Неделници - Економски бум, предвремени избори и СЈО

Архивска фотографија - Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО.

Кои реформи се потребни за посакуваниот економски бум, прашува неделникот Капитал. Глобус се осврнува на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за распишување вонредни парламентарни избори, а Фокус прашува - Ќе го потоне ли Катица Јанева СЈО?

Капитал - Реформи за економски бум

„Политичките пречки надминати, се чекаат структурните реформи“ – е насловена анализата во новото издание на Капитал во која се поставува прашањето: „Кои реформи се потребни за посакуваниот економски бум“. Неделникот го цитира премиерот Зоран Заев од обраќањето на прес конференцијата кога Македонија, со изгласувањето на Уставните амандмани, го заврши својот дел од обврската од Преспанскиот договор со Грција, дека Владата сега го насочува сето внимание кон домашните прашања изразувајќи го очекувањето од сите негови министри, од сите градоначалници, зашто мора да се направат и неколку клучни реформи што ќе ги подобрат условите за водење бизнис, кои, пак, ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните. Тој ги наведе инвестициите во инфраструктурата, борбата против корупцијата, даночните реформи, подобрите услуги од јавната администрација...

Во својата главна тема Капитал го наведува мислењето и на универзитетскиот професор Марјан Петрески кој како главна фалинка на Македонија ги наведува некредибилноста на институциите и недостигот од владеење на правото, наназад десетина па и повеќе години, така што, вели професорот Петрески, „нам ни е потребна токму таква надворешна сила, како што е процесот на зачленување и самото членство во ЕУ“.

Фрејк Јанмаат, пак, шеф на одделот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ во Македонија, смета дека најголемиот предизвик со кој се соочува земјава е образованието во кое се забележува дека не котира добро кога се споредува со образовните системи во различни земји и дека постои разидување во вештините, меѓу оние што ги имаат студентите кога излегуваат од училиштата или универзитетите и вештините што ги бараат бизнисите. Како втор проблем и претставникот на ЕУ во Македонија го наведува владеењето на правото, а преговорите на земјата со Унијата несомнено може да помогне бидејќи ќе ги направи потребните реформи поконкретни, анализира покрај другото Капитал.

Глобус - За Мицкоски изборите се само ново делење на картите

Онлајн магазинот Глобус се осврнува на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за распишување вонредни парламентарни избори, веднаш, и вели дека „За Мицкоски изборите се само ново делење на картите“ и дека „опозициската партија е длабоко поделена одвнатре, без коалициски капацитет, отуѓена од потребата да има јасна визија за општеството и со никаков меѓународен углед, па се обидува политичките процеси да ги гледа како очаен и банкротиран коцкар – само уште една рака, уште едни избори, сега секако ќе имам среќа... Не одговара, се разбира, никогаш“, продолжува Глобус, „како би ја бранела независноста и границите на Македонија и со кого!

Фокус - Ќе го потоне ли Катица Јанева СЈО?

Кои се економските партнери на земјава и каде би ги барала“. Фокус со главната, критички ориентирана тема на насловната страница: монтирана фотографија на раководителката на СЈО, обвинителката Катица Јанева и нејзините помошнички, специјалните обвинителки, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска, со маички со силуети со нивни апликации и со наслов: „Што ќе натежне на кантарот, правото или политиката? – Ќе го потоне ли Катица Јанева СЈО?“ Поентата на темата со прилично критичен призвук: „По бегството на Груевски и отворањето на капијата на ’Шутка‘ за да излезат Мијалков и Камчев, сета доверба и репутација што Специјалното јавно обвинителство ја градеше, се сруши како кула од карти“. Па поставува прашање: „Зошто Јанева прво го улови пленот, а потоа и го ослободи, засега само се шпекулира. Наместо криминалци зад решетки, ќе добиеме ли скапо платен театар за народот?“ поставува сериозно прашање Фокус алудирајќи веројатно на големите финансиски средства потрошени за ова време колку што се основа СЈО.