Достапни линкови

Се редат бегалци од Македонија, одговорност нема


МВР распиша потерница по Никола Војминовски
МВР распиша потерница по Никола Војминовски

Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 ипол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села е во бегство, а МВР распиша меѓународна потерница. Војминовски беше во куќен притвор до правосилност на пресудата.

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница за Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 ипол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на настаните во Собранието на 27 април, 2017 година.

Со бегството на Војминовски се отвора прашањето кој потфрли и дали некој ќе сноси одговорност. Кривичниот суд соопшти дека надлежната полициска станица, која вршела надзор над спроведувањето на мерката куќен притвор го известила Судот дека Војминовски не бил пронајден во неговиот дом, по што е издадена и меѓународна потерница.

Од МВР велат дека постапуваат по издадената наредба од Судот.

„Постапуваме по наредбата од Судот и распишаната меѓународна потерница и се преземаат сите потребни мерки за пронаоѓање на лицето“, соопштуваат од МВР.

Војминовски во јули, минатата година беше осуден на највисоката казна во случајот во кој беа обвинети седум лица. Обвинителот Дарко Јакимовски претходно побара за Војминовски и за уште еден обвинет, Александар Јаневски -Тошта, кој беше осуден на 13 години затвор, притворот да им се замени со куќен притвор поради нивната влошена здравствена состојба.

Судот тогаш го прифати предлогот на обвинителот Јакимовски. На изрекувањето на пресудата беше донесена одлука Војминовски и Јаневски да останат во домашен притвор до правосилност на пресудата.

„За кривични дела убиство и обид за убиство во праксата секојпат се определувал притвор без разлика на други работи. Во секој случа,ј по мое мислење како долгогодишен обвинител, требало обвинителот во случајот до бара притвор до правосилноста на пресудата. Сигурно не му била толку загрозена здравствената состојба, ако му била, тој ќе бил сместен во здравствена установа“, вели поранешниот обвинител Костадин Кизов.

Од Основното јавно обвинителство соопштија дека поради кардиоваскуларни проблеми на обвинетиот, Кривичниот совет на Судот го прифатил предлогот за куќен притвор. За состојбата на обвинетиот, како што соопштуваат јавноста неспорно можела да се увери кога на едно од рочиштата тој колабирал и интервенирала итната медицинска помош. До надлежниот јавен обвинител, според соопштението, не биле доставени никакви податоци или информации за евентуално бегство на обвинетиот.

Во меѓувреме, поминаа шест месеци од пресудата, а Апелациониот суд се уште не се изјаснил по жалбите.

„Тоа е веќе друга инстанца и Судот треба да каже зошто толку време не ја разгледал жалбата. Се работи за кривично дело обид за убиство и за истото треба второстепениот суд по жалбата да се произнесе, не во толку голем временски рок“, додава Кизов.

Според него, Обвинителството доколку сака може да покрене истрага и да ја утврди одговорноста. Во случајот Кире Ѓорѓиевски беше осуден на 13 години затвор, додека Андреј Мицов, Коста Делов, Оливер Ошавковски и Николче Димитриевски добија по 10 години ипол години казна затвор. Тие се осудени дека на Села му нанеле животнозагрозувачки повреди.

Пред Војминовски, од соочување со правдата во случаите кои и се познати на јавноста, побегнаа поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Додека бизнисменот Сеад Кочан беше во бегство, но се врати во земјата. Во ниту еден случај досега не беше утврдена одговорност за нивното бегство.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG