Медиуми - Папата, Пендаровски и СЈО

Претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев го пречекаа папата Франциск на аеродром

Медиумите пишуваат за посетата на папата Франциск, за победникот на претседателските избори и за преговорите за судбината на СЈО.

„Папата Франциск: Македонија е мост меѓу Истокот и Западот“ – со ваков наслов излезе Нова Македонија цитирајќи го високиот гостин од Светата столица при неговото обраќање кога го посети Скопје. Истиот весник забележува и „Политика во пораките“, имено, дека покрај забележителните разлики во именувањето на земјава на претседателот Иванов, кој се заблагодари за неговата посета на Република Македонија, и на папата Франциск кој зборуваше за вредностите на Северна Македонија, како „најценето и најважно наследство“ на луѓето што живеат во земјава, понтифот ги оцени „мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја и комплексните односи низ минатите години“.

Видете и ова: Папата ја заврши апостолската посета на Северна Македонија

И другите весници забележуваат дека новоизбраниот претседател Стево Пендаровски се воздржал овој настан да го коментира од дневнополитички аспект. Независен наслови: „Папата виде глад за добрина“. Вечер, покрај другото, го пренесе пишувањето на порталот на Фокус: „Папата на мисата во Скопје носеше уникатна облека во националните бои на Македонија, подарок од младиот брачен пар Драган Георгиевски и Марија Георгиевска Ристовска“. Вечер потсетува и дека „Папата има Митра тијара со охридски бисери изработена од монахињите од манастирот Рајчица, подарена во 2016 година“. Порталот на Вечер информира и дека посетата на Папата се следела во живо на Ватикан њуз, официјалната медиумска мрежа на Светата столица.

Пред посетата на првиот човек на Ватикан, се случи и вториот круг на претседателските избори. Сите весници ја објавија оценката на посматрачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР:„Мирни избори со забелешки на Изборниот законик“. Независен објави: „ВМРО-ДПМНЕ поднесе 12 приговори, се жали на полнење кутии, агитирање и поткуп“. Вечер во наслов ја цитира изјавата на претставничката на ОБСЕ-ОДИХР: „Нашата мисија можеше да види купување гласови“, а потоа во текстот ја цитира изјавата дека „Вториот круг на претседателските избори беше добро спроведен и помина во мирна и спокојна атмосфера“. Слободен печат ја објавува честитката од САД до новоизбраниот претседател, Стево Пендаровски.

Видете и ова: Пендаровски победи, власта и опозицијата треба да му ја мислат

Насловната страница на истиот весник има наслов: „Метлата на Заев сее страв!“, а Вечер оди со наслови: „Метлата на Заев ќе фати двајца скопски градоначалници?“ и „Првите смени ќе бидат во Владата – Метлата на Заев ќе ги исчисти кадрите на Шекеринска и пасивните за време на изборите“. Независен го цитира вицепремиерот Османи: „’Метлата‘ на Заев претставува понижување и навреда не само за ДУИ, туку и за другите партнери во коалиционата влада“.

Продолжуваат преговорите меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во врска со разликите за Законот за јавно обвинителство. Вечер насловува дека „Нема поместување во однос на разликите“ и ја цитира министерката за правда, Рената Дескоска: „За Министерството за правда не е прифатливо внесување одредба во законот што ќе значи скриена амнестија“. Инаку, договорот за овој закон е еден од условите за добивање позитивен извештај од Европската комисија. Независен ја цитира Дескоска за разговорите во врска со СЈО меѓу работните групи: „Ѓаволот е во деталите“. Нова Македонија, Слободен печат и Независен информираат за изјавата на обвинителката за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска: „Интерпол одбива да ја објави меѓународната потерница за Никола Груевски“. Вечер цитира друг дел од изјавата на Русковска: „Водиме предистрага за актуелни функционери“. Вечер ја пренесува и изјавата на претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска дадена во Топ тема на ТВ Телма: „Антикорупциска ќе отвора случаи за ’Глобал‘ и за ’Едно евро за Вицето‘, ние работиме по пријави и неселективно“.