Владини пари за одблокирање на училишните сметки во Битола

la.

Од парите што ги пренамени Владата ќе бидат покриени половина од долговите што ги имаат училиштата во Битола. Сегашната власт ги наследи училиштата со блокирани сметки. Пријавен бил долг од 5 милиони евра и половината ќе се покрие. Опозицијата се сомнева во методологијата за распределба на средствата.

Започнува одблокирање на сметките на битолските училишта. Од парите што Владата ги пренамени за општините, прифатено е да бидат покриени 51 процент или 2,5 милиони евра од долговите на битолското образование, а вкупниот долг што го пријави битолската локална самоуправа беше 5 милиони евра. Тие пари се легнати на сметката на Општина Битола и веќе започна префрлувањето на училиштата за да ги подмират побарувањата на добавувачите.

„Со овој процес почнуваме да ги одблокираме училиштата, кои во моментот се осум во основно и две во средно со блокирани сметки. Процесот на одблокирање нема да биде брз за пет до 10 дена, но одредени училишта ќе бидат одблокирани во следните месец или два и ќе можат нормално да работат. Овој процес ќе овозможи понатаму да нема одново задолжување, односно училиштата нема пак за две или три години да бидат блокирани“, рече Валентин Груевски, претседател на општинскиот Совет, кој ги усвои одлуките за подмирување на дел од долговите.

Видете и ова: Многу ветувања, а цела година во Битола се решаваат наследени проблеми

Со ова комплетно ќе се плати долгот за потрошена струја, нафта, како и побарувањата на дел од превозниците. Со дел од парите ќе се исплатат и долговите што школите ги таложеле со години кон јавните претпријатија, и тоа 11 милиони денари кон „Водовод“, „Нискоградба“ 4 милиони, „Комуналец“ 10 милиони денари.

„Ваков линч на образованието немало ни во турско, ни во каурско, ниту пак некогаш постоело откако памети македонскиот народ. Училиштата биле блокирани во 2011 година, но, сметки не плаќале од 2008 година. Како тоа сите училишта во исто време во 2008 година одлучиле да не плаќаат сметки? Тоа сигурно била партиска одлука и одлучиле да не плаќаат обврски кон јавните претпријатија. Таквото заедничко делување, нема друг збор освен организиран криминал“, рече Борче Корлевски, советник на СДСМ.

Училиштата со блокирани сметки ги наследи сегашната власт од претходната.

„Пред 12 години на сметката на СОУ „Таки Даскало“ имаше 93 илјади евра и 25 илјади евра од проектот за модернизација на образованието. Пред една и пол година истото училиште беше со долг од 15 милиони денари кон доверители и плус обврските кон општината. Како може за само една година училиштето да се одблокира, а тоа не можеше да се направи пред 7 години“, рече советничката Жаклина Наумовска од СДСМ.

Кога Советот ја носеше одлуката за подмирување на долговите, на говорница излезе само еден советник дискутант од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Горан Степановски изрази сомнеж во методологијата за распределба на средствата.

„Треба да имате доблест да признаете дека дел од овие долгови се направени во време на вашето владеење како централна власт. Нормално ќе ги поздравиме овие средства се добредојдени за општината, но со оваа методологија повторно голем дел од училиштата ќе останат блокирани. Треба да се запрашаме зошто голем дел од превозниците не се пријавија на тој повик. Односно се пријавија само два превозници, односно се остава сомнеж за методологијата по која ќе се исплаќаат тие средства“, рече Горан Степановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.