Достапни линкови

Груевски „ги изигра“ и власта и опозицијата


Илустрација- поранешниот премиер Никола Груевски пред Основен суд Скопје 1
Илустрација- поранешниот премиер Никола Груевски пред Основен суд Скопје 1

Сеуште нема потврда дека Груевски е во Будимпешта. Но одговорност за евентуалното бегство на поранешниот премиер Никола Груевски имаат и судиите, но и Владата, коментираат аналитичарите. Според нив политичката штета,пак, во прво време ќе ја претрпи најмногу ВМРО-ДПМНЕ.

На Фејсбук профилот на поранешниот премиер Никола Груевски, по кого е распишана потерница за издржување двегодишна затворска казна, е напишано дека тој е во Будимпешта и оти побарал политички азил од унгарските власти.

„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, напишал денеска Груевски на Фејсбук.

Ова беше објавено на верификуваниот Фејсбук профил на Никола Груевски, на кој тој и претходно објавуваше содржини.

Нема официјална потврда ниту од македонските власти, ниту од унгарската амбасада во Скопје дека Груевски е во Будимпешта и дека таму побарал политички азил.

Во секој случај ако поранешниот премиер Никола Груевски е избеган тоа ќе им наштети на сите политички сили - и на власта и на опозицијата, коментираат аналитичарите.

Евентуалното бегство му прави штета прво на него самиот, бидејќи со тоа би признал вина и би го сменил неговиот имиџ од политички маченик во криминалец, коментира политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Но, според него, можниот таков развој на настаните би им направил штета и на ВМРО-ДПМНЕ и на државните органи.

Им прави штета на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи е тешко да се застане зад политичар кој избегал од соочувањето со правдата колку и тоа да го нарекуваат политички прогон, а истовремено им прави штета и на органите на прогонот кои не може да го најдат”, вели Арсовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак, вели дека од таквиот потег штета ќе има и владата, односно поконкретно Министерството за внатрешни работи поради неуспешниот обид да го најде. Ова не е прв случај во кој се трага по лице за кое постапка води Специјалното јавно обвинителство. Во изминативе две години, границите на Македонија, во период во кој против нив се водеа постапки, ги напуштија поранешните вработени во Управата за безбедност и контраразунавање Никола Бошкоски и Горан Грујевски и бизнисменот Сеад Кочан.

Според Муслиу, не може да се повлече паралела оти како што вели Груевски е случај од „висок калибар” за кој се знаело дека се наближува фазата на пресуда. Затоа, додава тој некој од таа хиерархија во МВР ќе мора да одговора што покажал неодговорност во случајот.

„Дали таа хиерархија ќе оди од министерот па се до последниот кој бил одговорен за целиот тој процес да го изменаџира треба да се види, но во секој случај ова е црна дамка за целата влада како се случило осуденик од таков профил да не можат да го најдат или евентуално да е надвор од државата”, вели Муслиу.

Првиот човек на МВР Оливер Спасовски, пак, рече дека не размислува за оставка посочувајќи дека одговорноста требала да се бара кај судиите кои не одредиле мерка притвор за човек кој, како што рече, е осомничен за повеќе кривични дела, а згора на тоа бил отсутен.

Одговорноста е поделена. Таа и кај судот кој не преземал построги мерки за обезбедување присуство, но одговорна е и извршната власт која има одговорност да го обезбеди неговото присуство. Нема да може ниту еден од нив да избега од својата одговорност особено ако се работи за ваков случај од висок профил”, вели Арсовски.

На краток рок, аналитичарите сметаат дека ова може да му донесе некаков политички ќар на СДСМ, бидејќи евентуалното бегство на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија ја прави лесна мета за дневни политички напади. Но, ВМРО-ДПМНЕ е можно да направи разлика со Груевски, кој како што велат, им одмага во процесот на ребрендирање на партијата кој веќе го почнаа.

Заев:Не знаме дали Груевски е во бегство

Заев:Не знаме дали Груевски е во бегство
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG