Папата Франциск на новинарите кои патуваа со него во папскиот авион на враќањето во Рим изјави дека не бил воопшто изморен од тридневната посета на Бугарија и Северна Македонија.
82-годишниот папа рече дека е вчудоневиден од многу работи додека патувал низ светот, но оти две особено го погодиле во Бугарија и во Северна Македонија.
Една од нив, како што рече тој, била средбата со калуѓерките во спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје.
„Ние сме навикнати да се навредуваме, политичарот го навредува другиот, соседот го навредува другиот, дури и во семејствата се навредуваат едни со други. Не знам дали постои култура на навреди, но секако навредата е нешто што ние лесно ја користиме. Дури и лошо да се зборува за другите, да се клевети. Да ги видите овие монахињи кои се грижеа за секој човек како да е Исус“.
Кроткоста на монахињите и нивниот третман кон сиромашните беше особено импресивна, рече тој, наведувајќи дека со нив имал можност да го види „мајчинството на црквата“.
„Тоа е една од најубавите работи, да се најде мајчинството на црквата. Денес, тоа го чувствував, и благодарам на Македонија за тоа што го имав ова богатство во градот Скопје“.
Папата Франциск како второ импресивно искуство ја наведе посетата нацрковната заедница во Бугарија која се грижи за 249 деца.
„Црквата се грижи за децата, тие мора да растат, тие се ветување. И затоа се чувствував многу силно. Почувствував во тој момент дека тие 249 деца се иднината на црквата, тие се иднината на Бугарија“.
Папата Франциск одржа заедничка служба за овие деца во Раковски. Тоа мал град во Бугарија во кој живее најголемата римокатоличка заедница во таа земја. Во Бугарија има помалку од 60.000 католици.
Една од целите на тридневната посета на папата во Бугарија и Северна Македонија беше да ги подобри врските со православните цркви како дел од обидите на Ватикан за евентуално единство меѓу источните и западните ограноци на христијанството што се разделија во 1054 година.