишната затворска казна за Сергеј, сè уште се плаши за нејзината и за безбедноста на нејзиниот внук.
Во 2017 година, бројот на кривични дела во семејството падна на 34.007 од 64.421 година во претходната година. Но, ваквиот пад главно му се припишува на фактот дека бројките само ги прикажуваат случаите за кои се покренати кривични постапки.
Светлана, ова не и вистинското име, 39-годишна мајка на две деца, вели дека редовно била тепана од нејзиниот сопруг, пред да ја напушти и заедно со децата да ја остави без финансиска поддршка. Светлана додава дека полициските инспектори одбивале да го уапсат нејзиниот сопруг, повикувајќи се на декриминализацискиот закон, а потоа и оти се обиделе да ја разубедат да ги повлече обвиненијата.
„Се обратив до полицијата, пишував изјави. Напишав неколку изјави до полицијата, а потоа полициски инспектор од соседството дојде и почна да кажува нешто како - што ќе постигнеш?“, вели Светлана.
Ова не е мал проблем. Противниците на законот истакнуваат дека казните што вообичаено ги добива насилникот, ако случајот воопшто заврши на суд, се товар и за целото семејство, вклучувајќи ја и жртвата. Една од нив е и Људмила, 36-годишна мајка на три деца, која избега од нејзиниот партнер во кризниот центар во Краснојарск.
„Ако имавме построги закони, мажите немаше да бидат толку дрски", вели Људмила.
„Но, овде човек може да добие само 10 дена во притвор и парична казна од 5.000 рубли за тепање“, вели таа.
Нејзините обвиненија против сопругот целосно биле отфрлени од судот како контрадикторни.
Алена Попова, активистка за женски права вели дека жените треба да бидат сигурни оти целата државна моќ е на страната на жената, а не на насилникот.
„Нашата статистика е изопачена и искривена, бидејќи не постои дефиниција за семејно насилство“, вели Попова.
Попова и нејзините поддржувачи се борат рускиот парламент да разгледува можни мерки за заштита во случај на семејно насилство. Секоја година, според извештајот на Обединетите нации од 2010 година, околу 14.000 жени гинат во Русија од рацете на нивните сопрузи или други роднини.