Достапни линкови

Препукувања за долгот на Општина Битола


Советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека завршната сметка покажува дека долгот на Битола е 10 милиони евра помал отколку што тврдат градските власти. Локалната власт, пак, реагира дека опозицијата ги игнорира долговите на општинските јавни претпријатија и училиштата.

Долгот на Општина Битола што го остави ексградоначалникот Владимир Талески со недели е тема за меѓупартиски препукувања. Духовите ги разбранува завршната сметка на Општината за 2017 година донесена неодамна на седница на Советот. Општина Битола должи околу 3 милиони евра или 10 милиони евра помалку од јавно презентираниот долг, а ако се вкалкулираат и побарувањата, ќе испадне дека е во позитива, велат советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За локалното мнозинство, ова не е точно, зашто во завршната сметка ги нема долговите на јавните претпријатија и училиштата кои се под надлежност на општината, а вкупниот износ изнесува околу 13 милиони евра.

„Градоначалничката Наташа Петровска во ноември минатата година на прес-конференција изјави дека долгот на Општината е 13,5 милиони евра, а сега истата таа градоначалничка достави завршна сметка потпишана лично од неа, според која, побарувањата на Општината изнесуваат 5,5 милиони евра, а обврските односно долговите 3,5 милиони евра. За 10 милиони евра помалку се покажаа, но ако ги вкалкулираме побарувањата од 5,5 милиони евра кои доколку би се наплатиле ќе излезе позитива“, рече Борче Димитровски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

На ваквите обвинувања, претседателот на Советот, Валентин Груевски, кадар на ЛДП, рече дека финансиската состојба на Општина е очајна и дека не можат да се занемарат долговите на јавните претпријатија и школите кои имаат посебни завршни сметки, што не се во општината, а ќе мораат да се подмират.

„Зарем не го земате предвид кредитот за касарната, што треба да се плаќа или тоа го сметате за приказна за Снежана и седумте џуџиња? Долговите во образованието од 4,5 милиони евра каде да ги впишеме, во завршната сметка на Драчево? Сте ги прашале вашите директори колку време не платиле струја во училиштата? Економското училиште седум години не плаќало фактури за струја и сега одеднаш во еден месец треба да се плати тоа“, рече Груевски.

Градоначалничката Наташа Петровска во ноември, по преземањето на локалната власт, на прес-конференција соопшти дека долг од 12.491.350 евра ѝ оставил ексградоначалникот Владимир Талески. Од нив над 3,3 милиони евра обврски кои треба да се исплатат по основ на пристигнати фактури за извршени работи, гаранции и други финансиски документи, а над 9 милиони евра по основ на потпишани договори на кои во најголем дел рокот на плаќање им е поминат. За да се покријат долговите, Петровска рече дека ќе треба да работат неколку години.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG