Достапни линкови

Соживотот во Северна Mакедонија е пример во Европа


Папата Франциск во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Папата Франциск во Скопје

Република Северна Македонија е мост меѓу Истокот и Западот и место каде се среќаваат голем број културни струи и претставува олицетворение на карактеристиките на регионот, истакна папата Франциск во обраќањето пред државниот врв и дипломатскиот кор во „Вила Водно“.

Државата со највисоки почести го пречека папата Франциск во претседателската вила на Водно од каде во својот говор тој земјата ја нарече пример за мирен соживот и мост меѓу Истокот и Западот. Високиот гостин од Ватикан истакна дека овие карактеристики се исто така од огромно значење за интеграцијата со европските народи.

Обракајќи им се на официјалните претставници на државата, на дипломатскиот кор и цивилниот сектор, тој рече дека земјата е мешавина на култури како и на етнички и религиозни идентитети, кои довеле до мирен и траен соживот. Папата апелираше земјата да продолжи на тој пат со цел да претставува светилник на мирот, прифаќањето и плодна интеграција на култури, религии и народи.

„Овие посебни карактеристики, се исто така од огромно значење за интеграцијата со европските народи. Се надевам дека оваа интеграција ќе се развива на начин што ќе биде придобивка за целиот регион на Западен Балкан, преку постојано почитување на различноста и основните права. Вашата земја е пример за мирен соживот. Ова е важно за поттикнување кон што побрзо интегрирање кон ЕУ“, рече папата Франциск.

Поглаварот на Католичката црква Франциск кој пристигна со 30 члена делегација од Ватикан, во претседателската палата го поздравија Гардата и воениот оркестар со интонирање на химната на двете земји.

Тој на крајот се заблагодари на топлиот пречек со зборовите „Господ нека ја заштити и благослови Северна Македонија, да го зачува единството и да и даде благосостојба и радост“, истакна папата Франциск.

Претседателот Ѓорге Иванов, во обраќањето, ги повика граѓаните на помирување и простување и порача дека присуството на папата може да помогне, како што рече, во духовната обнова на земјата. Тој државата ја нарекуваше со името Република Македонија, а зборувајќи за актуелната политичка ситуација рече дека папата доаѓа во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениската блокада на нашиот европски пат доведе до политички и морални кризи кои го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности. Црквата и џамијата служат за злоупотреби како граничници, тврдини за маркирање и бранење на замислени територии, како да се заборава дека сите ние сме луѓе без разлика на нашата вера, рече Иванов.

„Затоа како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина“, порача Иванов.

Во земјава има под еден процент католици, а најпознато лице од нашата земја е хуманистката скопјанката Мајка Тереза која е прогласена за светица. Тоа беше уште еден мотив за посетата на високиот гостин од Ватикан кој изрази задоволство дека во нејзиното родно место ќе и оддаде почит.

Папата го истакна и напорот што го направи државата во прифаќањето на мигрантите од Блискиот исток за време на бегалската криза.

Авионот нa папата изутрината слета на аеродромот во главниот град каде го пречекаа неговиот домаќин претседателот Иванов и премиерот Зоран Заев.

Посетата е проследена со засилени мерки на безбедност, а освен градот својот лик изутрината го разубавуваше и претседателската палта на Водно.

По посетата на претседателската вила, папата со автомобилот се упати кон плоштадот во центарот на градот на мисата го поздравија 15 илјади граѓани кои дојдоа да го видат одблиску.

Ова е прва посета на еден папа на земјава која доаѓа во важен историско-политички момент на државата, која е на чекор пред полноправно членство во НАТО и очекува датум за преговори со ЕУ, по потпишување на договорот со Грција со кој се промени името.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG